ПОВЕЌЕ

    ПРОСЕЧНА НАСПРОТИ „СРЕДНА“ ПЛАТА: Дали висината на просечните месечни приходи е реален одраз на животниот стандард

    Време зa читање: 3 минути

    Дали платите го следат растот на трошоците на граѓаните, дали растот на просечната плата е доволен показател за примањата на граѓаните и зачувувањето на животниот стандард на вработените?

    Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври годинава, изнесувала 42.134 денари, и во однос на октомври лани е повисока за 8,5 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

    Според статистичарите, ваквиот раст се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: уметност, забава и рекреација (11,5 %), информации и комуникации (10,7 %) и образование (10,6 %).

    Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележаново секторите: Дејности во врска со недвижен имот (7,5 %), Образование (5,0 %) и Градежништво (3,1 %).

    Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во октомври 2024 година, изнесувала 63.392 денари.

    Но колку висината на просечната плата е реален одраз на квалитетот на животот и животниот стандард на граѓаните? Зошто одредени државни сектори земаат месечна плата и над 5.000 евра, а спротивно на тоа, огромен е бројот на граѓани што се со најниски месечни примања? Кој, всушност, го крева просекот во државата?

    Економистите велат дека средната плата сепак е многу пониска од она што се прикажува, што создава илузија дека животниот стандард на граѓаните се зголемил и покрај поскапувањето на храната.

    Економскиот аналитичар Здравко Савевски укажува дека просечната плата не кажува доволно за состојбите во земјава и е недоволен показател за животниот стандард на граѓаните.

    – Во земја како Македонија, потребно е да се пресметува средна плата, која ќе даде подобра слика за состојбата на граѓаните. Средната плата се пресметува на тој начин што се утврдува точка на која 50 проценти од вработените земаат плата под таа точка, а другите 50 проценти од работниците земаат над истата плата. Таа ќе биде пониска од просечната плата, но е поточно мерило за животниот стандард на граѓаните. Кај нас околу 70 отсто од вработените земаат пониска плата од просечната, додека над неа земаат само 30 проценти од вработените граѓани. Луѓето се збунети од просечната плата, иако таа расте, на најголем дел од граѓаните платите не им растат. Но ова се случува и поради фактот што при поголема заработка кај компаниите им се зголемуваат платите на раководителите или платите на менаџерите, со што се зголемува и просечната плата. Но тоа не значи дека на сите им оди подобро. Напротив, кај нас расте разликата меѓу граѓаните, се зголемува богатството на група граѓани, кои се побогати, а другите граѓани делат помал дел од вкупното богатство во земјава. Затоа апелирам ДЗС да пресметува средна плата, која повеќе покажува каков е стандардот на граѓаните – потенцира Савески.

    Toj исто така објаснува дека во јавниот сектор најчесто преовладуваат просечни плати и дека платите на докторите, на наставниците и други значајни сектори се дури и ниски, но отстапуваат одредени раководни позиции.

    – Општ впечаток е дека администрацијата зема високи плати, но платите во јавниот сектор се на средина. Во приватниот сектор има и највисоки и најниски плати. Како на пример, кај програмерите се највисоките плати. Кон растот на просечната плата притискаат високите плати на менаџерските позиции, кои отскокнуваат значително од повеќето плати во земјава – дополнува Савески.

    K.M.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично