Сума од 8,5 милиони евра се свртела минатата година во петте приватни универзитети што имаат најголеми приходи. Каков е интересот за запишување на приватните универзитети во земјава и каква е нивната финансиска кондиција во изминатите три години, анализира „Таргет Груп“.
Според Државниот завод за статистика, во академската 2019/2020 година запишани се вкупно 51.734 студенти, што претставува намалување за 3,6 отсто во однос на академската 2018/2019 година. Најголем број или 85,3 отсто од студентите се запишани на државните високобразовни установи, додека останатите се на приватните високообразовни установи. Дури 57,1 отсто од запишаните студенти се женски. Интересно е дека бројот на запишани студенти во учебната 2018/2019 година е намален за 15,4 отсто во споредба со 2008/2009 година, покажува извештајот на Државниот завод за статистика.
Според Државниот завод за статистика, во академската 2018/2019 година на приватните високообразовни установи, каде се вклучени високи стручни школи и факултети се запишани 7.250 студенти.
И тоа на ЈИЕ Тетово се запишани 1594, на Меѓународен балкански универзитет запишани се 1439 студенти, на универзитетот во Гостивар Визион има запишани 799 студенти, на Американ Колеџ се запишале 652 студенти, на Европски универзитет се запишани 597, на ФОН има запишани 539, на Универзитето за туризам и менаџмет има запишани 483 студени, на Меѓународен Славјански универзитет има 300 студенти, на Еуро колеџ од Куманово запишани се 225 студенти а на МИТ има 213, останатите се на уште неколку помали приватни високообразовни установи.
РАСТАТ ПРИХОДИТЕ НА ФОН, ПАЃААТ НА ЕВРОПСКИ УНИВЕРЗИТЕТ
Во Универзитетот ФОН на бизнисменот Фијат Цановски во последните три години се свртела сума од 6,2 милиони евра, односно приходите на овој универзитет се движат околу два милиони евра.
Минатата година на ФОН се свртела најголемата сума во овој бизнис. Односно, лани приходите на овој универзитет изнесуваат 2,3 милиони евра и се зголемени за 27% во споредба со претходната година. Додека пак во 2017 година приходите изнесувале 2,1 милиони евра.
Овој универзитет е основан во 2003 година како Факултет за општествени науки ФОН, но во април 2020 година го менува името во Американски универзитет на Европа – ФОН.
„После 17 години постоење, универзитетот од оваа година ја започна трансформацијата и имплементацијата во американски систем на образование кое треба да биде комплетирано со завршување на 2020-2021 година“, се наведува на нивната интернет страна.
ФОН универзитетот, последните две години бележи значен раст на добивката, односно од 33 илјади евра во 2017 година, во 2019 година стигнува до сума од 664.000 евра, што е најголемата остварена добивка во овој бизнис минатата година.
Практично, лани добивката на овој универзитет е зголемена за 145,7 отсто во однос на претходната година. Но, уште подрастично зголемување има во 2018 година, кога има добивка од 270 илјади евра, што во однос на 2017 година е зголемување за 719,4 отсто, со оглед дека во 2017 година добивката на ФОН изнесувала 33 илјади евра.
Лани во ФОН имало 151 вработен. Со тоа добивката по вработен во овој универзитет изнесува нешто повеќе од 4.300 евра.
ФОН
Година | Приходи | Добивка | Вработени |
---|---|---|---|
2019 | 2,200,000 € | 175,000 € | 72 |
Европски универзитет, лани ја има втората најголема добивка меѓу приватните универзитети, додека врз основа на приходите е рангиран на четврто место. Овој универзитет е основан на крајот на 2001 година.
Минатогодишната добивка на Европски универзитет е намалена за 9,6 отсто во однос на претходната година и изнесува 317.500 евра. И покрај падот на добивката сепак, ова е втората најголема добивка во овој бизнис остварена во текот на минатата година. Во 2018 година, добивката изнесувала 351.400 евра, а во 2017 година била 335.800 евра.
Со оглед дека на овој универзитет лани работеле 90 луѓе, добивката по вработен изнесува нешто повеќе од 3.500 евра.
Приходите на Европски универзитет бележат континуиран пад во последните три години. Па така, лани приходите биле 1,6 милиони евра, и во однос на претходната година се намалени за 18,8 отсто, додека во 2017 година приходите изнесувале 2,4 милиони евра.
Американ колеџ, минатата година ја има третата најголема добивка меѓу приватните универзитети што работат во земјава. Основан е во 2005 година.
Минатата година ја завршува со добивка од 300.500 евра, што е намалување во однос на претходната година за 8,3 отсто, додека пак во 2017 година добивката на овој универзитет изнесувала 279.500 евра. Тоа значи дека најдобра година за Американ колеџ, гледано низ призмата на добивката била 2018 кога е направена добивка во износ од 327.900 евра.
Со оглед дека во овој универзитет лани работеле 66 луѓе, добивката по вработен изнесува нешто повеќе од 4.500 евра.
Во Американ колеџ, лани се свртеле 1,6 милиони евра, колку што изнесувале приходите на универзитетот, кои имаат незначително зголемување минатата година во однос на претходната и тоа за 1,4 отсто, додека пак во 2018 година имаат зголемување од 10 отсто во однос на 2017 година. Тоа значи дека во изминатите три години вкупните приходи на Американ Колеџ изнесуваат 4,8 милиони евра.
Меѓународниот балкански универзитет во Скопје минатата година има приходи од 1,9 милиони евра, што е втора најголема сума на остварен приход меѓу сите приватни универзитети, но истиот не прикажува добивка.
Приходите на овој универзитет, минатата година се зголемени за 17 отсто во споредба со претходната година, додека пак во 2017 година изнесувале 1,8 милиони евра.
Лани, овој универзитет, кој е во групата на мали бизниси вработувал 100 луѓе, додека во 2017 година имало 72 вработени.
Меѓународен универзитет Визион од Гостивар, лани има добивка од 213.900 евра, која е приблжно на исто ниво од претходната година, додека добивката во 2017 година изнесува 175 илјади евра.
Минатогодишната добивка по вработен во овој универзитет е нешто повеќе од 4.500 евра.
Во Визион од Гостивар лани се направени приходи во износ од 789.200 евра. Приходите лани се зголемени за 20 отсто во споредба со претходната година, кога исто така бележат раст од 54,6 отсто во споредба со 2017 година. Односно, од приходи што во 2017 година изнесувале 421.900 евра, лани се стигнува до сума од 789.200 евра.
Паѓаат приходите и добивката во универзитетот на градоначалникот Мерко
Меѓународниот универзитет од Струга, на градоначалникот Рамиз Мерко, лани има добивка од 175.300 евра, и истата е намалена за 31% во однос на претходната година кога изнесувала 254 илјади евра. Додека пак во 2017 година добивката на овој универзитет изнесува 129.600 евра.
Минатата година, добивката по вработен на овој универзитет во Струга е нешто повеќе од 5.300 евра, со оглед дека таму лани имало 33 вработени.
Приходите лани стигнале до сума од 645.600 евра, и исто како и добивката бележат пад од 32,3 отсто во споредба со претходната година. За разлика од лани, во 2018 година приходите биле зголемени за 34,1 отсто во споредба со 2017 година. Односно, во 2018 година приходите изнесувале 954 илјади евра.
Добивка од 114.600 евра лани регистрира Славјански универзитет, но истата бележи пад од 56,1 отсто во однос на претходната година. Односно во 2018 година добивката на овој универзитет изнесувала 261.800 евра и била драстично зголемена од претходната година кога изнесувала само 5.900 евра.
На овој универзитет лани имало 72 вработени, што значи дека добивката по вработен изнесува нешто повеќе од 1.500 евра.
Универзитетот лани бележи високо ниво на приходи и се рангира на петто место според направените приходи кај приватните универзитети. Односно, лани на овој универзитет се свртела сума од 1,1 милиони евра. При тоа приходите се намалени за 2 отсто во споредба со претходната година, додека пак во 2017 година изнесувале 880.300 евра.
Десет приватни универзитети со најголеми приходи
Назив | Приход |
---|---|
Американски унивезритет Фон | 2,300,000 € |
Приватен Меѓународен балкански универзитет | 1,900,000 € |
Американ Колеџ | 1,600,000 € |
Европски универзитет | 1,600,000 € |
Меѓународен Славјански универзитет | 1,100,000 € |
Универзитет за туризам и менаџмент | 820,000 € |
Меѓународен универзитет ВИЗИОН | 790,000 € |
Меѓународен универзитет Струга | 645,000 € |
МИТ Универзитет | 457.000 € |
Бизнис академија Смилевски | 370,000 € |
Анализа на податоци „Таргет Груп“