ПОВЕЌЕ

    Прекумерни трошења, дупки, ребаланс – Буџетот ја губи развојната компонента

    Време зa читање: 4 минути

    За шест месеци буџетот е потрошен за високи 71 отсто. Со ребалансот расходите се зголемуваат и дефицитот има драматичен раст. Со тоа дополнително слабее развојната буџетска компонента. Сепак, има и добра вест – реалистичното макроекономско проектирање на ребалансот, особено што тоа не било појава во досегашната практика. Ваквата структурна промена доби поддршка од Институт за економски истражувања и политики „Finance Think“.

    Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, вели дека на овој начин само се обезбедуваат пари за сите потреби предвидени со закон, кои не влегле во планирањето на средствата. Буџетот е потрошен и ребалансот е соодветен на состојбите: „Со ребалансот обезбедуваме средства за сите оние и за сето она што било предвидено со закон, а немало планирани средства, односно средства за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање на обврските по основ на камати, заеми…“.

    А, пак, пратеникот на СДСМ и екс вицепремиер, Фатмир Битиќи, тврди тоа е најава за „Франкенштајн економија“, во која „различни и често контрадикторни економски политики преку ребалансот се соединуваат во една нефункционална и разорна целина“. Со овој ребаланс се одзема вредност, се  вршат прераспределби кои ги редуцираат можностите за раст и развој на економијата, тврди тој.

    Додека во Собранието сѐ повеќе се загрева атмосферата на оваа тема, иако ова е само втор ден од расправата за ребалансот во Комисијата за финансирање и буџет, а допрва ќе се расправа и по доставените 58 амандмани, со анализа излегоа експертите од Институтот.

    „Она што најмногу загрижува во предложениот ребаланс на Буџетот е секако расходната страна. Со ребалансот се предвидува дека вкупните расходи ќе се зголемат за 19.2 милијарди денари споредено со основниот буџетски план за 2024 година. Со тоа, буџетскиот дефицит забележува драматичен раст, од првично проектираните 3.4% на 4.9% од БДП. Finance Think изразува загриженост дека ваквото проширување на буџетскиот дефицит е целосно застранување од патеката на фискална консолидација, која иако беше недоволна, отпочна по пандемиската 2020 година“, пишува во извештајот.

    Тоа не е изненадување, сметаат експертите, затоа што уште предизборните ветувања најавија дека „за нивното остварување е потребно значително проширување на фискалниот простор, што сега се огледува во 44%-но зголемување на буџетскиот дефицит“, што го вклучува линеарното зголемување на пензиите, па трошокот е „скоро двојно поголем од редовното усогласување на пензиите со трошоците на живот и просечната плата, и тоа го притиска новопроектираниот продлабочен дефицит“.

    Всушност, се цени дека проширувањето на фискалниот дефицит е резултат на веќе споменатата истрошеност на буџетот, што е тесно поврзано со „повеќеслојната економска криза од претходните години“. А, како втора тенденција се посочува „неможноста, или недоволното време да се консолидира и рационализира расходната страна, а во услови на претходно-преземени законски обврски кои сега имаат или ќе имаат фискална реализација“. Во тој контекст се нагласува ставката стоки и услуги или користење возила, ручеци, мебел и хонорарно вработување партиски членови, за што „Finance Think очекува вакви потези, базирани на поширока дебата, да станат видливи при проектирањето на Буџетот 2025 година, покрај кај ставката стоки и услуги, и во други релевантни ставки како разните видови субвенции, трансфери итн“.

    За финансирањето на буџетскиот дефицит, од „Finance Think“ велат дека важно прашање е обезбедувањето на унгарскиот заем.

    „Позајмување од билатерален партнер, а занемарувајќи ја евентуалната политичка компонента, по поповолни услови од моментално пазарните, се чини конструктивен чекор, иако каматна стапка на било кое позајмување моментално е повисока од остварувањето на економскиот раст во земјава“.

    Економистите од Институтот акцентираат дека со ваквата поставеност на основниот Буџет и со предвидениот ребаланс, развојната компонента не само што не се зајакнува, туку дополнително ослабува. „Во оваа насока, потребна е структурна промена во буџетирањето и во политиките на владата во претстојниот среднорочен период. Дополнително, иако среднорочното буџетско планирање е една од предвидените алатки која ќе го унапреди планирањето и ќе избегне ризици од неземање предвид расходи кои следат во следните фискални години, неговата имплементација е само на хартија“.

    Парламентарците ги бранат, односно напаѓаат предложените суми во ребалансот: расходи кои со плус 322 милиони евра достигнуваат 5,9 милијарди евра, што е 5,6 насто повеќе од основниот буџет; приходи од 5,17 милијарди евра, зголемени за 133,7 милиони евра или за 2,6 проценти; дефицит кој се поместува од 3,4 на 4,9 проценти од планираниот БДП, од 545 на 726,3 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично