Тутунската индустрија, угостителите, малите трговци, пушачите… предупредуваат дека ќе бидат оштетени и обесправени од ригорозните решенија предвидени во предлог-законот за заштита од пушење. Реакциите предизвикани од најавените рестрикции и казни се бројни и бурни. Се споменуваат можни загуби, пропаднати бизниси, ускратено право на личен избор, а и реално е да се очекуваат негативни економски ефекти.
За здравјето најчесто почнува да се размислува дури кога ќе се појави некаков здравствен проблем, а ретко однапред се зема предвид дека пушењето е еден од клучните ризик-фактори за низа сериозни заболувања. Атеросклерозата, високиот крвен притисок, хроничниот бронхитис, ангината пекторис, мозочниот и срцевиот удар се меѓу најчестите состојби чие појавување директно се поврзува со употребата на тутун. Повеќе од една третина од сите случаи на карцином на белите дробови, како и значителен дел од кардиоваскуларните болести, се последица на пушењето. Токму затоа суштината на предлог-законот е превенција, а не репресија, објаснуваат здравствените власти. Министерот за здравство Азир Алиу порачува дека целта е заштита на јавното здравје и создавање системска поддршка за граѓаните кои сакаат да се откажат од пушењето, бидејќи зависноста од никотин се третира како сериозен медицински и јавно-здравствен проблем, а не како лична навика.
Оправданоста на законските измени дополнително се потврдува со загрижувачките податоци за состојбата на ова поле во земјава. Околу 45 отсто од возрасното население пуши, што ја вбројува Македонија меѓу државите со највисока стапка на пушење во Европа. Уште поалармантни се податоците кај младите што произлегоа од минатогодишната анализа на тинк тенк Аналитика: просечната возраст на започнување со пушење е само 13,5 години, што значи дека зависноста се формира уште во основно училиште. Дури 74 проценти од младите започнуваат со пушење пред 13-годишна возраст, а повеќе од 80 проценти од пушачите ја создаваат навиката пред 25 години. Причините за сето тоа се лоцираат во недоследноста при спроведувањето на законската регулатива, но и кај широката достапност на цигарите, вклучувајќи ги тука и цените, кои се меѓу најниските во Европа.
Предложеното законско решение би требало да донесе големи промени (иако меѓу одредбите има и такви кои се дел од актуелниот Закон). Нема да биде дозволено пушење ниту обични, ниту електронски цигари во јавни и работни простории, на автобуски станици, на аеродроми, пазари, во заеднички простории во станбени згради… Во присуство на дете, и во свое возило човек не ќе смее да посегне по цигара. Ќе се забрани рекламирањето. И во малопродажбата ќе станат невидливи – тутунските производи ќе мора да се чуваат во непроѕирни, затворени шкафови, без надворешно брендирање.
Здравствените експерти сметаат дека отстапки не смее да има. Предупредуваат дека секое одложување значи нови генерации зависници, повисоки трошоци за здравствениот систем и изгубен човечки потенцијал. Оттука, предлог-законот не се третира како изолиран нормативен акт, туку како обид да се одговори на длабока јавно здравствена и општествена криза, со фокус на превенцијата и заштитата на најранливите – децата и младите.
Аналитика








