„Пари“ анализира: какви се добивките на битолските компании за 2023 година
Ако добивката е најверодостојното мерило за успех, добар дел од компаниите во Пелагонија сигурно се задоволни од одработеното во текот на минатата година. Особено една од нив, која профитот од илјади го пораснала во милиони евра, исцртувајќи на добитната линија плус 1.197 проценти.
Од 20 компании, кои во анализата на Порталот „Пари“ се издвоија по висината на приходите, една ја завршила 2023 година со минус. Користените податоци од базата на Бизнис мрежа покажуваат дека 19 направиле заедничка добивка од 3,13 милијарди денари или 50,88 милиони евра. Во тој износ, петте фирми со најголеми профити партиципираат со 2,18 милијарди денари, односно 35,47 милиони евра.
„Марковски компани“ во областа на градежништвото „растура“ со работа – патишта, нискоградба, тендери… Прва е по реализираната добивка од 822.564.804 денари (13,35 милиони евра). За една година профитот е зголемен за 101,11 насто, односно 2022 била заокружена со 6,64 милиони евра. Оваа фирма, која добро котира кај ЕСМ и РЕК „Битола“ е трета на листата по остварени приходи.
Добро семе – добар род може да се каже за оние 1.197,86 проценти запишани кај добивката на ЗК „Пелагонија“. Од 38.840.107 денари или 630,8 илјади евра во 2022, ефектот од ланското работење е 504.088.436 денари, односно 8,18 милиони евра.
На третата позиција според висината на профитот е германскиот „Кромберг & Шуберт“ кој, пак, е трет по приходите остварени лани. Компанијата има профит од 359.212.719 денари (5,83 милиони евра). Што претставува раст од 33,25 проценти во однос на 2022 година. Воедно, оваа компанија е и најголемиот работодавач, со ангажирани над 6.800 вработени, што е од големо значење за жителите од Пелагонискиот регион.
Битолскиот производител на опрема за климатизација „ЕРИ корпорација“ е на четвртата позиција според профитабилноста. Минатата година на компанијата и останале чисти 264.054.526 денари (4,28 милиони евра). За 29,22 насто повеќе отколку претходната 2022 година. Всушност, постојано работи со големи добивки, а од 2021 е во сопственост на британскиот „Volution Group plc“.
Добивката што „Руд-Коп“ ја оствари во 2023 изнесува 236.908.854 денари, односно 3,84 милиони евра. Со тоа бележи солиден раст од 178,65 проценти. Се работи за фирма која, меѓу другото, врши услуги за РЕК „Битола“ и често добива тендери од ЕСМ.
Меѓу битолските успешни компании има и други што оствариле висок процентуален раст на добивката.
На пример, печатницата „Киро Дандаро“, чија дејност е позната и на европските пазари, а кај нас првата асоцијација е – ги печати изборните материјали. За една година добивката е зголемена за 336,04 проценти. Од 332 илјади на 1,44 милиони евра. Тоа е направено во време на промени – од од лани фирмата е во стопроцентна сопственост на САТО од Хрватска.
БИТОЛЧАНИ ВРТАТ ПАРИ: Дваесет фирми со заеднички приход од 817,8 милиони евра
Потоа, „Синпекс“ и неговата добивка со раст од 259,86 насто, која е во износ од над три милиони евра. Компанијата која се занимава со механизација – продажба, сервисирање, застапување е на петтото место според приходите.
На оваа линија е уште една фирма која се занимава со механизација за повеќе намени, алат, увоз-извоз… „Евро-Стил“ запишал плус 238,08 проценти и има добивка од 1,38 милиони евра.
ЧИТАЈТЕ И: БИТОЛЧАНИ ВРТАТ ПАРИ: Дваесет фирми со заеднички приход од 817,8 милиони евра
Редакција Пари