ПОВЕЌЕ

    КРИМИНАЛ СО ЛАЖНИ ФАКТУРИ КАЈ УВОЗНИЦИТЕ НА ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК разоткри политиката „замрзни-одмрзни“ цени

    Време зa читање: 3 минути

    Корекција на цените се очекува денес на видовите овошје и зеленчук, кои од минатата среда се замрзнати. Промените треба да бидат процентуални, зависно од зголемените цени на увозот и како што најави министерот за економија, ќе следи мало зголемување или намалување. Но, ниту еден од производите опфатени со владината одлука нема да има цена повисока од сто денари. Според одредени извори, зголемувањата ќе бидат за пет, десет и дваесет денари.

    Во меѓувреме, дел од увозниците работеле според свој терк, па Државниот пазарен инспекторат, Финансовата полиција и Управата за јавни приходи имаат полни раце работа. Веќе неколку дена инспекторите се на терен низ целата држава, а со контролите биле опфатени повеќе од 30 увозници и трговци, како и Кванташкиот пазар.

    Во Скопје, Куманово, Струмица, Дебар… откриени се залихи на овошје и зеленчук кои не пристигнале до крајните потрошувачи, односно утврдено е непочитување на владината одлука за дистрибуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата во јануари и февруари. Освен тоа, пронајдени се и 300 тони грав. Прекршителите ќе бидат казнети со износи од 800 до 10.000 евра, во зависност од нивната големина, како што е законски предвидено. Зашто, наспроти залихите, деловите во маркетите, каде што се изложени овошјето и зеленчукот со денови наназад се полупразни, а слична слика е забележлива и на зелените пазари. Инспекторите и понатаму се на терен.

    За акцијата преку медиумите информираше директорот на ДПИ, Горан Трајковски, кој рече дека се земени потребните документи кои сега се обработуваат. Односно ќе има истраги, а прибраната документација целосно ќе се прегледа и од другите институции. Се работи за фактури од увозот на овошјето и зеленчукот, кои треба да покажат дали и како се лажирале увозните цени за да се избегнат царинските давачки. Конкретно, постои сомневање дека се лажирале влезните фактури за да се плати помал данок, а да се направи поголема маржа на одредени видови овошје и зеленчук. Со други зборови, некои се богателе, додека сите кои работеле според правилата можеби се и во загуба, бидејќи освен примената на замрзнатите цени, на државата и ги плаќаат предвидените давачки.

    Министерот Крешник Бектеши неодамна посочи дека Министерството за економија располага со податоци, според кои повеќето од увозниците веќе подолго време оперирале со двојни фактури, едни за во Царината, а други за купените производи во државите од регионот, со цел да ги избегнат царински давачки. Затоа Царинската управа добила задача да направи детални контроли.

    Всушност, проверките уследија по средбата на Бектеши со увозниците на овошје и зеленчук, кои реагираа дека замрзнатата цена на дел од земјоделските производи е прениска и неисплатлива. Поплаки имаше и од трговците, кои исто така посочуваа дека не им е исплатлива продажбата по, според нив, толку ниски цени.

    Што се однесува до лажните фактури, ќе се гонат сите кои биле вклучени во тој процес, тврди вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.

    „Ова е организиран начин како се влегува. Царинската управа, Управата за јавни приходи и Пазарниот инспекторат конечно да се справат со еден ваков феномен и ако се увиди дека тој е присутен не само на Кванташки туку насекаде во земјава подолг период тогаш инситуциите може да се вратат назад со контролите онолку колку што е потребно. Ќе се гонат сите кои биле учесници, финансиксиот криминал не застарува“, изјави вицепремиерот.

    Надлежните институции – ДПИ, УЈП и Финансовата полиција допрва треба да утврдат – за колкав износ преку лажните фактури е оштетен државниот Буџет.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично