ПОВЕЌЕ

    РЕЦЕСИЈАТА ВО ПОГОЛЕМИТЕ ЕВРОПСКИ ГРАДОВИ причина за падот на прометот во македонската индустријата

    Време зa читање: 3 минути

    Повторен пад на прометот во индустријата покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во август оваа година, во однос на истиот месец лани прометот е намален за 8,9 проценти.

    Падот на прометот на индустриското производство е многу негативен показател. Без поттик и развој на индустријата ќе имаме уште поголеми проблеми со економскиот раст и со БДП, со извозот, трговскиот дефицит, а понатаму и со буџетот и финансиската стабилност на земјата

    – Прометот во индустријата, вкупно, во август во однос на јули 2024 година, е намален за 6,4 проценти. Во периодот јануари – август годинава, пак, во споредба со истиот период од 2023 има пад од 12,8 отсто.

    На домашниот пазар, прометот во индустријата во август 2024 година е помал за 9,6 проценти. Во прометот во индустријата на странските пазари има намалување од 10,5 проценти, во август годинава во оснос на август лани.

    Во август, во споредба со јули 2024, намалувањето е 6,3 проценти, додека во периодот јануари – август споредено со истиот период од 2023 година, падот изнесува 16,2 отсто.

    Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организација на работодавци на Македонија, во разговор за порталот Пари вели дека намалување на прометот во индустријата е податок кој треба сите да нè загрижи, затоа што Македонија е земја на степен на развој кога индустријата, квалитетот на производите и извозот треба да бидат носители на економскиот раст.

    -Ние, ниту сме земја која може да продава природни богатства-нафта, земјен гас, злато или други руди, ниту пак земја која може да живее од туризам, извоз на лиценци и патенти, па на крајот на краиштата ниту од извоз на оружје – објаснува Димитров.

    Според него, главни причини за падот на прометот во индустријата е рецесијата во поголемите европски држави, а особено во Германија како наш најголем трговски партнер и домашниот проблем со недостиг на квалификувана работна сила.

    А, двата проблеми не се воопшто едноставни и лесни за решавање.

    -Замената на европскиот пазар со некои нови пазари кои имаат поголем раст е тешка задача, затоа што ние традиционално сме поврзани со европските држави и државите од околината. Влегувањето на нови пазари бара многу знаење, работа и државна поддршка – истакнува Димитров.

    Тој додава дека решавањето на проблемот со недоволната квалификувана работна сила е исто така долгорочен, најпрвин предизвикан од падот на наталитетот, но исто така и од иселувањето на млади лица надвор од државата.

    Но, како што вели Димитров за порталот Пари, ефектите од реформи во образованието и пазарот на трудот не може да се очекуваат брзо, но секако мораме да ги започнеме, затоа што без знаење нема пристап до современи технологии.

    -Најбрз ефект за подобрување на состојбите се во намалување на сивата економија, расчистување на списокот на не вработени и корисници на социјална помош, овозможување на пензионерите да работат и да ја задржат пензијата, подобрување на бизнис климата преку намалување на администрацијата, намалување на бирократските процедури, стимулирање на претприемништвото и отварање на нови брзорастечки компании. Ова се мерки кои не бараат премногу време, но не бараат ниту премногу капитал – укажува Димитров.

    Можноста за заживување на економијата со големи инфраструктурни објекти е ограничена, посочува тој, затоа што задолженоста станува сè по голема, а трошоците за камати ќе „јадат” сè поголем дел од буџетот.

    Главно е дека за потешките и непопуларни реформи треба да се има поддршка од сите заинтересирани за да може да се спроведат во што пократок временски период.

    К.М.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично