ПОВЕЌЕ

    РЕГИОНАЛНИОТ КАПИТАЛ ВО МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА: 1.056 фирми и над милијарда евра приходи

    Време зa читање: 5 минути

    Капиталот од земјите од Западен Балкан има видливо присуство во македонската економија. Вкупно 1.056 активни трговски друштва во земјава имаат барем еден сопственик од Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина или Црна Гора.

    Според податоците на БизнисМрежа за 2024 година, овие компании оствариле вкупни приходи од 67,5 милијарди денари, односно 1,1 милијарда евра, реализирале добивка од 4,1 милијарда денари или 66,2 милиони евра и вработуваат 8.320 лица.

    Најголем удел има капиталот од Србија, додека по бројност следуваат компаниите со косовски и албански капитал. Во продолжение е наведено што произлезе од анализата на Пари.

    СРБИЈА: НАЈМНОГУ КОМПАНИИ, НАЈВИСОКИ БРОЈКИ

    Компаниите во кои е влезен српски капитал се најбројни и економски најмоќни меѓу регионалните инвеститори присутни во Македонија. Тие генерираат речиси половина од вкупните приходи, висината на добивката ги позиционира како најпрофитабилна група, а се и најголеми работодавачи.

    Конкретно, активни се 503 трговски друштва, кои во 2024 година постигнале промет од 30,2 милијарди денари, односно 490,8 милиони евра. Профитот од работењето во тој период изнесувал повеќе од 2,1 милијарда денаrи, или речиси 35 милиони евра. Кај сите нив биле ангажирани 3.831 лице, со вкупна исплатена плата по вработен од 202 илјади евра.

    Извор: БизнисМрежа

    КОСОВО: ВТОРА ПОЗИЦИЈА ПО БРОЈНОСТ И ПРИХОДИ

    Компаниите со капитал од Косово се втората по големина група според број на активни субјекти. Приходите и податокот за бројноста на вработените даваат слика за нивниот сериозен удел во македонската економија.

    Заедничкиот приход на 314-те фирми со косовски капитал е 18,3 милијарди денари (над 299 милиони евра), а добивката над 713,2 милиони денари (11,6 милиони евра). Тие вработуваат повеќе од 2.500 лица. Вкупната исплатена плата по вработен е 82,5 илјади евра.

    Извор: БизнисМрежа

    АЛБАНИЈА: ПОМАЛКУ ФИРМИ, СОЛИДНА ДОБИВКА

    Во Македонија се активни 159 трговски друштва со албански капитал. Во текот на 2024 година сите тие оствариле приход од 14,3 милијарди денари или 231,9 милиони евра. Чистата заработка им била 884,5 милиони денари, што е противвредност на 14,4 милиони евра. Сите тие фирми функционирале со 1.168 вработени, чијашто единечна плата по вработен изнесувала 95,3 илјади евра.

    Бројот на компаниите со албански капитал е речиси трипати помал од српските. Сепак, според профитабилноста се пред второрангираните – косовските, без оглед на пониските вкупни приходи.

    Извор: БизнисМрежа

    БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА: ПОМАЛ СЕГМЕНТ, СОЛИДНИ РЕЗУЛТАТИ

    Компаниите со капитал од Босна и Херцеговина се значително помалку на број, но со релативно стабилни финансиски показатели. Станува збор за 44 активни трговски друштва коишто функционирале во 2024 година, кога реализирале заеднички приходи од 3,9 милијарди денари (62,9 милиони евра). Оттаму произлегува вкупната добивка од над 303 милиони денари или 4,9 милиони евра. Активностите ги изведувале со 654 вработени. Платата по вработен била во вкупен износ од 17,9 илјади евра.

    Овој сегмент е најмал меѓу поголемите економии од Регионот, чијшто капитал е застапен во нашата земја, но покажува солидна профитабилност.

    Извор: БизнисМрежа

    ЦРНА ГОРА: НАЈМАЛКУ КОМПАНИИ, НАЈНИСКИ ПОКАЗАТЕЛИ

    Со приходи позиционирани под прагот на една милијарда денари и со ниска заедничка добивка, компаниите со црногорски капитал имаат најмал економски отпечаток меѓу анализираните земји од Регионот.

    Капиталот од Црна Гора е застапен во 36 активни трговски друштва, кои во 2024 година ги постигнале следниве резултати: вкупни приходи од 739,6 милиони денари, односно 12 милиони евра; вкупна добивка од 28,6 милиони денари, сума што соодветствува на 465,2 илјади евра. Тоа го одработиле 138 лица, додека вкупната плата по вработен изнесувала 10,9 илјади евра.

    Извор: БизнисМрежа

    Што се однесува до нивните просечни бонитетни оцени (ED, E и DE), тие упатуваат на различното ниво на финансиската стабилност и кредитната способност на компаниите. Притоа, повисоката бројчена вредност сигнализира подобра деловна сигурност и, воедно, понизок ризик. Според ова, компаниите со капитал од Босна и Херцеговина имаат највисока просечна оценка (DE 48,48).

    Капиталот дојден од анализираните земји од Западен Балкан има реално и мерливо учество во македонската економија. Приходите од над една милијарда евра, заедно со бројот на работно ангажираните лица се доволен показател за нивната улога во деловната структура и за очигледниот економски придонес.

    М.А.

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично