ПОВЕЌЕ

    ПОЕВТИНИ СКИ-КАРТИ ЗА МАВРОВО ВО EARLY BIRD ПРОМОТИВНИОТ ПЕРИОД: Атрактивни цени за ски-пасови и семејни пакети во претсезонска промоција објави Ресорт Маврово

    Време зa читање: 4 минути

    Во пресрет на зимата, за која синоптичарите очекуваат да биде постудена и со повеќе снег од претходните, скијачкиот центар Маврово почна со продажбата на сезонски ски карти во предсезонска Early Bird промоција. Како што објавија на својата веб страница, Ресорт Маврово во моментов, поточно до 10 декември нуди продажба на сезонски ски карти во пакет со попуст на картата за млади или деца. Од оваа година, информираат од ресортот, во Early Bird е и Pre-Paid Ски Карта за три последователни дена, по цена од 2.200 ден за деца.

    Ресорт Маврово ги потсетува скијачите дека со купена Сезонска ски карта за Ресорт Маврово и годинава можат да скијаат по еден викенд и во други регионални ски центри – на Јахорина, Копаоник или Златибор, Колашин или Бјелашница.

    “Friends of Mavrovo“ за сезона 2024/2025 повторно обезбедија попустот од 10% кај за сите кои купиле Сезонска ски карта за Ресорт Маврово. „На овој начин, обезбедуваме сериозни заштеди за децата и за семејствата, надевајќи се дека што повеќе деца и млади ќе скијаат во новата сезона“, вели Огњан Циговски од Ресорт Маврово.

    Од останатите видови на сезонски ски карти во Early Bird 2024/2025 издвојуваме: поединечни Сезонски ски карти за деца од 6-13 години кои сега се продаваат за цена од 11.500 денари,  (редовна цена 14.000 денари), сезонски ски карти за млади од 14-23 години по цена од 14.500 денари (редовна цена 17.500 денари), додека пак за возрасни од 24-70 години сезонските се по цена од 17.500 денари (редовна цена 21.000 денари)

    Ресорт Маврово во продажба пушти и пакети со сезонски ски карти 1+1, и тоа – Ски карта за возрасни + млади по цена од 25.500 денари, сезонска ски карта за возрасни + деца по цена од 24.000 денари, сезонска ски карта за жичарница + Сезонска ски карта за млади по цена од 12.500 денари и сезонска ски карта за жичарница + Сезонска ски карта за деца по цена од 11.500 денари.

    Новина се и тридневните Pre-Paid Ски карти, карти кои ќе важат за три последователни дена, и тоа: тридневна Pre-Paid ски карта за возрасни од 24-70 години по цена од 3.200 денари (редовна цена 3.700 денари), тридневна Pre-Paid ски карта за млади од 14-23 години по цена од 2.800 денари (редовна цена 3.300 денари), како и тридневна Pre-Paid ски карта за деца од 6-13 години по цена од 2.200 денари (редовна цена 2.700 денари).

    ПАРИ направи виртуелна обиколна на ски центрите во регионот кои се најпосетувани од македонските љубители на скијањето за да ги спореди цените на ски билетите. Во скијачкиот центар на Копаоник, дел од Скијалишта Србије, сезонски билет за возрасен за висока сезона изнесува 53.000 денари, детски сезонски билет е 25.200 денари, додека за сениори изнесува 45.100 денари. Дневен ски билет во висока сезона за Копаоник е 2.550 денари за возрасен, 1.900 за дете и 2.290 за сениори.

    Во ски центарот на олимписка Јахорина, во Босна и Херцеговина, дневен ски билет за возрасно лице, во највисока сезона чини 44 евра, за деца е 37,5 евра, а за сениори, 40,5 евра дневно. Сезонскиот ски билет во овој најголем скијачки центар во таа земја чини 613 евра за возрасно лице во највисоката сезона, 552 евра за сениори и 335,5 евра за деца.

    Во скијачкиот центар Боровец во соседна Бугарија, објавени се Early Booking цените за ски билетите за скијачката 2024/25 година. Сезонски ски билет за возрасен чини 1.700 бугарски лева или 53.200 денари, а 1.200 за деца (37.500 денари) и 100 лева за лица над 75 години (3.100 денари). Дневен ски билет за возрасни изнесува 85,50 или 2.800 денари, 66,50 лева за млади (2.100 денари) и 52 лева или 1.600 денари за деца.

    Конкурентскиот бугарски ски-центар Банско се уште ги нема објавено цените за новата скијачка сезона. Според официјалната веб-страница на Банско ски-центарот, тие ќе бидат обелоденети на 24 декември.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично