ПОВЕЌЕ

    Предизвиците на пандемијата на COVID-19 за небанкарските финансиски друштва

    Време зa читање: 5 минути

    Пандемијата на Ковид-19 навлезе во секоја пора од општественото живеење. Покрај здравствените ризици со кои се соочуваат цели општества, пандемијата предизвика и огромни предизвици за глобалната економија, што драстично и трајно ја менуваат и допрва ќе ја менуваат микро и макроекономската слика.

    Првенствено на удар се малите фирми, но и големите компании се соочуваат со еден од најголемите економски предизвици во последните сто години, кој што нанесува значаен удар врз нивното целокупно работење од секаков аспект, интерно, а и на екстерното економско опкружување – приходи, расходи, трошоци, инвестиции, парични текови, вработени.

    Во услови кога глобалната здравствена и економска криза предизвикана од пандемијата на COVID-19 зема замав, финансиските друштва како и сите останати компании се соочуваат со проблеми со одржување на ликвидноста, неможност за наплата на побарувањата и со намалување на пристапот до извори на финансирање.

    Но, да се навратиме чекор наназад и да се потсетиме која е основната функција на финансиските друштва и примарната потреба за нивните услуги на пазарот.

    Небанкарските финансиски друштва овозможуваат пристап до финансии за граѓаните и малите бизниси кои имаат потешкотии за пристап до финансиски средства на друг начин, и тоа многу брзо и едноставно, токму во моментите кога е тоа најпотребно, што директно влијание на квалитетот на животот на корисниците на услугите.

    Податоците од истражувањето што го спроведе Асоцијацијата на Финансиски друштва на Северна Македонија (АФД) минатата година, покажаа дека 12% од испитаниците немаат доволно пари ниту за храна, 57% можат да ги задоволат само потребите за храна и облека, но немаат доволно средства за да купат уреди за домаќинството, 44% од испитаниците не биле во можност да заштедат, а 35% се изјасниле дека со своите заштеди би можеле да живеат околу еден месец. Овие податоци несомнено ја покажаа потребата од финансиски средства, а Финтек индустријата, којашто е во развој насекаде во светот, постои и кај нас со вистинска причина – да ги обезбеди потребните средства, на брз и лесен начин, без дополнително обезбедување.

    „Небанкарските финансиски друштва иако се најмладиот сегмент на финансискиот сектор во Северна Македонија, беа најбрзорастечкиот сегмент, којшто во последните неколку години активно ги поддржуваше сите оние граѓани и компании коишто имаа потреба од средства за покривање на секојдневните потреби и обртен капитал. Зборуваме за стотици илјади граѓани кои во одреден момент, имале потреба од финансиски средства за надминување на одредени финансиски потешкотии и милијарди денари ставени на располагање на граѓаните, кои најчесто немаат пристап до кредитите на традиционалните финансиски институции“ – изјави Јана Никодиновска, Генерален секретар на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија.

    АФД

    Разлики помеѓу небанкарските финансиски друштва и традиционалните финансиски институции. Основната разлика помеѓу финансиските друштва и традиционалните финансиски институции се состои во финансирањето, односно традиционалните финансиски институции главно се финансираат од депозити на граѓаните по ниски каматни стапки, додека пак финансиските друштва се финансираат од сопствени средства и други извори со повисок трошок на финансирање, кој изнесува приближно 15%. Кога на сето тоа ќе се додаде и ограничениот или целосно оневозможениот пристап до изворите на финансирање поради глобалната економска криза и дополнителните рестрикции во регулативата, многу директно и многу реално се доведуваат во прашање средствата неопходни за оперативното работење на финансиските друштва, како плати за вработените, обврски кон добавувачи, отплата на кредити, обврски кон добавувачи и сл.

    Традиционалните финансиски институции, барем според сегашните податоци и анализи, одржуваат одредено високо ниво на стабилност и профитабилност. Небанкарскиот финансиски сектор во дадените околности веќе се соочува со потешкотии за одржување на ликвидноста. Затоа несомнено се јавува потреба за соодветен рамноправен пристап при распределбата на финансискиот товар од кризата на небанкарскиот финансиски сектор и традиционалниот финансиски сектор.

    Индустријата на небанкарски финансиски друштва, иако мала по учество и речиси без системско влијание, вработува над 1.000 млади луѓе, има солиден придонес кон државните давачки и придонесува кон развојот на заедницата преку општествените проекти, а со тоа има директно влијание врз социо-економската динамика. Кон ова, треба да се додаде и улогата на небанкарските финансиски друштва за финансиска инклузија на сите општествени слоеви во нашата држава. Оттука, основано се наметнува прашањето за нивото на рестрикции кое треба да се примени на небанкарските финансиски друштва од регулаторен аспект  како и прашањето за рамномерна распределба на товарот од кризата низ сите сегменти на финансискиот систем. Небанкарскиот финансиски сектор е подготвен да се солидаризира со состојбата во која се наоѓаат граѓаните и општеството во целина и е подготвен да понуди олеснувања за засегнатите граѓани и компании, но не може да си дозволи  еквивалентни мерки на традиционалниот финансиски систем. „Драстични рестриктивни мерки ќе бидат погубни за индустријата која делува во и онака отежнати услови, во отсуство на финансиска поддршка од државата која евентуално би ги ублажила ударите од влијанието на кризата.“ – додаде Никодиновска.

    Со сето ова се доведува во прашање опстојувањето на Финтек индустријата, а со тоа и опасноста да се пресечат алтернативни канали на финансирање за многу микро и мали компании, како и за голем дел од населението, затоа што традиционалните финансиски институции и пред кризата се покажаа резистентни да им даваат кредити, нешто на што и меѓународните финансиски институции, како ОЕЦД, постојано упатуваат и укажуваа за неопходна поддршка и развој на алтернативните пристапи до финансирање.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично