ПОВЕЌЕ

    Поддршка за женското претприемништво во регионот – ново партнерство на GEA со Aspire Balkans

    Време зa читање: 3 минути

    Во насока на зајакнување на женското лидерство и претприемништво, Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) и Aspire Balkans го официјализираа своето партнерство преку потпишување на меморандум за соработка, обединети околу визија за создавање инклузивна и поддржувачка средина за жените во регионот. Ова партнерство ги обединува силите на две иницијативи кои се активно посветени на унапредување на родовата еднаквост во економијата, особено во сферата на претприемништвото, технологијата и иновациите.

    GEA, иницирана од Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ), има за цел да креира еднакви можности за сите вработени, преку застапување за еднаква застапеност на жените на сите нивоа, еднакви плати за иста работа и еднакви шанси за напредок. Како commitment maker за родова еднаквост при UN Women, GEA активно придонесува кон исполнување на Целта за одржлив развој #SDG5 – Родова еднаквост.

    Aspire Balkans, пак, е пре-акцелераторска програма дизајнирана да гради силна мрежа на претприемачки од Балканот. Преку менторство и поддршка од искусни жени лидери и експертки од Израел, Aspire им помага на жените да ги развијат своите стартап идеи, да стекнат потребни вештини и да се позиционираат како двигатели на економски раст во регионот. Програмата се стреми да создаде одржливи бизниси водени од жени и да гради долгорочни едукативни и деловни партнерства меѓу Балканот и Израел.

    „Партнерството со Aspire Balkans е извонредна можност да го зголемиме влијанието на жените претприемачки и да ги поддржиме во нивниот пат кон успех. Заеднички ќе се поддржуваме, ќе соработуваме и ќе бараме можности за развивање иницијативи кои ќе им обезбедат на жените алатки и поддршка за да ги претворат своите идеи во успешни бизниси. Ова партнерство е продолжение на нашите заложби за еднакви можности во сите индустрии.“ – изјави д-р Нина Ангеловска Станков, претседателка на GEA.

    Aspire Balkans ги охрабрува жените да влезат во индустрии кои традиционално се сметале за машки, особено во областа на технологијата и иновациите. Преку размена на идеи, менторство, деловни обуки и вмрежување, програмата креира мост помеѓу креативноста, претприемништвото и регионалниот развој.

    „Преку соработката со GEA, Aspire Balkans ќе ги прошири можностите за жените од Балканот да градат стартапи, да влезат на глобалниот пазар и да создадат нови вредности за себе и своите заедници. Ваквото партнерство е клучно за рушење на бариерите и отворање на патот кон иновации водени од жени,“ – истакнува тимот на Aspire Balkans.

    Партнерството предвидува реализација на низа активности како што се кампањи, работилници, конференции и менторски програми, кои ќе им помогнат на жените да се поврзат со релевантни ресурси, да стекнат самодоверба и активно да учествуваат во развојот на регионалната и глобалната економија.

    GEA и Aspire Balkans со ова партнерство ги поставуваат темелите за поинклузивна економија каде што жените имаат еднакви шанси да бидат лидери, иноватори и двигатели на промени. Преку заедничките напори, тие градат иднина во која родовата еднаквост е интегрирана во секој аспект од професионалниот и економскиот живот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично