Земјоделското производство дава резултати. Добивката на ЗК Пелагонија од Битола е зголемена за безмалку 400 насто. Минатата година била плодна за комбинатот кој остварил солиден пласман и продажба, но и значително повисоки приходи во однос на трошоците.
Спроведените деловни активности во текот на 2025 година резултирале со профит од 2,2 милиони евра и со натфрлување од 397 насто, колку што изнесува разликата меѓу две годишни постигнувања. Основа на успехот се оперативните приходи од 19,8 милиони евра, проследени со раст од 23 насто, или во апсолутен износ за 3,7 милиони евра. Наспроти тоа, незначително се зголемени оперативните расходи – за 1 насто, односно за 170,8 илјади евра, а се во износ од 16 милиони евра.
Најголем удел на приходната страна, од 77,55 отсто имаат приливите од продажбата. Имаат придонес од околу 14,6 милиони евра. Годишната промена во овој сегмент е позитивни 12 насто.
Од ЗК Пелагонија информираат дека лани е извршена набавка на основни средства од 183,3 илјади евра, а била продадена земјоделска механизација за 308,4 илјади евра, при што е остварена добивка од 14 илјади евра.
ЗК Пелагонија се смета за водечка компанија во агробизнисот. Одгледува пченица, пченка, јачмен, маслена репа, сончоглед…, како и крупен добиток. Во рамките на комбинатот работат млекарата Здравје, фабрика за добиточна храна и Пелагонија Енерџи, односно две биогасни централи.
Аналитика








