
Во време кога глобалниот енергетски пазар е под силно влијание на геополитички тензии и нестабилни цени на нафтата, САД најавуваат проект кој може значително да ја промени домашната енергетска инфраструктура. Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека во земјата ќе биде изградена првата нова рафинерија за нафта по повеќе од половина век, проект кој го опиша како еден од најголемите енергетски договори во американската историја.
Според Трамп, рафинеријата ќе се гради во пристаништето Браунсвил во Тексас и ќе биде резултат на инвестиција од индискиот енергетски гигант „Рилианс индастрис“, компанија во сопственост на милијардерот Мукеш Амбани. Во објава на неговата платформа Truth Social, Трамп договорот го нарече „историски“, нагласувајќи дека станува збор за инвестиција вредна околу 300 милијарди долари.
„Ова е историски договор – најголемиот во историјата на САД“, напиша Трамп, заблагодарувајќи ѝ се на индиската компанија за, како што рече, огромната доверба и инвестиција во американската енергетска индустрија.
Новата рафинерија ќе биде дизајнирана да преработува 100 проценти американска шкрилциска нафта, што според американската администрација ќе придонесе за зголемување на домашното производство на енергија и зајакнување на националната енергетска безбедност. Трамп истакна дека објектот ќе има и значајно економско влијание, со милијарди долари нови инвестиции и илјадници работни места, додавајќи дека целта е рафинеријата да стане „најчистата во светот“.
Проектот го развива компанијата „Америка Фрст Рафининг“, која соопшти дека добила значајна инвестиција од глобален енергетски гигант, без притоа да го открие неговиот идентитет. Според компанијата, истиот инвеститор потпишал и 20-годишен договор за купување, преработка и дистрибуција на американска шкрилциска нафта.
Рафинеријата, како што е планирано, ќе може да преработува околу 1,2 милијарди барели лесна шкрилциска нафта произведена во САД, чија вредност се проценува на околу 125 милијарди долари. Од овој процес се очекува да се произведат околу 50 милијарди галони рафинирани нафтени деривати со проценета вредност од приближно 175 милијарди долари.
„Соединетите Американски Држави располагаат со значителен вишок лесна шкрилциска нафта, но немаат доволно рафинериски капацитет специјализиран за нејзина преработка“, изјави Треј Григс, претседател на „Америка Фрст Рафининг“, нагласувајќи дека новиот објект ќе помогне да се зајакне домашниот синџир на снабдување.
Најавата за новата рафинерија доаѓа во период на зголемена нестабилност на глобалните пазари на нафта, предизвикана од ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Во текот на неделата цените на суровата нафта накратко се искачија блиску до 120 долари за барел, пред повторно да се стабилизираат.
Во средата утрото американската нафта од типот Западен Тексас Интермедијар се тргуваше со цена од околу 85 долари за барел, додека меѓународниот репер Брент се движеше околу 88 долари за барел. Зголемените цени на енергенсите дополнително ја нагласуваат важноста на новиот рафинериски капацитет, кој според американските власти треба да помогне во подобро искористување на домашните ресурси.
Компанијата „Рилианс индастрис“, која стои зад инвестицијата, управува со најголемиот рафинериски комплекс во светот во Џамнагар, Индија, и има пазарна капитализација од околу 206 милијарди долари. Нејзиното вклучување во проектот се смета за значаен чекор во продлабочувањето на енергетската и економската соработка меѓу САД и Индија.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








