Зелената обврзница е новиот инструмент со кој се задолжува државата. За буџетските потреби треба да обезбеди десет милиони евра. За компаниите и граѓаните кои ќе пројават интерес за зелено вложување, бенефитот е каматната стапка од 4,75 проценти. Поентата е да се привлече приватниот капитал и да се канализира кон растот и развојот на домашната економија.
Овој вид хартии од вредност се ориентирани кон инвестициски проекти за зелен развој. За поддршка и стимулирање на активности кои се во функција на унапредување и заштита на животната средина, како и финансирање на изработка и реализација на еколошки проекти.
Определбата за воведување на овој инструмент е развивање на пазарот на капитал во земјата, но и поттикнување на инвестициската активност која ќе придонесе за забрзување на економскиот раст.
„Целта на зелената обврзница, како и на другите инструменти предвидени со Планот за забрзан економски раст, а кој се базира на принципот на Јункеровиот план, е покрај јавниот, да се мобилизира и приватниот капитал и да се стави во функција на економскиот раст. Тие се еден од предвидените нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, а со цел да се создаде мултипликативен ефект и да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор, покрај јавниот сектор“, образложи министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Со вложувањето во оваа обврзница, всушност се инвестира во развојот и поддршката на зелените инвестиции планирани во државната каса. Како што наведе Бесими, „со инвестирање, односно купување зелена обврзница, директно се поддржува развојната компонента во Буџетот, односно зелени инвестиции насочени кон заштита на животната средина“.
Годинава, вели министерот, во Буџетот „е планиран историски највисок износ на капитални расходи и е согласно златното правило во јавните финансии, односно нивниот износ е повисок од буџетскиот дефицит. Тоа значи дека сите средства обезбедени, меѓу другото, и преку овој инструмент, ќе бидат насочени за капитални проекти со карактеристика на зелена инвестиција“.
Аукцијата ќе се одржи во вторник (3 октомври). Заинтересираните можат да поднесат барање за учество преку банките, заклучно со понеделник.
Правилата се познати. Зелените обврзници се со рок на доспевање од две години – 5 октомври 2025. Со тоа што инвеститорите ќе добијат камата на 5 октомври 2024 и на 5 октомври 2025, заедно со главницата.
Парите што ќе се обезбедат преку аукцијата, ќе се слеат во Фондот за енергетска ефикасност, кој е во рамките на Развојната банка. Понатаму, под поволни услови ќе им се нудат на компаниите за проекти од доменот на заштитата и унапредувањето на животната средина.
На зелената и претходеше граѓанската обврзница, која ќе има „реприза“. По првата емисија во јули, на која беше пројавен интерес два и пол пати поголем од објавениот износ на проспектот, наскоро ќе се издаде и втората граѓанска обврзница со камата од пет проценти.
На вниманието што го предизвика граѓанската обврзница укажа и главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, според кој, големиот интерес за нив е потврда на тезата дека побарувачка за квалитетни финансиски инструменти постои. Само „треба само да се сака и да се знае како да се искористи“.
Сето ова е согласно Стратегијата за развој на пазарот на капитал и Планот за забрзан економски раст. Оттаму, како што најави министерот, во наредниот период ќе бидат понудени и проектни обврзници и развојни обврзници, насочени кон развојни и проекти поврзани со инфраструктурата. Важно е да се нудат креативни решенија и нови инструменти на пазарот, кои ќе овозможат полесен пристап до финансиски средства за малите и средни претпријатија, смета министерот, а со тоа ќе има простор и за реализација на новите идеи.