
Со нето добивка од 206,1 милиони денари Адинг ја заврши деловната 2025 година, што претставува намалување од 10,9 проценти во однос на претходната година, но и резултат кој значително ги надминува планирањата на компанијата.
Според консолидираните податоци, компанијата остварила вкупни приходи од 831,7 милиони денари, што е раст од 7,2 проценти на годишно ниво. Продажбата останува доминантен извор на приходи со учество од 98,2 отсто, односно 816,8 милиони денари, при што 60,2 проценти од продажбата се реализирани на домашниот пазар, а 39,8 проценти на странските пазари.
Од друга страна, вкупните расходи достигнале 629,3 милиони денари, што претставува значително зголемување од 15,6 проценти во однос на претходната година. Повисокиот раст на трошоците во однос на приходите директно влијаел врз намалувањето на профитабилноста.
Анализата по квартали покажува дека приходите биле највисоки во вториот квартал, кога достигнале 238,5 милиони денари, додека расходите континуирано растеле во текот на годината и го достигнале својот максимум во четвртиот квартал од 183,5 милиони денари.
Финансискиот резултат постепено се подобрувал во текот на годината, при што добивката пред оданочување на крајот од декември достигнала 214,6 милиони денари. Сепак, тоа е за 11,7 проценти помалку во однос на претходната година. И покрај падот, резултатот значително ги надминува плановите на компанијата – за дури 261,9 проценти во однос на предвидените 59,3 милиони денари.
Нето добивката од 206,1 милиони денари, иако пониска од ланските 231,3 милиони денари, останува на солидно ниво, што укажува на стабилно работење.
Дополнително, компанијата во текот на годината ја зголемила кредитната задолженост за 7,15 милиони денари, реализирала капитални инвестиции од 59,1 милион денари и ги зголемила залихите на готови производи за 12,1 милион денари. Воедно, исплатена е дивиденда во износ од 13 милиони денари, односно 38 денари нето по акција.
Показателите за остварување на планот упатуваат на силна оперативна динамика, со надминување на планираното во текот на целата година. Во првиот квартал реализацијата била повисока за 23,8 проценти, во вториот за 41,8 проценти, во третиот за 20,6 проценти, додека во четвртиот квартал надминувањето на планот достигнало 37,6 проценти. Ваквиот тренд се одржувал и на месечно ниво, со значителни отстапувања над планираното, особено во последните месеци од годината.
Со вакви резултати, Адинг ја потврдува стабилноста на своето работење и способноста да генерира приходи и добивка над очекувањата, и покрај притисоците врз трошоците.
Аналитика








