Скопски „Адинг“ ја има акцијата која во првата половина од годинава остварила најголем раст на вредноста. А, акцијата на „Раде Кончар“ се префрлила од негативната на позитивната листа.
На 28 декември лани просечната цена на акцијата издадена од „Адинг“ изнесувала 1.000 денари. Шест месеци подоцна, на 30 јуни, берзанската статистика забележала просек од 1.600 денари. Зголемувањето од 60 проценти и го обезбедува првото место меѓу топ 5 акциите со најголем раст на вредноста.
На оваа листа не е нова акцијата на Комерцијална банка. Ја имаше и на претходната, на крајот од 2023. Тогаш беше на петтата, а сега е на втората позиција. Има раст од 52,3 насто. Или, од просечните 14.226,83 денари, се искачила на 21.699,66 денари.
Акцијата на „Раде Кончар“ се издвојува по тоа што успеала минусот да го претвори во плус. И од последното место во друштвото на акции со најголем пад (од крајот на минатата година) да дојде на третото место. Сега просечната цена е 2.000 денари, а била 1.400. Растот е 42,86 проценти.
Следува РЖ „Техничка контрола“ Скопје, чија акција има просек од 500 денари. Нивото е достигнато со зголемувањето за 36,24 проценти. Претходната просечна вредност била 367 денари.
На последното место меѓу успешните е рангирана акцијата на „Македонијатурист“. Просечната цена е зголемена за 36,19 насто, од 4.774,12 денари на крајот од 2023 на 6.502 денари по првиот полугодишен дел од 2024.
Статистичкиот билтен на Македонска берза кој го опфаќа тој период покажува дека најголемото опаѓање на вредноста е регистрирано кај акцијата на „Либерти“. Се работи за минус од 56,52 проценти и за цена која била 46, а сега е 20 денари.
Со негатива од 45 отсто е акцијата на ФЗЦ „11 Октомври“ од Куманово. Тоа претставува пад од 400 на 220 денари.
Сите досега споменати акции се обични, а на третата и четвртата позиција од оваа листа се рангирани приоритени акции.
Едните се на „Скопски пазар“ и бележат намалување од 29,39 проценти. Просечната вредност од 5.665 денари се спуштила на 4.000 денари.
Приоритетни акции, пак, на Стопанска банка Скопје имаат просечна цена од 765 денари (претходна 800), и пад од 5,50 проценти.
Кај обчните акции на „Македонија осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп“ запишан е минус од 2,99 отсто. Ако на 28 декември цената била 1.237 денари, на 30 јуни просечната вредност е 1.200 денари.
КОИ СЕ ПЕТТЕ АКЦИИ ШТО ПРАВАТ 57 проценти од берзанскиот промет?