Лани им се обрати на присутните преку видео-бим, годинава доаѓа лично – американскиот претседател Доналд Трамп се очекува во среда да зборува од говорницата на престижниот Светскиот Економски форум кој традиционално се одржува во швајцарскиот зимски центар Давос на крајот на јануари. Според аналитичарите, годинава собирот повеќе ќе биде во знакот на тоа кој се’ ќе присуствува на овој елитен настан, а кој нема, одошто ќе биде важно што ќе се зборува.
Како и претходните години, листата на поканети личности кои го потврдиле своето присуство опфаќа личности од висок профил, како што е Џејми Дамон, извршниот директор JP Morgan Chase, украинскиот претседател Володимир Зеленски, извршниот директор на Nvidia, Јенсен Хуанг, како и многу други светски политички лидери, извршни директори на најголемите и најмоќни светски корпорации, технолошките пионери и други, кои веќе се упатени кон Давос, Швајцарија, на годишниот состанок на Светскиот економски форум.
Во Давос се очекуваат и истакнати верски лидери, невладини организации, претставници на синдикати, музичари, па дури и кралица (Матилда од Белгија), во согласност со еклектичниот дух на настанот. Сепак, она што се издвојува на ова 56-то издание е „рекордниот број светски лидери“, како што вети Борге Бренде, претседателот на СЕФ: Регистрирани се шеесет и четири шефови на држави или влади, вклучувајќи го Аргентинецот Хавиер Милеи, Французинот Емануел Макрон и египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси. Ќе присуствуваат шест лидери на Г7. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ги отвори дебатите во вторник, 20 јануари, по што ќе настапи кинескиот вицепремиер – мешавина од речиси 3.000 глобални лидери со околу 850 врвни извршни директори и претседатели и рекордни 400 врвни политички лидери, вклучувајќи 64 шефови на држави.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така, присуствува лично за прв пат откако се обрати на форумот за време на неговиот прв мандат во 2020 година. Неговото виртуелно обраќање минатата година, неколку дена по повторното влегување во Белата куќа, го потресе настанот. Овој пат, тој ќе ја донесе „најголемата“ американска делегација досега, според WEF.
Трамп, како што најави Белата куќа, ќе им се обрати директно на европските лидери и ќе „нагласи дека САД и Европа мора да ја остават зад себе економската стагнација и политиките што ја предизвикаа“, тврди функционер на Белата куќа, според „Евро њуз“. Неговото учество во Давос, меѓутоа, уште пред стартот е обележано со неговото агресивно инсистирање САД да го добијат Гренланд, како и со заканите за нови царини за земјите кои не ја одобруваат неговата политика.
Претставници на данската влада беа поканети и одлучија да не присуствуваат, изјави портпарол на СЕФ во понеделник, бидејќи спорот околу Гренланд се интензивираше. Нивната одлука нагласува колку веројатно ќе биде напнат состанокот, кој доаѓа само неколку дена откако Трамп објави нови тарифи за европските земји кои се спротивставуваат на неговиот обид да го анектира арктичкиот остров. „Секоја одлука за присуство е прашање на засегнатата влада. Можеме да потврдиме дека данската влада нема да биде претставена во Давос оваа недела“, изјави портпаролот на СЕФ во соопштението.
Кинескиот претседател Си Џинпинг не е на списокот за присуство на СЕФ, ниту пак лидерите на Бразил и Индија.
Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, и лидерката на Италија, Џорџија Мелони, не се на списокот на СЕФ, иако се наведува дека двајцата ќе присуствуваат.
Заедно со претседателот Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, канадскиот премиер Марк Карни и германскиот канцелар Фридрих Мерц се очекува лично да присуствуваат.
Даунинг стрит не потврди дали британскиот премиер Кир Стармер ќе присуствува – тој не присуствуваше минатата година – но наводно се очекува да присуствува.
Јапонската премиерка Санае Такаичи не е спомената на списокот на СЕФ, но веројатно ќе остане во својата земја, со оглед на тоа што во понеделник објави предвремени избори за 8 февруари.
ЌЕ ИМА ЛИ „ДУХ НА ДИЈАЛОГ“?
Давос се одржува од понеделник навечер до петок наутро. Темата оваа година е „Дух на дијалог“, со агенда фокусирана на пет области: геополитичка средина, вештачка интелигенција, клима и природа, нови извори на економски раст и „луѓе и подготвеност“.
Но, интересот ќе биде во тоа кој ќе присуствува на Давос, според Ерик Качер, виш партнер во McKinsey & Company, „стратешки партнер“ на СЕФ. „Ќе се работи за тоа кој е таму“, рече тој во видео објавено од компанијата. „Многу повеќе од она што го гледате во темите“, рече Качер.
Делегацијата на Трамп ќе ги вклучува државниот секретар на САД Марко Рубио и секретарот за финансии Скот Бесент, плус специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф и советникот Џаред Кушнер. Претседателот треба да се обрати во Давос во среда. Основачот на СЕФ, Клаус Шваб, е едно големо име кое нема да биде во Давос. Откако го водеше настанот со децении, Шваб се повлече во април по истрага за наводно лошо однесување. Подоцна беше ослободен од обвинението за „материјални прекршоци“.
Извршниот директор на BlackRock, Лари Финк, и потпретседателот на Roche, Андре Хофман, беа објавени за привремени копретседатели на СЕФ во август, а новиот персонал на организацијата „прави вистински притисок за повторно всадување на економската ориентација на СЕФ, а со тоа привлекува и повеќе извршни директори“, рече Качер.
Заедно со Хуанг од Nvidia, извршниот директор на Microsoft, Сатја Надела, извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи и извршниот директор на DeepMind, Демис Хасабис, се на списокот за присуство на СЕФ. Сара Фрајар, главен финансиски директор на OpenAI, исто така, треба да учествува, но извршниот директор на компанијата, Сем Алтман, нема да присуствува.
Клучните теми за пазарите вклучуваат потезите на САД кон преземање на Гренланд, политичките превирања во Венецуела и заканата од Трамп да употреби сила против Иран. Инвеститорите исто така ќе ги следат најавите од фирмите за вештачка интелигенција, новости од централните банки и вести за компаниите што се диверзифицираат надвор од САД.
Иако СЕФ соопшти дека се очекува да присуствуваат „близу“ 65 шефови на држави, плус клучни личности како што е претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, други големи имиња не се на листата.
Претседателот на Бразил Лула да Силва и премиерот на Индија Нарендра Моди не се предвидени да одржат обраќања. Иако не се очекува кинескиот претседател Си да присуствува, ќе присуствува „голема“ кинеска делегација, вклучувајќи го и вицепремиерот за трговија и финансии Хе Лифенг, кој треба да се обрати на настанот во вторник.
Шпанскиот премиер Педро Санчез објави во понеделник дека нема да присуствува во Давос поради железничката несреќа што се сличи во Шпанија откако два брзи воза се судрија на југот на земјата во неделата, при што загинаа 39 лица, се вели во извештајот на CNBC за почетокот на Светскиот Економски форум во Давос.
Иако СЕФ е најпознат по својот фокус на економски прашања, неговото влијание одамна го надмина економскиот опсег. Иако намерата на Трамп да донесе политички набиени прашања што го предизвикуваат меѓународниот поредок во Давос може да создаде краткорочни нарушувања, малку е веројатно дека тоа ќе ја промени пошироката улога на форумот во промовирањето на соработката, се вели во коментарите пред самиот почеток на Форумот во Давос.
(Фото: Трамп на СЕФ во Давос 2020, Белата Куќа)
Аналитика








