ПОВЕЌЕ

    Преземањето на Раде Кончар – Апаратна техника шанса за малите акционери?

    Време зa читање: 2 минути

    Заложбите на Раде Кончар – ТЕП наведени во понудата за преземање се генерално позитивни и Одборот на директори на АД Раде Кончар-Апаратна техника „зазема позитивен став кон нив“. Менаџментот даде свое мислење за понудените 2.435 денари за обична акција со прво на глас. Тоа се однесува на 151.709 акции, а цената е 20 насто повисока од пазарната вредност во последните дванаесет месеци.

    Осврнувајќи се на содржината на Проспектот за преземање, од Одборот на директори се вели:

    „Примарна цел на преземачот по успешно спроведување на преземањето е подобрување на финансиската кондиција на целното друштво, како и зголемување на ефикасноста и рентабилноста, преадаптација и пренамена на деловните објекти на целното друштво, реструктуирање и оптимизација на работењето на друштвото, подобрување на работењето на друштвата каде што целното друштво поседува удели или акции. Преземачот не планира промена во политиката на управување со АД Раде Кончар-Апаратна техника-Скопје… Преземачот планира целното друштво да продолжи со својата основна дејност…“.

    Сепак, „членовите на Одборот на директори на АД Раде Кончар-Апаратна техника-Скопје кои се иматели на обични акции со право на глас издадени… немаат намера да ја прифатат понудата…“, е нивниот став објавен преку Македонска берза.

    Од друга страна понудата, која е целосно усогласена со законските одредби и има транспарентна процедура, се оценува како поволна можност за малите акционери кои сакаат да ги продадат и капитализираат своите удели. Всушност, и Одборот на директори смета дека понудата ќе нема негативно влијание врз идните планови на компанијата и ќе придонесе за подобрување на ефикасноста, финансиската стабилност и оптимизацијата на работењето.

    Рокот даден во понудата е 28 октомври. Дотогаш, ационерите што во понудениот износ го согледуваат сопствениот интерес, треба да се обратат кај овластените брокери и да го спроведат процесот на запишување на акциите.

    Раде Кончар – ТЕП веќе обезбеди банкарска гаранција од 369.411.415 денари, или над шест милиони евра, кои се на посебна сметка во Централниот депозитар за хартии од вредност.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично