Регулаторната комисија за енергетика и претседателот Марко Бислимоски се отворени за соработка со сите институции, со цел да се расчисти случајот споделен во јавноста од страна на Финансиската полиција. Од РКЕ нагласуваат дека постапката за одземање лиценца на Тритерол Петрол била спроведена законски.
РКЕ се огласи откако од Управата за финансиска полиција соопштија дека поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против претседателот Марко Бислимоски, поради сомнение за „злоупотреба на службената положба и овластување”.
„РКЕ ја информира јавноста дека во конкретниот случај за постапката за одземање на лиценца на Тритерол Петрол е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, со тоа што на ист начин и во исти рокови е постапено и за други компании баратели на лиценци.
РКЕ нема да коментира детали со цел да остави институциите на системот професионално да си ја вршат работата”, посочено е во соопштението од регулаторите.
Во известувањето од Финансиската полиција беше наведено дека лиценцата била одземена со задоцнување, односно постапката не била почната навреме. Па, наместо во јануари 2024, била одземена во април 2025 година, што ѝ овозможило на фирмата да работи уште 15 месеци, во кои стекнала противправна корист од над 227 илјади евра.
Аналитика








