ПОВЕЌЕ

    Придобивките на EuroTeleSites од излегувањето на берза презентирани во Клубот БУМ

    Време зa читање: 2 минути

    Клубот БУМ, кој овозможува помош во поврзувањето на релација инвеститори – компании по пат на финансирање на бизнисите преку пазарот на капитал, одржа редовен квартален состанок. Овојпат, претставниците на постојните членки и на фирмите кои имаат намера да пристапат кон  клубот, одблиску се запознале со функционирањето на EuroTeleSites AG Vienna.

    Австриската компанија, која во 2023 година се котираше на Виенска берза, ја претставил главниот извршен директор Иво Ивановски, на домашната јавност познат како поранешен министер за информатичко општество. Освен за капацитетот и можностите на EuroTeleSites, присутните слушнале и за процесот низ кој минала компанијата при излегувањето на берза,  како и за придобивките кои следувале.

    EuroTeleSites се вбројува меѓу врвните светски компании кои делуваат во доменот на телекомуникациска инфраструктура. Го покрива регионот на ЦИЕ, всушност гради дигитална инфраструктура на над 13.400 стратешки локации. Нуди решенија и услуги за поддршка на безжичните мрежи во шест земји – Австрија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Македонија и Србија.

    Освен тоа, на состанокот е зборувано и за пазарот на капитал – решавање на предизвиците со наследување и успешен пренос на бизнисот на новите генерации. Оваа тема ја елаборирале експерти од PwC („Прајс Вотерхаус Купер“).

    Во БУМ Клубот членуваат дваесеттина компании од различни бизнис сектори. Официјално работи од октомври 2023 година. Целта на неговото формирање е стратешка поддршка на домашните компании за одржлив раст на долг рок, обезбедување специфичен know-how и комуникација со останати компании, со организаторите и партнерите на клубот, како и со избрани релевантни регионални субјекти.

    Компаниите заинтересирани за членство во БУМ (Берзата и успешните во Македонија) може да аплицираат на https://bum.mse.mk/.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично