Пристапот на ПроКредит Банка се базира на добро познавање на своите клиенти, одржување на редовна соработка и отворена комуникација
Последните неколку години се одликуваа со значајни макроекономски промени кои донесоа отежнати услови за раст и развој на бизнисите во нашата економија. Има поголем број на причини, како на пример Covid-19 кризата која што доведе до недостаток или отежнати канали на дистрибуција на стоки и добра, војната во Украина, зголемена инфлација, раст и нестабилни цени на ресурсите. Сите овие фактори придонесоа за поголема неизвесност во економијата и кај бизнисите. Но од друга страна, истите беа и поттик за преземање на одредени активности за побрзо прилагодување на специфичното окружување. Главните заклучоци се дека малите и средните претпријатија со соочија со предизвици поврзани со ликвидноста на компаниите, поголема потреба за обртни средства и финансирање на набавки за да се обезбеди континуитет во производството и продажбите. Дополнително, заради зголемување на цените на ресурсите, проследено со отежната корекција на излезните цени, компаниите се соочија со намалени бруто и нето маргини, или помали профити. Дополнителен негативен ефект е и зголемувањето на цените на енергенсите, кои што се значаен ресурс во производствените процеси, но и во останатите дејности во економијата.
Од досегашното искуство и успешни примери од нашите клиенти, би сумирала неколку предлози кои се покажаа како значајни точки за подобрување на одржливоста на бизнисите. Детално разгледување на интерните процеси во компанијата и нивна реорганизација која би придонела во заштеда на трошоци и енергенси. Реорганизацијата може да вклучи многу различни аспекти и процеси, на пример реорганизација на смени, автоматизација на процеси, фокус на неколку производи или бизнис линии во компанијата кои покажале поголема стабилност, ревидирање и кратење на непродуктивните трошоци.
Како следен важен аспект е зголемување на ефикасноста и продуктивноста во секојдневното работење на компанијата. Зависно од дејноста, истите можат да се подобрат преку одредена инвестиција, односно опрема или машина која ќе придонесе за намалување на потрошувачката на ресурси. Во изминатиот период доста актуелно е инвестирање во фотоволтаични централи за задоволување на сопствените потреби за енергија. Овој тип на инвестиции се доста значајни за индивидуалните компании, но имаат и глобален економски ефект. Земајќи предвид дека Македонија е енергетски увозно зависна економија, овој тип на инвестиции имаат позитивен придонес кон намалување на енергетската зависност, со тоа и поголема енергетска стабилност од гледна точка на достапност на енергија, но и поголема предвидливост од ценовен аспект.
Пристапот на ПроКредит Банка во работата со бизнис клиенти се базира на добро познавање на нашите клиенти, одржување на редовна соработка и отворена комуникација. Многу важен дел од нашите секојдневни активности е подготовката на детална бизнис и финансиска анализа на клиентите. Таа започнува со разбирање на бизнис моделот на клиентот, односно како функционира бизнисот, кои се главните ресурси што се потребни, кои продукти или услуги ги нуди, нивните главни соработници, конкуренцијата итн. Анализата го зема предвид развојот на компанијата низ годините, најзначајните промени и главни моменти кои имале значајно влијание на компанијата низ годините. Во детали се разработуваат и финасиските извештаи на компанијата, каде што пред сè, се оценува ликвидноста, солветноста и профитабилноста на бизнисот. Еден значаен дел од финансиската анализа е и разбирање на плановите и очекувањата за иднината. За таа цел со секоја финансиска анализа, банката, во соработка со клиентот, изработува финансиски проекции за наредните години каде што се оценуваат идните планови и потреби на компанијата. Финансиските проекции придонесуваат и за проактивна идентификација на потенцијалните микро и макроекономски ризици, изнаоѓање на предлози и решенија за намалување или менаџирање на ризиците во работењето на компаниите. Како предност за нас и за клиентите на банката, е презентацијата на заклучоците од деталната анализа, заедничка дискусија за главните точки и ризици, и заедничко договарање на мерки за прилагодување и подобрување.
Економијата и бизнисите се соочуваат со трета кризна година која секако има ефект врз целокупната финансиска состојба, кредитоспособност на компаниите и зголемување на ризиците за банките. ПроКредит Банка и во вакви предизвикувачки услови успеа да одржи висок квалитет на кредитното портфолио, кое во континуитет е значајно подобро од кредитното портфолио од просекот на банкарскиот сектор. Ваквите резултати се пред сè одлика на нашиот пристап кон клиентите и кон менаџирање на кредитниот ризик. Почнувајќи од добро познавање на бизнис клиентите, навремено и проактивно следење на макроекономските промени и нивниот ефект на бизнисите и навремено преземање на мерки за прилагодување и надминување на тешкотиите. Дополнително, многу е важна улогата на банката во финансирање на проекти и инвестиции кои допринесуваат за побрза адаптација на бизнисот, заштеда на ресурси, подобрување на ефикасноста и целокупната конкурентност на домашниот и странскиот пазар.
Извор на текст и фотографија:pcb.mk