
Членовите на Управниот одбор на Алкалоид се стекнале со дополнителен пакет акции издадени од компанијата. Раководната петорка, како потврда за довербата во резултатите на фармацевтската компанија со која управуваат, инвестирала во вкупно 950 хартии од вредност.
Предводникот на тимот, генералниот директор и претседател на Управниот одбор, Живко Мукаетов, купил 300 обични акции. Според информацијата објавена на Македонска берза, по оваа трансакција во негова сопственост се 131.300 обични акции, или 9,17 отсто од акционерскиот капитал.
Тројца членови на Управниот одбор се стекнале со по 200 акции. Со таа промена, директорот на Финансии, Виктор Стојчевски, сега поседува 0,70 отсто, директорот на Службата за општи работи, Ќире Ицев – 0,69 отсто, а директорот за акционерство и имотни прашања, Ѓорѓи Јованов, во моментот располага со 0,43 отсто од акциите.
Оливера Панева, која е одговорна за обезбедување квалитет и за интегрираниот менаџмент-систем на Алкалоид на корпоративно ниво, купила 50 акции, по што има удел од 0,03 отсто.
Датумот на порамнување на трансакциите е 5 март. Според берзанските информации, вчерашната просечна цена на фармацевтската акција изнесувала 27.740,52 денари. Акцијата на Алкалоид е меѓу петте најтргувани и најликвидни на пазарот. Минатата година ја заврши со просечна цена од 27.468,23 денари и со промет од 21,9 милиони евра.
Што се однесува до ланските деловни резултати, најголемата фармацевтска компанија оствари рекордна продажба од над 339 милиони евра, извоз од 221 милион и добивка од 32,3 милиони евра.
Аналитика








