ПОВЕЌЕ

    ПО ОДЛУКАТА НА ВРХОВЕН СУД: „Федекс“ ја тужи американската владата за милијарди од нелегални царини

    Време зa читање: 3 минути

    Транспортниот гигант „Федекс“ покрена тужба против американската влада барајќи „целосно враќање“ на царините што ги воведе Доналд Трамп, откако Врховниот суд на САД пресуди дека тие биле наметнати незаконски. Ова е прв голем обид на една корпорација да обезбеди надомест за својот дел од проценетите 175 милијарди долари собрани преку спорните давачки, а се очекува и други компании да го следат примерот.

    Во тужбата, поднесена до Американскиот суд за меѓународна трговија, како тужени се наведени Царинската и гранична заштита на САД (CBP), нејзиниот комесар Родни Скот и самите Соединети Американски Држави. Компанијата не откри колкава сума бара, но јасно наведе дека како регистриран увозник има право да побара поврат на сите давачки платени според Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби (IEEPA), на кој администрацијата на Трамп се повикуваше при воведувањето на глобалните царини.

    Минатата недела, Врховниот суд утврди дека Конгресот го задржува исклучивото уставно овластување за воведување даноци и дека IEEPA не може да се користи како основа за наметнување царини во мирновременски услови. Иако судот ја поништи правната основа на царините, не даде јасни насоки дали и како треба да се изврши враќање на веќе собраните средства. Во своето несогласно мислење, судијата Брет Кавано предупреди дека евентуалниот поврат на милијарди долари би имал сериозни последици врз американската државна каса.

    Трамп, кој ги направи царините централна алатка на својата економска политика за време на вториот мандат, реагираше остро на пресудата и порача дека политиката нема да се промени, туку само правните механизми преку кои се спроведува. Набргу потоа потпиша проглас со кој, повикувајќи се на друг закон – член 122 од Законот за трговија од 1974 година – воведе нова привремена глобална царина од 10%, која веќе следниот ден најави дека ќе ја зголеми на 15%. Главниот трговски преговарач Џејмисон Грир изјави дека и покрај судската одлука, американските бизниси ќе продолжат да имаат „голема предност“ во глобалната трговија.

    Во меѓувреме, група од 22 демократски сенатори предложи закон со кој се бара администрацијата во рок од 180 дена да ги врати сите приходи собрани од спорните царини, заедно со камата, при што приоритет би имале малите бизниси. Според проценките, преку царините воведени според IEEPA биле собрани најмалку 130 милијарди долари дополнителни приходи. Даночната фондација пресмета дека во 2025 година царините значеле просечно зголемување на данокот од околу 1.000 долари по американско домаќинство, оценувајќи дека ваквите мерки ги зголемуваат цените, ја намалуваат понудата на стоки и услуги и доведуваат до пониски приходи и економско производство.

    Пред објавувањето на пресудата, стотици компании веќе поднесоа тужби со кои ги оспоруваат царините, меѓу нив „Ревлон“, „Алкоа“, брендот за туна „Бамбл Би“ и „Костко“, која во својата тужба наведе дека текстот на IEEPA воопшто не го споменува поимот „царини“. Со потегот на „Федекс“, правната битка околу царините на Трамп влегува во нова фаза – онаа во која не станува збор само за уставни овластувања, туку и за конкретни милијарди долари што компаниите сакаат да ги вратат назад.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично