ПОВЕЌЕ

    Проекциите во сенка на остварувањата: Комерцијална банка со добивка од 82,5 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Со силен финансиски резултат, кој ги надминал зацртаните планови, Комерцијална банка ја заокружи 2025 година. Банката оствари нето-добивка од 5.077,3 милиони денари или над 82,5 милиони евра, проследена со годишен раст од 3,1 насто. Добивката пред оданочување достигнала 5.632,6 милиони денари, односно 91,6 милиони евра, резултат подобар од 2024 година за 2,7 насто. Постигнувањата се уште една потврда за отпорноста, стабилноста и ефикасноста во работењето на најголемата домашна банка.

    Планираната бруто-добивка за 2025 година е надмината и остварена со 109,3 проценти што, според Банката, е особено значајно ако се има предвид дека резултатите се постигнати во услови на висока инфлација, геополитички тензии, нестабилност на светските пазари и внимателна монетарна политика на Народната банка.

    Депозитната база, како основа за банкарското делување, се на нивото од 164.760,6 милиони денари. Зголемени се за 6,5 проценти, при што најголем придонес имаат заштедите на граѓаните.

    Од друга страна, кредитната активност бележи раст од 11 насто. Тоа се должи на засиленото кредитирање на нефинансиските друштва и домаќинствата, што укажува на активна улога на Банката во поддршката на економијата.

    Вкупните приходи од работењето на Банката во 2025 година изнесуваат 9.083,5 милиони денари и се зголемени за 2,1 процент.

    Каматите како главен извор на приходите бележат раст од еден процент и го надминуваат планот со 102,1 процент. Растот доаѓа првенствено од зголемените приходи од камати од домаќинствата, а во помал обем и од нефинансиските друштва и државата.

    Нето каматната маржа на крајот од годината изнесува 3,55 проценти, наспроти 3,85 проценти една година претходно.

    Нето-приходите од провизии и надоместоци достигнаа 1.224,0 милиони денари и се зголемени за 2,7 проценти, и покрај значајните намалувања на надоместоците што Банката ги направи, особено кај електронските плаќања. Планот во овој сегмент е реализиран со 104,3 проценти.

    Особено силен раст е забележан кај нето-приходите од курсни разлики, кои изнесуваат 426,2 милиони денари и се зголемени за 13,1 процент, со реализација од речиси 135 проценти од планираното.

    Оперативните расходи на банката изнесуваат 2.789,7 милиони денари и се зголемени за умерени 2,4 проценти, главно поради повисоки трошоци за вработените. Во овој сегмент планот е остварен речиси целосно – со 99,1 процент.

    Исправката на вредност на финансиските средства е намалена за 2,3 проценти, на 655,3 милиони денари, што Банката го објаснува со подобрената финансиска дисциплина и редовното сервисирање на кредитите од страна на клиентите.

    Акционерскиот капитал и резервите на Комерцијална банка на крајот на 2025 година достигнаа 23.078,2 милиони денари, што е раст од 10,6 проценти на годишно ниво, како резултат на задржаната добивка и зголемените резерви.

    На крајот од 2025 година, вкупната актива на Комерцијална банка изнесува 192,5 милијарди денари или 3,13 милијарди евра. Кај активата е забележана позитивна годишна промена од 7,8 насто.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично