Вкупните депозити во ноември се зголемени за 7,2, а кредитите за 5,2 насто. Растот е на годишно ниво и произлегува од активностите и на корпоративниот и на секторот домаќинства, но и кај штедењето и кај задолжувањето поголем е уделот на граѓаните.
Податоците од Народната банка за монетарните движења покажуваат дека во ноември депозитите се во вкупен износ од 513,622 милиони денари (8,33 милијарди евра). На корпоративниот сектор се 151,501 милион денари (2,45 милијарди евра), а домаќинствата депонирале 336,964 милиони денари (5,47 милијарди евра). Кај кредитите состојбата е 438,977 милиони денари (7,12 милијарди евра), од кои компаниите должат 208,241 милион денари (3,38 милијарди евра), а граѓаните 228,172 милиони денари (3,7 милијарди евра).
Инаку, вкупните депозити во претпоследниот месец од годинава бележат месечен раст од 0,9 проценти, и во случајот поизразен е придонесот на корпоративниот сектор. Помало е месечното придвижување кај кредитите – 0,3 проценти, кое во целост е резултат на домаќинствата.
Во текот на ноември корпоративниот сектор ги зголемил депозитите за 2,1 насто. Таа промена, посочуваат од Народната банка, пред сè се должи на повисоките депозитни пари, при позитивен придонес кон растот и на краткорочните депозити во денари и во странска валута. Годишниот раст, пак, е 9,8 проценти и во поголем дел е резултат на зголемените краткорочни девизни депозити.
Кредитите на компаниите имаат минимален месечен пад од 0,1 отсто, а произлегува од намаленото кредитирање во странска валута. На годишна основа евидентирано е зголемување од 3,8 проценти, кое сосема се базира на денарските кредити.
Зголемени се и депозитите на населението, за 0,4 насто во ноември, а тоа е резултат на повисоките депозитни пари и на долгорочните денарски и девизни влогови. Прчините се исти и за годишниот раст од 7,1 насто.
Што се однесува до кредитите на домаќинствата, минатиот месец се зголемени за 0,7 проценти. Забележан е повисок степен на кредитирање и во денари и во девизи, но предност има задолжувањетово домашна валута. Годишниот раст е 6,5 насто, во добар дел поради зголеменото кредитирање во странска валута, иако има движење по нагорна линија и кај кредитите во денари.
Според намената, најзастапените – потрошувачки и станбени кредити имаат месечно зголемување од 0,7 и еден процент, додека на годишна основа – 6,1 и 10,3 проценти.
Податоците од Народна банка покажуваат дека во ноември има раст и кај одобрените кредити за купување автмобил, за 1,7, а годишно за 8,3 насто.
Месечен и годишен пад е регистриран кај задолжувањето преку кредитни картички – за 0,3 на месечно и за 3,8 отсто на годишно ниво. Негативните салда на тековните сметки во ноември се пониски за 0,7 проценти на месечна основа, додека на годишна основа се со од 4,8 насто.
За кредитите одобрени по други основи се посочува дека се намалени и на месечна и на годишна основа – за 2,3, односно за 17,8 отсто.
Минатиот месец има зголемување на паричната маса за 0,7 насто, што првенствено се образложува со растот на депозитните пари. Наспроти тоа, намалена е готовината во оптек. Споредено на годишна основа, паричната маса е повисока за 4,1 насто.
.