ПОВЕЌЕ

    ПРЕМИЕРОТ НА КАНТОН САРАЕВО ДАДЕ ОСТАВКА, СТАРИТЕ ТРАМВАИ ПОВЛЕЧЕНИ: Повеќедневните протести по трагичната трамвајска несреќа вродија со плод

    Време зa читање: 4 минути

    Премиерот на Сараевскиот кантон, Нихад Ук, денес поднесе оставка во преземајќи политичка одговорност по трагичната трамвајска несреќа во која загина 23-годишниот Ердоан Моранкиќ, а четири лица беа повредени. Оставката следува по неколкудневни масовни протести што се одржуваат од 12 февруари, денот кога се случи несреќата. Ук претходно најави дека се повлекува од функцијата во недела, 15 февруари, со што завршува тригодишниот мандат на владата што ја предводеше, објави radiosarajevo.ba.

    Ук објави и дека од денес на 17 февруари, сите стари трамваи што биле технички исправни се повлечени од сообраќај, а ќе се спроведат дополнителни технички анализи, чии резултати ќе бидат јавно објавени.

    Ук предупреди дека ваквата одлука може да предизвика дополнителен метеж, бидејќи новите трамваи нема да можат целосно да го покријат потребниот капацитет.

    „Да не беа набавени 25 нови трамваи, денес немаше да имаме јавен превоз. За секој трамвај ќе се издаде сертификат и ќе се спроведе инспекција“, изјави тој.

    Тој додаде дека ќе се утврди дали сите процедури за техничка исправност биле спроведени согласно прописите и најави темелна проверка на одговорноста во рамки на постојната хиерархија.

    На прес-конференцијата, Ук изјави дека неговото обраќање не е за личната позиција, туку за актуелната состојба во кантонот.

    „Кога ја презедов одговорноста, знаејќи ги добрите и лошите страни, ја знаев целта – без разлика колку трае мандатот, да можам да одам по улиците на нашиот град исправено и без срам“, рече тој.

    Во првите 72 часа по несреќата, како што наведе, одржал три седници на владата, бил на местото на трагедијата заедно со ресорните министри, ги посетил повредените и одржал низа состаноци поврзани со случајот. Истовремено ги следел протестите што се одржувале пред Националниот музеј.

    „Тоа беа наши сограѓани, луѓе што дојдоа да се простат од Ердоан и да побараат одговорност, вклучително и моја оставка. Мојата оставка не е бегство, туку преземање одговорност“, нагласи Ук.

    Тој најави дека ќе продолжи да ја извршува функцијата до изборот на нова влада и дека ниту еден започнат процес или инфраструктурен проект во кантонот нема да биде запрен.

    Премиерот истакна дека трагедијата се случила во секторот во кој владата најмногу инвестирала – јавниот превоз.

    „Одлуката беше да им го вратиме јавниот превоз на граѓаните. Инвестиравме стотици милиони КМ – од реконструкција на железничката инфраструктура до набавка на нови трамваи и тролејбуси“, рече Ук.

    Според него, владата затекнала долгови од околу 300 милиони конвертибилни марки, од кои во изминатите три години биле исплатени 110 милиони. Тој потсети дека претходната влада поднела повеќе кривични пријави поврзани со состојбата во јавното транспортно претпријатие GRAS и со, како што рече, фактичкиот банкрот на компанијата, но дека по тие постапки немало разврска.

    Ук го поздрави повлекувањето на директорот на GRAS и најави воведување задолжителна администрација, ревизии при пуштањето во употреба на трамваите и целосна соработка со Кантоналното обвинителство. „Најважно е да се воспостават процеси што ќе ја гарантираат безбедноста на граѓаните, за да не се повтори ваква трагедија“, рече тој.

    „Ова е моја комуникација исклучиво кон граѓаните кои го покажаа својот гнев на цивилизиран начин и побараа одговорност“, рече тој, додавајќи дека досега не добил формални барања, туку дека повиците главно се одвивале преку социјалните мрежи.

    Во однос на идната влада, Ук рече дека разговори сè уште не се водени и дека тоа е прашање за понатамошни политички договори.

    „Мојот фокус е исклучиво на расветлување на трагедијата и обезбедување кантонот да функционира непречено додека не биде избран нов премиер“, заклучи тој.

    (Фото: принтскрин од видео, Sarajevo.ba)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично