ПОВЕЌЕ

    Профитабилните компании на Берзата со добивка од 412 милиони евра

    Време зa читање: 6 минути

    Котираните компании на Македонската берза ја завршија 2025 година со подобар финансиски резултат во споредба со претходната година. Според сумираните податоци од финансиските извештаи, вкупната нето добивка на 84 друштва достигнува 25,37 милијарди денари, односно околу 412,2 милиони евра, што претставува раст од 11,6 насто во однос на 2024 година. Подобрувањето е остварено во услови на раст на вкупно остварените добивки, кои достигнуваат 26,37 милијарди денари (428,5 милиони евра) и се повисоки за 11,03 насто, додека загубите бележат мало намалување и изнесуваат околу една милијарда денари, или 16,3 милиони евра.

    Пари ги анализираше податоците од официјалниот берзански преглед на финансиските резултати постигнати лани од јануари до декември. Забележливо е дека од десетте дејности во кои спаѓаат котираните друштва, само кај една има пад на вкупната добивка. Можеби делува изненадувачки, но тоа е трговијата.

    Банкарството останува најсилен двигател на профитабилноста, со седум банки кои оствариле заедничка добивка од над 227 милиони евра. За 10,9 насто повеќе споредено со претходната година.

    Притоа, треба да се има предвид дека четири банки годината ја завршиле со пониска добивка. Осцилациите се регистрирани кај помалите банки: ТТК банка (-16,86%), Алта банка (-75,12%) и Централна кооперативна банка (-75,44%). Пад на добивката има и кај една од големите банки – Стопанска банка Скопје. Со минусот од 6,1 отсто, годишната реализација е 54,1 милион евра.

    Профитот е зголемен кај три банки: Комерцијална – со добивка од над 84,3 милиони евра (+3,53), НЛБ со забележителен раст од 48,09 насто (79,3 милиони евра) и УНИ банка со 1,39 насто (8 милиони евра).

    Во индустрискиот сектор, ефектот од работењето на 34 компании е 60,46 милиони евра, зад кој стои позитивна промена од 7,85 насто. Меѓутоа, работата не се одвивала во посакуваната насока кај сите друштва. Осум од нив сѐ уште не можат да излезат од загуба, а 14 во 2025 година одработиле и заработиле пониска добивка. Во најдлабок минус се Попова кула (-98,61%), МЗТ Пумпи (-93,26%) и Кристал 1923 Велес (-91,80%).

    Најголем процентуален скок кај профитот имаат Неметали Огражден Струмица (+132,85%), Европа (+126,35%) и Тутунски комбинат Прилеп (+115,97%).

    Според апсолутниот износ на добивката, пак, индустријата ја предводи Титан Усје со 29,3 милиони евра (-4,88%), по што следуваат Мермерен комбинат Прилеп со 12,6 милиони евра (-15,29%) и Макстил со 7,3 милиони евра (+63,05%). Овие три компании генерираат значителен дел од профитот во индустрискиот сегмент на котираните друштва.

    Услужниот сектор на Берзата е застапен со 16 компании, кои лани оствариле вкупна добивка од 47,3 милиони евра, за 12,6 насто повеќе во однос на споредбениот период. Македонски Телеком со добивката од околу 41,2 милиони евра (+13,2%) практично го носи најголемиот дел од резултатот во оваа дејност. Следат Оилко (3,7 милиони евра и 13,97%) и Фершпед (со 1,6 милиони евра и -9,75%).

    Четири компании и лани работеле со загуба. Единствено, од таа состојба се извлекла РЖ Економика. Пет друштва, пак, запишале пониски добивки, а процентуалнот опсег е од минус 9,75 (Фершпед) до минус 67,17 отсто (Макошпед). Најголемиот раст на добивката од 161,99 насто е на Славеј, а потоа на Дебарски бањи – Цапа (+128,22%)

    Ланската добивка на двете скопски фармацевтски компании е во износ од 34,1 милион евра и е  проследена со раст од 10,1 насто.

    Поголемиот дел од профитот го создава Алкалоид, чијашто консолидирана добивка од околу 29,18 милиони евра бележи раст од 6,64 насто. Значителен раст од 36,09 насто има кај Реплек, а добивката достигнува околу 4,96 милиони евра

    И во делот трговија со нафтени деривати се две друштва: Макпетрол со добивка од 19,36 милиони евра (+12,13%) и Окта со краен исход од 9,3 милиони евра. И со високо годишно натфрлање од 163,66 насто.

    Вкупниот износ на нивната профитабилност е близу 28,7 милиони евра. Резултатот е подобар од претходниот за 37,89 насто.

    Четирите котирани  компании од угостителството имаат заедничко остварување од околу 3,85 милиони евра. Споредено со крајот на 2024 година, евидентирано е зголемување од 17,7 насто

    Најголем дел од профитот е на Македонијатурист – 3,64 милиони евра, на кои им претходел раст од 30,55 насто. Изразено процентуално движење има Уготур, од извонредни 942,86 проценти.

    Од друга страна, Хотели-Метропол ја намалиле добивката за 59,33 насто. И Интернешнел Хотелс се слочиле со негативна годишна промена, од 82,38 отсто, при што износот е 4.100 евра.

    Сиот постигнат раст во секторот градежништво од респектибилни 87,17 насто е на скопски Гранит. Градежната компанија ја заокружила 2025 година со добивка од 3,3 милиони евра.

    На Берзата котира и Фабрика Карпош, но финансискиот резултат не е доставен до Македонска берза.

    Над 2,9 милиони евра е профитот на петте котирани компании од областа на земјоделството. Работата вродила со плод и секторската добивка е зголемена за 243,4 насто.

    Кај три друштва натфрлањето оди над 200 насто. Највисоки достигнувања и процентуално (+296,75%) и во апсолутен износ (околу 2,2 милиони евра) има ЗК Пелагонија. Силен раст бележат и Кланица со ладилник Струмица (+224,59%) и ГД Тиквеш Кавадарци (+210,13%).

    Добивката ја зголемиле и во Оранжерии Хамзали (+33,42%). А, Струмичко поле и понатаму работи со загуба, иако минусот е значително намален во однос на претходната година, од 233 илјади на 32,4 илјади евра.

    Слична е динамиката и во осигурувањето, сектор кој се одликува со највисок раст на добивката – за 243,58 насто (2,4 милиони евра). Чинители се Македонија осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп и Триглав осигурување. Ланската заработка на првото друштво е 704,4 илјади евра. Треба да се напомене дека во меѓувреме компанијата успеала да излезе од загуба (197,8 илјади евра во 2024) и да оствари позитивен резулгтат. Триглав, пак, речиси ја удвоил добивката (+90,91%), која за 2025 година е во износ од 1,7 милиони евра.

    Наспроти овие позитивни движења, значителен пад од 75,02 отсто е регистриран во секторот трговија. Десетте компании што се на берза оствариле профит од само два милиони евра.

    Најголема е добивката на Скопски Пазар од 1,1 милион евра. Но, тоа е значително помалку од претходната година (-84%). Воедно, ова е и надрастичниот пад во оваа група.

    Според процентуалното нагорно движење без конкуренција е Технокомерц Скопје. Друштвото постигнало раст на добивката од 2.396 насто. Забележливи се промените и кај Макотекс (+596,11%) и Стокопромет (+525%).

    Креатори на овие резултати се 84 акционерски друштва. Меѓу нив, 67 успешно ги завршиле минатогодишните деловни активности, додека 16 работеле со загуба. Едно друштво не ги објавило финансиските резултати. Воедно, шест компании се под долгорочна суспензија.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично