ПОВЕЌЕ

    Ред, работа и дисциплина – насоки за повисок раст и понизок јавен долг

    Време зa читање: 5 минути

    Структурните реформи, пред се во образованието и здравството, заедно со инвестициите во инфраструктурата и во зелената транзиција, како и предвидливите фискални политики и примената на среднорочни фискални стратегии, се основата за поголем економски раст. А, до помал буџетски дефицит и до пониско ниво на јавен долг може да се дојде доколку се следи правилото – се штеди во услови кога економијата се подобрува, за потоа, во услови на криза да се троши со цел стимулирање на развојот.

    Последниве три децении македонската економија има низок раст од просечни 2,2, а во најуспешните години просекот бил 2,6 проценти. Што се однесува до јавниот долг, во моментот надминува 70 отсто, иако црвената линија е 60 проценти. Неговата годишна стапка на раст е седумпроцентна во услови на спроведуваната експанзивна политика.

    Тоа се согледувањата од дебатата организирана од Фискалниот совет на Република Северна Македонија и Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, на која беа презентирани наодите од студијата насловена „Фискална дисциплина и ефикасност на фискалните правила во Северна Македонија: патот кон одржливост“. Анализата го опфаќа периодот од 2008 до 2024 година. Податоците за јавниот долг и буџетските приходи и расходи се од завршните сметки, а за 2024 и за периодот до 2029 од Фискалната стратегија за 2025-2029 година.

    Кога станува збор за фискалните правила, кои буџетскиот дефицит го ограничуваат на 3% од БДП, а јавниот долг на 60% од БДП, датираат од 2022 година, кога се воведоа со Законот за буџети. Во студијата се наведува дека правилата се воведени за самоограничувања од носителите на економските политики кои што треба да обезбедат фискална стабилност, оптимално ниво на јавен долг, со што треба да се придонесе кон одржување на макроекономска стабилност и долгорочно одржлив економски раст. „И покрај тоа што во анализираниот период овие правила не беа во примена, авторите анализираат како може да се оцени фискалната политика доколку тие би биле во сила, со цел, да се дојде до валидни сознанија за управувањето со јавните финансии во периодот што следи“, пишува во студијата.

    Притоа се согледува дека отпочнувањето со имплементација на фискалните правила наишло на одредени предизвици.

    „Во анализираниот период, вкупниот јавен долг без вклучени достасани а неизмирени обврски  има просечен годишен пораст од 7 проценти, и на крајот од 2023 година го надминува прагот од 60% од БДП. За крајот на 2024 година е проектиран да достигне 66,4% од БДП, а заедно со достасаните и неизмирени обврски 70,8%. Истовремено, во повеќе од половина од анализираните години, дефицитот е повисок од фискалното правило од три проценти од БДП, а честите ревизии на првично поставените цели укажуваат на слабости во прецизното планирање, прекумерна проекција на приходите и тешкотии во управувањето на расходите. Тоа го стеснува просторот за контрациклична политика и кризен браник на среден рок“, се посочува во студијата.

    Кај среднорочната фискална стратегија, креаторите на анализата забележуваат: „Иако фискалните стратегии ја поставуват целта за буџетскиот дефицит и јавниот долг, честите ревизии го намалуваат кредибилитетот на поставените цели и оневозможуваат доследно исполнување на фискалните цели. Како  резултат на тоа, годишното планирање се фокусира на краткорочни мерки, што ги прави буџетските проекции ранливи“.

    Експанзивните фискални мерки применувани во поволен економски амбиент влијаеле врз продлабочувањето на јавниот долг.

    „Анализата покажа дека експанзивната фискална политика се применува во текот на целиот анализиран период. Гледано од тој аспект, фискалната политика не е само во контрациклична функција, да изврши стабилизација на економските циклуси, туку е во функција на одржување на висока агрегатна побарувачка. Тоа доведува до зголемени трошоци, во форма на буџетски дефицити и зголемен јавен долг, доколку би се користела само во контрациклична функција.

    Во услови на економски подем се користат експанзивни фискални мерки кои дополнително го зголемуваат јавниот долг, што ја намалува флексибилноста на буџетот во економски кризи.

    Исто така, идентификувани се и краткорочни осцилации на фискалната политика корелирани со политичкиот изборен циклус“, нотирано е во студијата.

    Проблематичен е и растот на фиксните расходи. Пред се во делот на платите и пензиите, кој е повисок од растот на приходите и од реалниот раст на БДП. Ова создава ризик од зголемување на структурниот буџетски дефицит и потреба од задолжување.

    Во моментов, 30 отсто од буџетот оди во Фондот за пензиско, а следната година, со зголемувањето на пензиите, ќе надмине 37 проценти. Тоа е неодржливо, предупреди престедателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, и додава дека мора да има консолидација. За буџетот е неодржливо постојаното префрлување милиониски суми со кои се покриваат дупките во фондовите за здравствено и за пензиско осигуруивање. Оттаму и предлогот да се постави горен лимит.

    Идната година ќе имаме буџетски дефицит од четири проценти и проекција на раст од 3,7 насто, но вели Благица Петрески, главниот економист и извршен директор на Finance Think, „и понатаму гледам дека постои простор во целата 2025 година да се работи на поструктурна консолидација на буџетот, во делот на субвенциите и трансферите, кај социјалните бенефиции, и можеби во делот на платите“.

    За поголем економски раст се нужни структурни реформи, но и предвидливи фискални политики и примена на среднорочните фискални стратегии. Како што најави министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, во таа насока ќе се менува Законот за буџети, ќе се следат и јавните финансии, па министрите нема да можат самите да одлучуваат на што ќе ги трошат парите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично