Приходи зголемени за три насто, добивка повисока за 43 насто. Тоа се резултатите од минатогодишното работење на Пекабеско, остварени преку продажбата на сувомесните производи од сопствено производство и од дистрибуцијата на храна и цигари, со опфат на повеќе од 400 производи. Тие се наменети за домашниот и за регионалниот пазар.
Според неревидираниот биланс на успех, вкупните приходи од работењето достигнале околу 100,1 милион евра. Најголемиот дел од приходната страна – 98,8 проценти, е обезбеден од продажбата на готови производи, стоки и услуги. Со вредност од над 99 милиони евра и со годишна промена од, исто така, три насто.
Во тие рамки, од домашниот пазар се инкасирани 85,8 милиони евра, проследени со четирипроцентно годишно зголемување. Приходите, пак, од извозот лани достигнале 13,2 милиони евра. Намалени се за два отсто во однос на претходната 2024 година.
Во истиот период, вкупните расходи на компанијата изнесувале 96,4 милиони евра. И во овој сегмент е забележан раст од три насто.
Компанијата во текот на годината реализирала инвестиции во основни средства во износ од 4,3 милиони евра. Најголемиот дел од вложувањата се однесуваат на опрема за производство на електрична енергија, односно фотоволтаична централа, како и на нова производствена опрема, товарни и патнички возила и градежни објекти.
На крајот од минатата година Пекабеско функционирал со 427 вработени, што е за 10 повеќе во споредба со 2024 година.
Од компанијата најавуваат дека во наредниот период ќе продолжат со инвестиции во нова автоматизирана производствена опрема, со цел зголемување на продажбата на домашниот и на странските пазари.
Аналитика








