Производствениот погон на банкротираниот белгиски „Ван Хол“ лоциран во ТИРЗ Скопје 2 преминува во сопственост на холандската семејна индустриска компанија ВДЛ. Производството продолжува, вработените над 1.300 лица остануваат на своите работни места.
И покрај проблемите на доскорешниот сопственик, активностите на погонот во земјава се одвиваат повеќе или помалку успешно, со оглед на пречките што ги наметна Ковид-кризата. Остварувањата се постојано во позитива, а особено се издвојуваат ланските постигнувања. Гледано во контекст на последните пет години, приходите во 2023 се за 99 проценти повисоки во однос на 2022, со што ги надминуваат и оние од 2019. Добивката, пак, е за 108,35 насто повисока, но не успева да го достигне прагот од 2019. Има бонитетна оцена Ц, што упатува на ниска способност за извршување на финансиските обврски.
Податоците од Бизнис мрежа покажуваат дека најкритична во работењето била 2021 година. Тогаш скопскиот огранок на „Ван Хол“ забележал приходи од околу 20 милиони евра, а имал трошоци од над 28,8 милиони евра. Затоа и добивката е минимална и изнесувала 142,5 илјади евра. Таа година работно биле ангажирани само 371 работник.
Кој работи има и трошоци. Расходите на „Ван Хол“ се постојано високи. Лани во однос на преклани се зголемиле за 98,25 насто. А, ако се споредува со критичната 2021 кога сите регистрирани бројки се ниски, растот е за огромни 722 проценти.
Најголемата добивка остварена од работењето во ТИРЗ Скопје 2 „Ван Хол“ ја запишал во 2019 година – 765.093.852 денари или 12,4 милиони евра. Потоа доаѓа пандемијата и падот што почнува во 2020, кулминира во 2021, кога износот е под 150 илјади евра. Сепак, од 2022 следи стабилизација и раст, па ланскиот профит е повеќе од удвоен.
Бројот на вработените низ годините е усогласен на активностите и на работното темпо. Најмал ангажман, веќе е споменато, бил потребен во 2021 (371). Но, осипувањето почнало претходната 2020, кога работа имало за 631 работник. Додека една година пред тоа, просечниот број на вработени бил 1.048. Меѓутоа, лани (1.366) бројот на лицата кои својата егзистенција ја обезбедуваат во Бунарџик се зголемил за 58,47 насто во споредба со регистрираните 862 во 2022 година.
Работата продолжува со нов газда – „ВДЛ Груп“. Семеен меѓународен индустриски бизнис со седиште во Брејнпорт Ајндховен. Компанијата има шестдецениска традиција, основана е во 1953, а од 2017 година бизнисот го води третата генерација. Делува во 19 земји, каде што има повеќе од 16 илјади вработени. Меѓу податоците за ВДЛ може да се прочита дека сите подружници имаат висок степен на автономија и одговорност во работењето. „ВДЛ Груп“ во 2022 остварил комбиниран годишен обрт од 5.752 милијарди евра. Индустриското производство опфаќа од делови до напредни готови производи, „петте светови“ на ВДЛ, како што стои на нивната веб-страница, се Hightech, Mobility, Energy, Infratech и Foodtech. Соработуваат со над сто оперативни компании и како што велат „се залагаат за сила преку соработка“.
Подготвил: Маја Анастасова