ПОВЕЌЕ

    ПИОМ ЌЕ ЗАЧЕКОРИ ВО БЕЗДНА ДА НЕ Е ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ: Дефицитот кај пензискиот систем ќе се зголеми од сегашните една третина на близу 40%

    Време зa читање: 6 минути

    Од септември, сите пензионери линеарно ќе добијат по 2.500 денари и тоа нема да биде еднократна помош, туку системско решение со кое, вклучувајќи го покачувањето од дополнителните 2.500 денари во март догодина, секој пензионер ќе добие 5.000 денари. Но, дали Фондот за пензиско и инвалидско осигурување може стабилно и без ликвидносни проблеми да ги исплаќа преземените обврски кон пензионерите и сега, но и во иднина? Дали зголемувањата се гледаат од призма на макростабилноста на пензиските финансии? Дали покачувањето на пензиите и платите треба да ги диктира економијата, а не да биде со политичка одлука? Финансиската дупка меѓу приходите и расходите на ФПИОМ е огромна и неопходно е да се црпат пари од државниот буџет, но прашањето е може ли да го издржи буџетот овој товар?

    КОЈ ЌЕ ГИ ПЛАЌА ВИСКИТЕ ТРОШОЦИ ЗА ПЕНЗИИТЕ?

    Од иниститутот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ во разговор со „Пари“ истакнаа дека нема дилема дека тој обем на пари ќе го подобри животниот стандард на пензионерите. Меѓутоа, проблемот се појавува во однос на изворите на тие средства. Како што велат оттаму, основен извор за покривање на расходите за пензии се придонесите од социјално осигурување. А тие се ионака недоволни да ги покријат пензиските расходи: околу една третина од износот се обезбедува од централниот буџет. И со вакво зголемување на пензиите, таа состојба – колоквијално наречена дупка во ФПИОМ – значајно ќе се зголеми.

    -Според сегашните податоци, пензиите по сила на закон би се усогласиле за околу 4%. Моментално, месечно се трошат нешто над 140 милиони евра месечно за исплата на пензиите. Со редовното усогласување, тоа е нешто под 6 милиони евра дополнителен трошок месечно, односно 68 милиони евра годишно. Ако се напушти редовното усогласување, а се примени линеарен метод, дополнителни 2.500 денари по пензионер во септември креираат дополнителен трошок од 13.5 милиони евра месечно, односно 160 милиони евра годишно. Тоа се дополнителни средства од близу 100 милиони евра на годишно ниво. Во март, разликата веројатно ќе биде нешто поголема, бидејќи претпоставуваме дека законското усогласување би било помало. Значи, завршуваме со потреба од додатни 200 милиони евра, што е 12% од сегашните расходи на ФПИОМ. Изворните приходи на ФПИОМ растат со зголемувањето на платите и со растот на вработеноста. Зголемувањето на платите е инпут во формулата за редовното усогласување на пензиите, заедно со порастот на цените. Се’ што е пораст над таквото усогласување не е во линија со порастот на изворните приходи на ФПИОМ и секако дека ќе мора од некаде да се покрие. Тоа вообичаено се прави од централниот буџет. Моменталните пресметки говорат дека тој дефицит кај ФПИОМ ќе се зголеми од сегашните една третина на близу 40% – укажуваат од „Фајненс тинк“

    На прашањето дали Фондот за ПИОМ самостојно е неодржлив на долг рок, економистите од институтот велат дека не само на долг рок, туку и на краток рок.

    -Ако му речете на ФПИОМ, не се надевајте на трансфер од буџетот и покривајте пензии само од изворните приходи од придонеси, тој ќе банкротира денес. Но, за среќа, тоа не функционира така, бидејќи ФПИОМ е државен фонд, значи е дел од вкупните јавни финансии на земјата, и затоа дефицитот во ФПИОМ што не може да се обезбеди од изворните приходи, се покрива од општите приходи на буџетот. Во таа смисла, ФПИОМ не може да банкротира – посочуваат од „Фајненс тинк“

    Сепак, побитното прашање е кој ќе ги плаќа овие високи трошења денес, и се разбира одговорот е – идните генерации. Од институтот велат дека тоа е сериозен товар за нив, бидејќи земјава се соочува со намалување на населението по основ на емиграција и намален наталитет, што води и кон стареење на населението, значи поголема потреба за издржување на неактивни лица на пазарот на трудот. Значи, на долг рок, пензиите на идните пензионери ќе бидат помали, а даноците на идните работници на пазарот на трудот ќе бидат поголеми.

    КАКВИ РЕФОРМИ СЕ ПОТРЕБНИ ВО ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ?

    Економскиот аналитичар  Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии ни објасни дека редовна исплата на пензиите ќе има, и дека околу тоа не треба да има никаква дилема. Државниот буџет веќе е 6 милијарди евра, додавајќи дека може релативно лесно да најде 600 милиони евра за дефицитот во Фондот. Но дека проблемот е што со тие пари можат да се изградат и болници, да се реновираат училишта, да се среди јавниот превоз, да се изградат хидроцентрали и слично.

    На прашањето какви реформи во пензискиот систем се потребни, Јовановиќ вели дека прво мора да се престане со праксата на ослободување разни фирми од придонеси, бидејќи тоа го остава Фондот без приходи, а нема никакви други позитивни ефекти.

    -Второ, мислам дека ќе мора во иднина да се зголеми придонесот за пензиско осигурување. Сегашната стапка од 18,8% е прениска, меѓу најниските во Европа, пониска и од оние 21% што Македонија ги имаше до 2008, кога соодносот вработени/пензионери беше далеку поповолен. Како што старее населението, неминовно ќе биде да расте стапката на придонесите, тоа се случува во сите земји, и треба да се прифати како најнормално нешто. Но она што е многу важно тука е покачувањето на придонесите да не падне на грбот на работниците, односно да не доведе до намалување на платите. Тоа може да се изведе така што ќе се предвиди покачувањето да го сносат фирмите – потенцира Јовановиќ.

    Што се однесува до покачување на границата за пензионирање, тој смета дека во Македонија тоа не смее да биде опција, барем не во скора иднина.

    -Главен параметар тука е колку години луѓето живеат откако ќе се пензионираат, и во Македонија тоа е околу 11 години – границата за пензионирање е 63 години во просек, а животниот век е околу 74 години. Ова е многу пократко од скоро сите европски земји. Во Австрија, на пример, луѓето живеат околу 19 години откако ќе се пензионираат. Кога животниот век во Македонија ќе се приближи до животниот век во развиените европски земји, кога ќе дојде накај 80 години, тогаш може да се размислува и за кревање на границата за пензионирање, но дотогаш, не – дециден е Јовановиќ.

    К.М.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично