Речиси 20 милиони патници опслужиле аеродромите во земјите на поранешна Југославија за првите седум месеци од годината, а само во јули низ три од нив поминале 4,95 милиони патници. Комерцијалниот аеродром во Сараево имал најголем пораст на патнички сообраќај од преку 37 проценти на месечна основа во јули, додека истовремено аеродромот во Тузла имал најголем пад од речиси 75% во споредба со истиот период лани, според податоците кои ги објави специјализираниот сајт ЕксЈу Авиејшн.
За време на периодот јануари – јули, белградскиот аеродром е рангиран како 70-ти најфреквентен на континентот, веднаш зад Базел, Рејкјавик и Ларнака, но пред Глазгов, Софија и Солун. Загреб влезе во топ 100, Приштина го зазеде 106. место, додека Скопје се рангираше дури на 127. место.
Со над еден милион дополнителни патници до крајот на јули во споредба со минатата година, Хрватска е најбрзо растечкиот пазар во поранешна Југославија во 2024 година врз основа на бројот на додадени патници.
Во првите седум месеци од годината, комерцијалните аеродроми низ поранешна Југославија опслужувале вкупно 19.902.692 патници а меѓу нив, во текот на седмиот месец од годината, три аеродроми се издвоија по високите стапки на раст: Сараево со годишен пораст во јули од 37,2%, Тиват со раст од 33,8% и Загреб, кој имаше зголемување на бројките од 17,2%.
ВЛАДА: ПАДОТ НА БРОЈОТ НА ПАТНИЦИТЕ ЌЕ ГО РЕШАВАМЕ СО ПОИНАКОВ ПРИСТАП
Од регионалните аеродроми кои имаа недоволно работење во текот на месецот, освен тузланскиот, кој забележа пад од 74,6% , аеродромот во Ниш, имаше 27,1% помалку патници отколку во јули 2023 година, и Бања Лука, која загуби 18,3% од патниците во однос на минатата година.
Намалени бројки во однос на минатата година забележаа и низа други аеродроми, меѓу кои се Скопје, Охрид, Осиек и Риека, покажаа бројките кои ги објави ЕксЈу Авиејшн. Македонската Влада минатата недела објави сет на мерки за зголемување на бројот на патници на домашните аеродроми во кои спаѓа и субвенционирање на дестинации, а не на авиокомпании како што досега беше случај.
Вкупно 375 милиони денари Владата ќе издвои за поддршка на авиосообраќајот, за еден милион евра повеќе од досега планираното. Се зголемува поддршката од седум евра по превезен патник од скопскиот аеродром на девет евра, а на охридскиот аеродром наместо 4,5 евра како досега ќе се доделуваат 12 евра по превезен патник.