ПОВЕЌЕ

    Прогноза на EatThis.com: Светот ќе се соочи со недостиг на намирници

    Време зa читање: 4 минути

    На потрошувачите веќе не им е чудно кога во маркетите нема да најдат одредени производи, а тие што ги има се со повисока цена. Временските непогоди, војната во Украина, инфлацијата, болестите што се шират кај растенијата…, односно бројните проблеми кои влијаат врз прехранбената индустрија, и годинава ќе бидат присутни ширум светот. Со оглед на актуелните состојби, порталот EatThis.com издвои осум производи, кои е можно во текот на оваа 2023 да бидат дефицитарни.

    Зелена салата

    Недостигот од зелена салата прво го почувствувале рестораните, а потоа тоа станало забележливо и во продавниците со мешовита стока. Трошоците почнале да растат, а залихите брзо да се намалуваат. Во ноември лани цената на овој производ се зголемила за 20 насто во однос на претходната година. Ова е последица на impatiens necrotic spot virus (INSV), болест што ја пренесуваат инсектите, а резултира со целосно уништување на заразената билка. Оваа појава за кусо време се проширила низ калифорниската долина Салинас, од каде што произлегува речиси половина од вкупното производство на зелена салата во САД. Притоа, минатата година биле уништени повеќе од 80 отсто од посевите во тоа подрачје.

    Говедско месо

    Сточарите и фармерите во текот на 2022 година беа исправени пред разни тешкотии предизвикани од бројните временски непогоди. Што се однесува до состојбите во САД, најголемиот производител на говедско месо – Тексас, беше погоден од екстремна суша. Поради тоа, многумина сточари биле принудени да ги распродадат сточните грла.

    Конзервирана храна и пијалаци

    На почетокот од пандемијата, насекаде низ светот луѓето панично купуваа храна во конзерви и пијалаци во лименки. Тоа довело до неочекувано голема побарувачка на алуминиум. Затоа, одредени видови конзервирани производи, од храна за домашни миленици па се до пиво, потешко се наоѓаат и се се поскапи.

    Шампањско

    Побарувачката на овој пијалак почнала вртоглаво да расте пред две години, откако претходно, во најголемиот ек на пандемијата, во 2020, продажбата забележала драстичен пад. Сушата и лошото време кои лани ја погодија Калифорнија, како и регионот Шампањ во Франција, дополнително ги зголемиле проблемите на производителите, а залихите се минимални. Со оглед на тоа дека за подготовка на повеќето видови шампањско се потребни од 15 месеци до четири години, извесно е дека ќе мора да помине многу време додека производството се врати во нормалниот колосек.

    Сончогледово и палмино масло

    Агресијата врз Украина има голема улога во се помалата понуда на оваа неопходна намирница. Украина е голем производител на сончоглед и на масло, а во 2020 година нејзиното производство обезбедило речиси 50 отсто од потребите во светот. И поради тоа, малку е веројатно дека во догледно време маслото од сончоглед ќе биде елиминирано од списокот на загрозени производи.

    Индонезија, пак, најголемиот светски производител на палмино масло, од првиот ден на годинава почна со примена на нова извозна политика. Во сила се построги ограничувања во извозот на овој производ, со цел да се заштитат и одржат домашните залихи.

    Леб и пченични производи

    Украина и Русија заедно, со околу 30 отсто учествуваат во светскиот извоз на пченица. Цената на лебот лани се зголеми за 15,7 насто. Следеа житарките и пекарските производи со скок од 16,4, а брашното и останатите готови мешавини од брашно забележаа раст од неверојатни 24,9 проценти.

    Пченка

    САД се најголемиот светски производител на пченка, а добар дел од американските подрачја беа на удар од високи температури и силни олуи. Ограничениот извоз од другите земји, како Бразил и Украина, дополнително го зголемија проблемот. Министерството за земјоделие на САД ги објави прелиминарните прогнози, кои покажуваат дека во сезоната 2023/2024 ќе се зголемат посевите на пченка и пченица. И, додолку се оди според планот, производството на пченка ќе се опорави.

    Портокали и сок од портокали

    Ураганот Иан, кој минатиот септември ја погоди Флорида, уништил многу стебла. Болеста, пак, наречена озеленување на агрумите, веќе неколку години пустоши во тие предели. Со што врз производството и извозот на портокали е надвисната сенката на неизвесност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично