ПОВЕЌЕ

    Прво мора да ги скратиме трошоците, а потоа да размислуваме за нови задолжувања – Благица Петрески во „Каде се парите?“

    Време зa читање: 8 минути

    Порационално и поефикасно трошење, драстична реформа на расходите, неформалната економија да биде извор за дополнителни приходи и напуштање на популистичките мерки се основните чекори за консолидација на економијата и на земјата. Ова е препорака што до новите власти ја упати економистката од „Фајнанс тинк“, Благица Петрески, во поткастот „Каде се парите?“. Со акцент на политичката волја, колку ја има или ја нема.

    Петрески зборува и за најавеното зголемување на пензиите за пет илјади денари, со предупредување да се внимава на зависноста на ПИОМ од буџетот, затоа што овој потег на таа страна ќе додаде дополнителни 10 на постојните 32 проценти. Исто така се осврнува и на претходните случувања, за кризите и последиците, за инфлацијата, сиромаштијата…, а ги презентира и наодите од студиите и анализите направени за овие состојби.

    Почнувајќи од енергетската криза и колку таа непогода ги истошти државата и граѓаните, Петрески вели:

    „Енергетската криза го дотроши и оној многу мал простор кој ни беше останат по Ковид-кризата. Да се вратиме назад пред пандемијата, уште во тој момент имавме генерало ограничени резервоари на средства во буџетот. Во тој момент буџетскиот дефицит беше 2%, а јавниот долг во некои умерени рамки, околу 45, 49%, меѓутоа самата Ковид-криза наметна потреба за финансирање. Генералните проценки се дека потрошивме околу 5% од БДП за спасување и на работните места, и за интензивна поддршка во здравството и за сѐ што беше неопходно. Со таа криза драстично ги зголемивме и јавниот долг и буџетскиот дефицит. На пример, јавниот долг порасна за 10 процентни поени, буџетскиот дефицит од два стигна на осум проценти од БДП“.

    Секоја економија има одредени фискални правила за тоа до кој степен се смета дека земјата е умерено задолжена. Кај нас јавен долг треба да е до 60% од БДП, а буџетскиот дефицит 3% од БДП. Не е страшно дури и да се надминат тие лимити, потенцира Петрески, но многу е битно на среден и на долг рок да се движиме околу таа граница.

    „Како земја во развој имаме потреба и понекогаш може дури и да се задолжиме повеќе ако тие средства се инвестираат во права насока и знаеме дека за пет години ќе ни вратат со повисок економски раст, ќе ги исплатиме каматните стапки по кои сме се задолжиле и на лесен начин ќе ги сервисираме.

    Тоа е болната тема, не е само дека во изминатите пет години драстично се задолживме, години, години наназад не можеме да излеземе од онаа шема на економски раст од еден до три проценти. И да имаме дури 60% задолженост, но тоа да генерира економски раст од 5 или 6%, кои економијата вистински ќе ги почувствува. Во изминатите години тоа не го постигнавме и веројатно тоа се должи и на одредени популистички политики, кои генерално ги применуваме“.

    Во тој контекст посочува дека со енергетската криза ја соочила државата со потребата – од една страна да го намалува буџетскиот дефицит, а од друга и понатаму да интервенира со пакети мерки.

    „Цените драстично пораснаа, се појави и потребата за спасување и на животниот стандард на граѓаните, во еден дел и на компаниите, па беа воведени три пакети мерки. Првиот чинеше 400 милиони евра, вториот околу 360 милиони евра и третиот 660 милиони евра. И минатата година веќе достигнавне јавен долг од 62% од БДП“, вели Петрески и додава дека пакетите биле насочени кон справување со енергетската криза, многу помалку кон справување со цените на храната. Притоа, го наведува и податокот произлезен од регионалното истражување во шест земји од Западен Балкан дека 3,2% од македонскиот БДП се употребени за субвенционирање на електричната енергија. Или, 437 милиони евра.

    „Тоа е реалне износ. Нашата земја е енергетски зависна, увезуваме струја. И пред кризата две третини од струјата се увезуваше… Клучниот удар се случи со војната во Украина и цените нагло пораснаа, прво затоа што целосно сме зависни од рускиот гас, а второ затоа што и целокупниот европски пазар е зависен. Цените пораснаа дури 12 пати повеќе во однос на претходниот просек. Граѓаните и малите компании кои беа изложени на целокупните шокови, ќе требаше да платат за 12 пати повисоки сметки. Одлуката на владата беше да се заштитат овие потрошувачи. Значи, разликата меѓу цената на регулираниот пазар и на слободен пазар владата да ја субвенционира. Така е дојдено до тие 3,2% од БДП. Тоа беше една од клучните и најобемна мерка, па од аспект на субвенциите за електрична енергија бевме рекордер на целиот Балкан. Но, тој начин не беше оптимален, затоа што е исклучително линеарна мерка. Поддржа и граѓани кои можеби можеа сами да си ги сносат овие трошоци“. Петрески укажува дека со тоа во апсолутен износ најмногу искористиле најбогатите слоеви на домаќинствата.

    Сепак, вели, по првиот пакет другите два биле со поголема таргетираност, но последниот навлезе во предизборен период. Како пример ги споменува мерките за пензиоерите, кои на почеток беа линеарни, потоа таргетирани, а на крајот во третиот пакет многу пообемни. „И повтрно кај таа дистрибуција забележуваме дека таа конкретна мерка, во поголем апсолутен износ ја користат пензионерите со повиски пензии“.

    На прашањето дали ќе бидеме финансиски способни да издржиме нова криза, одговара дека сме на граница или ја преминуваме кај јавниот долг и веќе немаме простор.

    „Прво мора да преминеме кон кратење на трошоците, а потоа да размислуваме како да се задолжуваме. Треба да бидеме рационали во трошењето. Во минатите кризи тука беа ММФ, меѓународните организации кои поддржуваа и со кредити и со секаква форма на помош, затоа што тоа беше глобална криза, и не може да кажеме дека средствата сме ги потрошиле без цел. Напротив, дадоа и одредени резултати и доколку не беше таквата помош, веројатно нашата стапка на сиромаштија ќе беше многу повисока. Меѓутоа, дека можевме да бидеме порационални и пооптимални, дефинитивно“.

    Предупредува – мора да станеме свесни дека глобално кризите се многу позачестени, па наместо да размислуваме „како да ја спасиме кризата за овие три, шест месеци,и да преживееме до вгодина, ајде да ја свртме темата како да станеме посамоодржливи“.

    Петрески акцентира: „Анализата пoкажа дека резерви се прават во добри времиња, за да се трошат во лоши времиња. Ние некако не успеваме и сега треба да се вратиме на тој пат. Да претпоставиме дека нема лесно да се вратиме на предпандемиските паеки, затоа што сме земја во развој, ни требаат средства, не смееме да го угушиме растот на економијата, но доколку трошиме, тоа да биде стратешки. Да не биде за популистички мерки и за краткорочни цели“.

    За политиките што се применуваат, вели дека не се креирани на докази, многу брзо и често се креираат, имаме стратегии и документи на хартија, а во имплементација каскаме.

    „Нашите политики се многу краткорочни, затоа што секоја политичка власт што доаѓа вика дајте политики и мерки кои веднаш ќе дадат резултати во следните две, три години. А, нашите проблеми и од аспект на здравството, и од аспект на образованиете, и од аспект на пазарот на труд, и од аспект на сивата економија е долгорочен. Треба денес да почнете да работите за да видите резултати по шест-седум, десет години. Потребен е континуитет на мерките. Мора да имаме општ консензус околу клучните проблеми“.

    Петрески нагласува дека во сивата економија има голем неисористен потенцијал, но нема политичка волја за справување со поблемот.

    „Нашите проценки се 21,3% од БДП е сива економија. Тоа е оптимистичкото, а песимистичките сценарија одат до 39-40% од БДП. Од една страна тоа е изгубен дополнителен приход во буџетот на годишно ниво од 600-700 милиони евра. Тоа е една еврообврзница што се задолжуваме. Од друга страна, сивата економија е болна затоа што креирате нелојална конкуренција на бизнис секторот и ги казнувате тие кои ги плаќаат сите давачки… Минатата година работевме на две анализи, првата е на целосна дијагностика на неформалната економија, со фокус на неформалните вработени и вториот аспект – за практики на неформалната еконимија во секторот хотелиерство. Два клучни наоди: 11,8% од вработените се без договор или без некаков пишан документ за вработување, половина од нив се во земјоделие. И доколку забележиме дека поголем дел се неплатени семејни работници, ќе дојдеме до некои 5-6%. Меѓутоа, другите неформални практики како што се плата во коверт, осигуран на 4, а работи 8 часа, тие се многу позначајни. И според пресметките, само по овие неформални практики губиме во буџетот најмалку 250 милиони евра. Втората анализа ни покажа дека формите на неформалната економија се многу разгранети. Од една страна има притајување данок, каде тоа креира кеш и мотивирани сте да трошите во кеш, па така и да ги плаќате вашите вработени. Мора да се зафатиме со неформалната економија, меѓутоа со паралелни процеси на сите аспекти. Не гледам дека има политичка волја“, вели Благица Петрески.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично