Сите што скенираат сметки, во мај можат да очекуваат зголемен поврат на ДДВ. Лимитот сега изнесува 2.100, наместо досегашните 1.800 денари за едно тримесечје. Ова се однесува за сметките скенирани во периодот јануари – март, а промената ја изгласаа собраниските парламентарци.
„Првите зголемени суми корисниците на апликацијата #МојДДВ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во периодот јануари – март 2023 година“, напиша на социјалните мрежи директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
За новината се огласи и премиерот Димитар Ковачевски.
„Повеќе пари за граѓаните со зголемениот поврат на ДДВ. Пратениците од мнозинството ги изгласаа законските измени за зголемување на прагот на поврат на дел од ДДВ од 1.800 на 2.100 денари за едно тримесечје“.
Проектот „Мој ДДВ“ стартуваше во 2019 година, со цел кај граѓаните да се создаде навика да бараат фискални сметки. Со самото тоа, и да се вклучат во процесот на намалување на сивата економија, што, пак, треба да придонесе за елиминација на даночното затајување.