ПОВЕЌЕ

    ПОСЛЕ ГОДИНИ ЗАСТОЈ: Историски исчекор во реализација на прекуграничниот тунел меѓу Ѓуешево и Деве Баир

    Време зa читање: 3 минути

    По години обвинувања, застои и неусогласености, Македонија и Бугарија се наоѓаат пред историски исчекор во реализацијата на еден од најважните инфраструктурни проекти во регионот – прекуграничниот железнички тунел меѓу Ѓуешево и Деве Баир, како дел од источниот сегмент на Коридорот 8. На состанок во Брисел, организиран од Европската комисија, делегациите од двете земји постигнаа конкретен договор: до крајот на јули ќе биде финализиран текстот на меѓувладиниот договор, а потпишувањето е планирано за оваа есен.

    На состанокот во Брисел, кој за разлика од претходните беше оценет како „редок момент на разбирање“, присуствуваа високи претставници на транспортните институции од двете земји. Од македонска страна учествуваа државниот секретар Стефан Волкановски и директорот на ЈП „Железници Инфраструктура“, Синиша Ивановски, додека од бугарска страна присутен беше заменик-министерот за транспорт Љубен Нанов. Состанокот го модерираше Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан при Директоратот за проширување на ЕК.

    Присутни беа и претставници од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Транспортната заедница, кои изразија подготвеност да обезбедат стручна и финансиска поддршка за проектот.

    Тунелот што ќе ги поврзува Ѓуешево и Деве Баир претставува клучна алка во воспоставувањето на комплетна железничка врска на Коридорот 8, кој се протега од албанскиот брег на Јадранот до бугарското крајбрежје на Црното Море. Според договореното, тунелот ќе се гради според постоечкиот технички проект изготвен од македонска страна. За таа цел, двете земји ќе формираат заеднички работни групи кои ќе ја координираат имплементацијата, а почетокот на градежните работи се планира за првата половина на 2026 година.

    Македонија се обврза до крајот на 2025 година повторно да го распише тендерот за изградба на делницата Крива Паланка – влезот на тунелот. Во меѓувреме, во земјава веќе е завршена трасата Куманово – Бељаковце, а во тек е изградбата на делницата до Крива Паланка.

    Од бугарска страна, веќе се преземени сериозни чекори. Потврдена е тендерската постапка за изградба на преостанатите 2,4 километри пруга од Ѓуешево до средината на тунелот и Деве Баир, која треба да започне до крајот на јули 2025 година. За оваа делница, Бугарија обезбеди 69 милиони евра преку Програмата за транспортна поврзаност 2021–2027. Дополнително, Софија планира инвестиции во железничкиот коридор Софија – Македонија, во вкупен износ што надминува 1,5 милијарди евра.

    Иницијативата има силна поддршка од Европската Унија, особено од координаторите на европскиот транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран и од Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница. Европската инвестициска банка ја истакна подготвеноста да помогне во техничките дискусии и финансирањето.

    Македонија и Бугарија истовремено најавија дека ќе аплицираат за заедничко финансирање од ЕУ и други меѓународни партнери со цел обезбедување доволно средства за реализација на проектот.

    Неодамна, македонскиот министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов имаа јавна размисла – Николоски ја обвини Бугарија дека ја блокира изградбата, додека Караџов тврдеше дека Бугарија веќе гради пруга по која до 2032 година возовите ќе се движат со 160 км/ч, а дека од другата страна сè уште нема конкретен напредок.

    Но, последните состаноци, вклучително и оној во Истанбул минатиот месец, покажуваат дека „секирите се закопани“, а регионалната транспортна поврзаност – клучна и за ЕУ и за НАТО – добива нова динамика.

    Со потпишувањето на договорот оваа есен и почетокот на градежните работи во 2026 година, Коридорот 8 може конечно да излезе од рамката на добрите намери и да стане реалност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично