Плаќањата во странство во валута различна од евро се меѓу најскапите банкарски услуги, особено кога трошоците целосно ги презема плаќачот (OUR). Висината на провизиите произлегува од повеќе фактори: од банката, износот, валутата, како и од каналот преку кој се извршува трансферот – интернет, мобилна апликација или шалтер. Според податоците објавени на веб-страницата на Народната банка, чинителите на домашниот банкарски пазар применуваат комбинација од процентуални стапки, минимални и максимални износи, како и дополнителни SWIFT и валутни трошоци.
Интернет банкарство – Кај онлајн трансферите најчесто се среќава процентуалниот надомест со утврден минимум и максимум, а кај дел од банките и фиксни валутни износи.
Комерцијална банка наплаќа фиксни износи по валута (15–30 USD, 20–40 CAD, 15–35 GBP, 30 CHF во денарска противвредност) кога трошокот е на товар на плаќачот, додека кај опцијата SHARE, кога надоместоците се поделени помеѓу плаќачот и примачот, тарифата е од 350 до 30.000 денари плус 250 денари за SWIFT.
НЛБ банка применува 0,4 проценти од износот (300–30.000 денари), а кај OUR се додаваат дополнителни 0,1 процент (900–6.000 денари) и 300 денари SWIFT, освен во рамки на НЛБ групацијата.
Кај ПроКредит банка преку ProPay надоместот е 2,5 USD, додека редовните трансфери во американска валута чинат 29 USD (OUR), односно 12 USD (SHARE).
Силк Роуд банка пресметува 0,5 проценти (1.500–30.000 денари), со плус 0,2 проценти (1.200–5.000 денари) кај OUR.
Стопанска банка Скопје комбинира 0,5 проценти до 50.000 евра и 0,27 проценти над тој износ, со дополнителни фиксни трошоци во евра и 350 денари административен надомест.
За услугата УНИ банка наплаќа 0,3 проценти (600–123.000 денари), додека Халк банка – 300 денари до 1.000 евра, а над тоа 0,25 проценти, но минимум 600 денари, со дополнителен валутен трошок кај OUR.
Тарифата на ЦКБ е исто така 0,3 проценти (400–61.200 денари) плус дополнителен надомест и 350 денари SWIFT.
Оваа услуга преку интернет не е достапна во Алта банка, Капитал банка, ТТК банка и Шпаркасе банка.

Мобилна апликација – Оваа можност е достапна кај четири банки. Инаку, структурата на мобилните трансфери е слична, но кај дел од банките процентите се пониски.
НЛБ банка ги задржува истите стапки како и кај интернет трансферите. Силк Роуд банка останува на 0,5 проценти со дополнителни 0,2 проценти кај OUR.
УНИ банка применува пониска стапка од 0,2 проценти (600–123.000 денари), со додаден фиксен надомест од 15 или 25 евра, зависно од износот. И кај ЦКБ нема промена (0,3 %), а предвидени се дополнителни трошоци и 350 денари SWIFT.

Шалтер – Трансферите преку шалтер генерално се најскапи, со повеќе фиксни и процентуални компоненти.
Алта банка применува скалеста тарифа – од 22 евра за износи до 1.000 евра, до 0,3 проценти и минимум 300 евра за износи над 100.000 евра.
Капитал банка наплаќа 0,3 проценти (300–3.000 денари) плус 300 денари SWIFT и дополнителни трошоци кон странски банки.
За износи до 9.000 денари ТТК банка пропишала фиксен надомест, а над тој праг 0,15 проценти со минимум од 350 денари. Предвидени се и дополнителни OUR и SWIFT трошоци, а SHARE опцијата не е достапна.
За клиентите на Шпаркасе се утврдени фиксни износи според прагови, а над 50.001 евро – 0,2 проценти со максимум 125.000 денари.
И кај останатите банки – Комерцијална, НЛБ, ПроКредит, Силк Роуд, Стопанска Скопје, УНИ, Халк и ЦКБ, шалтерските трансфери вклучуваат процентуален надомест со минимални нивоа и дополнителни SWIFT или валутни трошоци.

Општо, дигиталните канали се поекономична опција во однос на шалтерските трансакции, но кај трансферите кои се изведуваат во друга, а не во европската валута, дополнителните OUR и SWIFT трошоци можат во голема мера да ја зголемат крајната цена што ја плаќа клиентот.
M.A.
Аналитика








