ПОВЕЌЕ

    ПРОДАДЕНА КОЗМЕТИКА ЗА 67 МИЛИОНИ ЕВРА – 72 насто од прометот завршил во ДМ

    Време зa читање: 4 минути

    Козметиката најчесто се поврзува со убавина, стил и самодоверба. Со кремови, лосиони, масла, шминка, парфеми ‒ за сите возрасти. Сѐ завршува со поглед во огледало и мирис што се шири, а ретко кој размислува дека сето тоа е бизнис зад кој стои сериозна економска структура.

    Во трговијата на мало со козметички и тоалетни препарати се преплетуваат глобалните трендови, силните брендови и домашните компании што успешно се позиционираат на пазарот. Конкуренцијата е голема, а целта на сите нив е – што повеќе купувачи, кои имаат големо влијание врз финансиските ефекти од работењето и во добар дел ја одредуваат и нивната позиција.

    За позицијата на најдобрите 16 компании во оваа категорија, распоредени по десет според приход, добивка и човечки потенцијал, говорат бројките. ТОП десетте компании лани направиле промет од 67,4 милиони евра, чиста заработка од 3,8 милиони евра, а обезбедиле и плата за 479 лица. Тоа се бизнис-лидерите опфатени во анализата на Пари, која се базира на податоците од Бизнис Мрежа.

    Вкупни резултати на ТОП 10 компании

    Извор: Бизнис Мрежа

    ТУКА КУПУВАМ ЗА 49 МИЛИОНИ ЕВРА

    Секоја дејност има предводник, а во малопродажбата на козметика и толетни препарати тоа е ДМ Дрогерие Маркт, кој е во редот на најуспешните европски синџири. Македонските купувачи целосно го имаат прифатено мотото: „Тука сум човек, тука купувам“, па во 26-те продавници низ земјава лани потрошиле нешто помалку од 49 милиони евра. Тоа, пак, е над две третини или 72,6 насто од заедничкото остварување на десетте компании, од кои две се со седиште во Тетово, а сите други се во Скопје.

    Следната компанија е од Тетово ‒ Шатци ДОО Тетово. Семејниот бизнис се развил во синџир парфимерии, каде што е направен промет од шест милиони евра.

    На трето место е Евро Стил Трејд со 3,7 милиони евра, а на четврто е тетовскиот Гранд-Козметик (2,3 милиони евра).

    Со приход повисок од еден милион евра се четири компании, кои се движат од 1,1 до 1,4 милиони евра. Под тој праг се приливите на две фирми.

    ТОП 10 БИЗНИС-ЛИДЕРИ СО НАЈВИСОКИ ПРИХОДИ ВО КАТЕГОРИЈАТА ТРГОВИЈА НА МАЛО CO КОЗМЕТИЧКИ И ТОАЛЕТНИ ПРЕПАРАТИ

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПОЛОВИНА ОД ДОБИВКАТА Е НА ДМ

    Според добивката, слична е сликата на врвот од табелата. Половина од вкупниот профит е на дрогериите ДМ, а износот е 1,9 милиони евра. Зад нив се тетовците ‒ Шатци со 871,8 илјади евра и Гранд-Козметик со 288,8 илјади евра.

    Во првата половина на оваа листа се и 101 Хеар Кеар (174,2 илјади евра) и Боутик де ла Парфумерие (154,2 илјади евра). Заедно со скопските Лагуна-Ком, Денерис, Александар Козметик и Бини Профессионал од Тетово, покажуваат дека може да се профитира и без да се оствари завиден приход.

    ТОП 10 БИЗНИС-ЛИДЕРИ СО НАЈВИСОКИ ДОБИВКИ ВО КАТЕГОРИЈАТА ТРГОВИЈА НА МАЛО CO КОЗМЕТИЧКИ И ТОАЛЕТНИ ПРЕПАРАТИ

    Извор: Бизнис Мрежа

    И МАЛИТЕ ТИМОВИ СЕ ЕФИКАСНИ

    Со оглед на големината, сосем е разбирливо што и во делот на вработеноста повторно како апсолутен лидер се издвојува ДМ Дрогерие Маркт. Минатата година работите ги вршеле 262 лица, што е повеќе од половина од вкупниот број вработени кај десетте најголеми работодавачи.

    Тимот на Шатци го сочинуваат 47 вработени, на Евро Стил Трејд 41, а на Гранд-Козметик 37 вработени.

    Со оглед на бројната состојба, во оваа дејност доминираат компании со мали тимови. Повеќето, односно шест од нив имаат од 13 до 20 вработени, но тоа не е пречка во постигнувањето солидни резултати.

    ТОП 10 БИЗНИС-ЛИДЕРИ СО НАЈГОЛЕМ БРОЈ ВРАБОТЕНИ ВО КАТЕГОРИЈАТА ТРГОВИЈА НА МАЛО CO КОЗМЕТИЧКИ И ТОАЛЕТНИ ПРЕПАРАТИ

    Извор: Бизнис Мрежа

    Текстот го подготви Маја Анастасова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично