Ако некој може да биде задоволен од бизнисот и остварените резултати во првата половина од годината, тоа се дефинитивно осигурителните компании за неживот. Направиле одличен бизнис, имаат раст на премијата и пад на исплатените отштети. Но, водат и жестока пазарна битка, која резултира и со големи пресврти во пазарните позиции со смена на врвот.
Во првите шест месеци од оваа година, дванаесетте осигурителни компании во земјава наплатиле бруто полисирана премија во вкупен износ од 6,7 милијарди денари, што е раст од 8,2 насто во однос на истиот период претходната година. Кај полисите од приватно здравствено доброволно осигурување има раст од дури 32 насто, а кај каско осигурувањето на моторни возила има раст од 16,7 насто. Пад од 0,05 насто имаат кај полисираната премија од осигурување имот, која е втора најголема ставка во нивните приходи, а кај осигурувањето од автоодговорност, на кое отпаѓа безмалку половина од нивниот бизнис, остварен е раст од 4,9 насто.
Осигурителите успеале во овој период да исплатат помалку отштети отколку во истиот период лани. Ако во првите шест месеци од 2023 година исплатиле отштети во бруто-износ од 2.363,6 милиони денари, оваа година износот минимално го намалиле на 2.362,3 милиони денари. Најмногу ќариле кај осигурувањето имот, каде што има значително намалување на исплатените отштети. Годинава за осигурување имот исплатиле отштети во вкупен износ од 185,8 милиони денари, а минатата година за шест месеци исплатиле вкупно 360,1 милион денари, со што буквално го преполовиле овој износ.
Кај полисите за автоодговорност има минимално зголемување на исплатените отштети, од 1,71 на 1,2 милијарди денари, и овие полиси доминираат како ставка и во исплатените отштети од страна на осигурителите.
Осигурувањето од автоодговорност сѐ уште е доминантен бизнис на компаниите за неживот, иако во последниве години во голема мера го развиваат приватното доброволно здравствено осигурување, кое, пак, како што веќе анализираше Пари, им носи и големи главоболки на осигурителите поради износот на исплатени отштети. Но, веројатно веќе можат малку да здивнат бидејќи во првите шест месеци оваа година бележат поголем раст на премијата (32 насто) отколку на исплатените отштети (23 насто). Се намали и соодносот на бруто полисирана премија и исплатени отштети кај овој вид осигурување. Ако во првата половина од минатата година износот на исплатени отштети беше една половина од износот на полисираната премија, сега овој удел се намали на 46 насто. Бизнисот со приватното здравствено осигурување веќе се ближи до една милијарда денари (816,1 милион денари за шест месеци) и до крајот на годинава може да се доближи и до две милијарди денари. Бруто полисираната премија по овој основ веќе го помина каско осигурувањето на моторни возила, што значи дека граѓаните повеќе се грижат за сопственото здравје отколку за своите автомобили.
Покрај овие промени, кои сигурно им годат на осигурителите, уште подраматични промени се случуваат во пазарното позиционирање на осигурителните компании за неживот. Има смена на врвот и во полисираната премија – Триглав осигурување неживот ѝ го презеде приматот на Еуролинк. Триглав неживот, со 898,3 милиони денари полисирана премија, што е годишен раст од 15 насто, ја помина Еуролинк, која оствари премија од 817,8 милиони денари. Во истиот период минатата година, Еуролинк имаше вкупна премија од 812,2 милиони денари, а Триглав од 780,2 милиони денари. На трета позиција остана Уника. Триглав неживот годинава има и најголем износ на исплатени отштети (лани бил на второ место), со што дојде пред Кроација неживот, која беше прва во првите шест месеци од 2023 година.
Според уделот на исплатените отштети во износот на полисираната премија, од првата тројка најлошо стои Уника, со 35,6 насто, на второ место е Триглав со 34,9 насто, а на трето Еуролинк со 32,1 насто. Но, анализирано во целиот сектор, највисок удел на исплатени отштети во бруто полисираната премија има Винер, со 40,9 насто, следува Сава со 40,7 насто, Халк осигурување со 37,7 насто, и Кроација неживот со 37,2 насто. Најрелаксирани се Евроинс и Македонија осигурување, со 30,6, односно 30,1 насто.
Кога станува збор за поделбата на пазарот според видот на производи, приматот во здравственото осигурување според полисираната премија го има Кроација неживот, а ја следат Триглав и Еуролинк. Лани Кроација повторно била прва, но Еуролинк втора, а Триглав трета.
Во каско осигурувањето на моторни возила, Сава е убедливо на прво место и далеку пред Триглав и Еуролинк. Исто било и лани.
Кај осигурувањето имот, граѓаните и компаниите најмногу ѝ веруваат на Македонија осигурување. На второ место е Триглав, а на трето Еуролинк. А кај осигурувањето од автоодговорност, бизнисот го држи Уника, исто како и лани. Конкуренција ѝ прават Винер и Граве.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска