ПОВЕЌЕ

    Работа на брод чекаат над 1000 Македонци, крузерите во криза уште две години

    Време зa читање: 3 минути

    Една од најпогодените индустрии од светската здравствена криза е бродската крузерска индустрија. Иако во повеќе наврати беше најавувано дека големите прекуокеански бродови познати како крузери, ќе стартуваат со работа, почетокот неколкупати беше одложуван поради влошување на ситуацијата со Ковидот. Крузерите може да примаат над 3000 гости, а беа доста атрактивни бидејќи туристите освен што се забавуваат во самите бродови имаа можност да посетат најатрактивни места во различни држави, до кои пристапот за транспорт е покомплициран. Во меѓувреме загубите од неработењето на овие компании, во најголем дел американски, се броеја во милијарди долари.

    Вакцинацијата против Ковидот создаде позитивни сигнали за отворање на крузерите. Работа на која чекаат и повеќе од 1000 македонски граѓани кои својата егзистенција ја обезбедуваат работејќи на овие бродови, во најголем дел како келнери.

    Иако напролет се очекува крусерите да го кренат сидрото и да запловат, менаџментот на овие компании очекува далеку послаби финансиски резултати.

    Извршниот директор на американската компанија “Карневал” со седиште во Флорида, Арнолд Доналд, во интервју за светските медиуми посочува дека кризата во индустријата за крстарење ќе продолжи до 2023.

    “Индустријата за крстарење ќе биде во криза најмалку уште две години и нема да се врати на нивото на претприемништво пред пандемијата барем до 2023 година. До крајот на оваа година, целата флота на Карневал Корпа може да продолжи со пловење, но  ќе и треба повеќе време на компанијата да се врати на деловното ниво пред пандемски, смета  извршниот директор на  „Карневал“.

    Во првиот квартал од оваа година, оваа компанија пријави поголема загуба од предвидената, бидејќи бизнисот беше скоро целосно прекинат поради пандемијата на коронарниот вирус.

    Според Зоран Кочоски, управител на “Коузон”, македонската компанија која вработува лица од Источна Европа во бродските компании, ситуацијата на бродовите многу ќе зависи од вакцинацијата.

    -Секојдневно имаме он-лајн состаноци со неколку бродски компании. Нивното неработење им донесе загуби од две до пет милијарди долари. Сепак последниот порастот на нивните акции на берза е добар сигнал. Нема да се купуваат акции ако тие не се враќаат во индустријата. Она што можеби е спорно во моментов е вакцинацијата, односно дали ќе биде задолжително сите што ќе сакаат да се качат на брод да се вакцинираат.Американските власти се уште не одлучиле во тој дел, истакнува Кочоски.

    Според информациите на Коузон во 2018 година на крузерите од нашата земја работеле околу 1500 Македонци. Нивната бројка поради кризата се намалила во 2019 година кога таа изнесува нешто повеќе од 1000 македонски граѓани. Освен прекуокеанските бродови поради кризата со Ковид загуби претрпеа и речните бродови на кои работата наши граѓани, кои исто така се затворени.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично