ПОВЕЌЕ

    Регулаторна тврди дека скопски Водовод барал повисока цена: Водата нема да поскапи?

    Време зa читање: 2 минути

    Никој не сака да се случи поскапување на водата – произлегува од неколкудневните недоразбирања меѓу ЈП „Водовод и канализација“ и Регулаторната комисија за енергетика. Откако минатата недела регулаторите одлучија просечната тарифа на водата да се зголеми за 3,22 денари, од Водовод демантираа дека е тоа по нивно барање. Денес, повторно се огласи Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ.

    „Барањето за поскапување на водата е поднесено од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во текот на ноември минатата година и ние не сакаме да се натегаме дали поднеле или не поднеле барање. Фактите се јасни, ние донесовме одлука согласно нивното барање. Тие бараа минималната цена да биде околу 30, а максималната 57 денари“, категоричен е Бислимоски.

    Притоа додаде дека со оглед на тоа што цената на електричната енергија за јавните комунални претпријатија е субвенционирана од државата и мерката ќе продолжи и во наредните три месеци, веќе донесената одлука ќе претрпи корекција. „Минималната цена која ќе ја донесеме во четврток ќе значи намалување на цената за вода во Град Скопје, додека максималната ќе биде таква каква што е. Оставаме на Водовод Скопје и нивниот Управен одбор да донесе одлука врз основа на нашата одлука, а потоа таа треба да се испрати до Советот на Град Скопје“, рече Бислимоски.

    Исто така, тој го коментираше и поднесеното барање од Охрид за зголемување на цената на водата за околу 70 проценти. „Тоа го разгледуваме, но кога некој ќе поднесе барање за зголемување на цена од 70 проценти нема реалност. Пред да се поднесе вакво барање треба да се мисли. Ние нема да дозволиме да се зголеми цената за 70 проценти за да може јавните комунални претпријатија, не само во Охрид, туку насекаде низ државата, да бидат фабрика за вработување, бидејќи на крај ќе немаме вода“, дециден е претседателот на РКЕ.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично