Во предновогодишната еуфорија кога се изоструваат сетилата за вкус, мирис и убавина, дозволете да ви ја раскажеме приказната за чоколадото, за колачите, за се што му причинува слатко задоволство на нашите непца…
Првите чоколади биле направени во Англија во кондиторска фабрика во 1847 година, и тие во својот состав имале путер од какао, шеќер, зрна од какао и ликер. Но, историјата на чоколадото се смета дека е долга речиси 4.000 години, само што нејзините почетоци биле како течно чоколадо и во таква форма чоколадото се конзумирало речиси 3.800 години и било напиток за привилегираните.
Истражувачите на кралот на слатките задоволства – Неговото височество Чоколадо, запишале дека неговата историја започнува во античка Мезоамерика, денешно Мексико. Тука се пронајдени првите растенија какао. Олмеците, една од најраните цивилизации во Латинска Америка, биле првите кои го претвориле растението какао во течно чоколадо. Тие ја пиеле својата чоколада за време на ритуали и ја користеле како лек.
Со векови подоцна, Маите ја фалеле чоколадата како пијалок на боговите. Чоколадото на Маите бил почитуван пијалак направен од печени и мелени семки од какао измешани со чили, вода и пченкарно брашно. Маите ја истурале оваа смеса од едно во друго тенџере, создавајќи густ пенлив пијалок наречен „xocolatl“, што значи „горчлива вода“.
Овој пијалок станал омилен и на Ацтеките кои се смета дека ја освоиле мексиканската долина во 12 век. До 15 век, Ацтеките ги користеле зрната какао како платежно средство, а еден роб можел да се купи за 100 зрна какао. Тие на какаото му припишувале божествена моќ која ги смирува и зајакнува луѓето и ја зголемува нивната плодност. Денеска се верува дека постојат докази според кои царот на Ацтеките – Монтезума Втори пиел 50 чаши чоколадо секој ден.
Всушност, какаото некогаш го имало на стеснет простор, а и рецептот за течното чоколадо се чувал, па долги години го пиеле само кралеви и восокиот сталеж. Во Европа, конкретно – во Шпанија, се смета дека го донел Хернан Кортез кој бил шпански освојувач на Ацтечкото царство. Историјата тврди дека во 1523 година на Кортез му понудиле пијалок од зрна од какао, а тој му ја претставил течната чоколада на Стариот свет, каде што засладена, наскоро станала омилена храна на европските богаташи и благородници. Дури во 1828 година е пронајден ефтин рецепт како путерот од какао да се направи од рендано какао, откитие кое довело до првата тврда чоколада во фабриката во Англија.
Со модерната историја на тоа ново чоколадо, почнала и новата ера во колачите. Слатките задоволства се денес достапни и „заведуваат“ од секој рафт. А и Македонија има своја долга „слатка приказна“.
Еве како работат фабриките во кои се прават македонските чоколади и колачи:
Компанија | Приход 2020 | Добивка 2020 |
---|---|---|
Витаминка АД | 41.700.000 евра | 223.000 евра |
Макпрогрес ДОО | 27.800.000 евра | 1.800.000 евра |
Европа АД | 13.300.000 евра | 1.300.000 евра |
Свислион – Агроплод ДООЕЛ | 13.300.000 евра | 430.000 евра |
Извор: Бизнис мрежа
Вистинска асоцијација на македонско чоколадо дефинитивно е фабриката „Европа“. „Европа“ своите почетоци ги прави во 1882 година како занаетчиска работилница за производство на бонбони, локум и слични производи од шеќер. За разлика оттогаш, денес таа е модернизирана фабрика за чоколади, вафли и бонбони која може да се пофали со своите достигнувања. Според податоците на „Европа“ нејзиното годишно производство е околу 5.000 тони слатки производи кои се продаваат на домашниот и на странскиот пазар.
Минатата година „Европа“ направила промет од 13,3 милиони евра, а добивката и била 1,3 милиони евра. Податоците од платформата Бизнис мрежа покажуват и дека лани приходите на „Европа“ биле за 4,3% поголеми отколку во 2019 година, а добивката пак, и била поголема за 10,4%.
Макпрогрес ДОО од Виница е претпријатие основано во 1990 година како мал семеен бизнис. Денес претставува еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија со пласман на своите производи во преку 45 држави во светот.
Компанијата лани направила промет од 27,8 милиони евра и заработила 1,8 милиони евра и овој профит бил поголем дури за дури 73% во однос на 2019 година.
Името на компанијата „Свислион“ е поврзано со 4 фирми во Македонија, но прозводството на кондиторки производи е во рацете на „Свислион – Агроплод“ ДООЕЛ Ресен. Оваа компанија лани направила приход од 13,3 милиони евра што е за 1,06% помалку отколку во 2019 година и имала добивка од 430.000 евра, што е 13,2% помалку од добивката во 2019 година
Прилепска „Витаминка“ е водечка компанија во прехранбената индустрија во Македонија. Од своето вкупно производство, околу 45% пласира на пазарите надвор од земјата и ги продава во повеќе од 30 држави. Во 2019 година „Витаминка“ ја купи фабриката за масло „Брилијант“. Витаминка има над 350 видови пакувани прехранбени производи, а еден дел се слатки произвди. „Витаминка“ лани свртела 41,7 милиони евра, но профитот и бил „само“ 223.000 евра. Ланските приходи на компанијата биле помали за 1,85% во однос на 2019 година, но добивката и се намалила за 21%.