ПОВЕЌЕ

    Креативните индустрии остануваат во подем, а денешните студенти имаат подобро развиени меки вештини – Петар Ниновски во New Biz Podcast

    Време зa читање: 5 минути

    Во наредните години, секоја индустрија ќе подлежи на промени поради вештачката интелигенција. Од сите институции, образованието треба да ја има клучната улога за справување со предизвиците и можностите што ги носи АИ. Потребни се промени во начинот на кој учиме и во студиските програми, а традиционалното учење мора да еволуира за да биде во чекор со потребите на иднината.

    Кои се професиите на иднината? Македонија има факултетски и средношколски програми кои не кореспондираат со она што го бара пазарот како кадар. Во оваа епизода на New Biz Podcast, Наташа Велковска разговара со Петар Ниновски, основач на Бреинстер, за тоа каде треба најмногу да се обрне внимание по однос на вештините што треба да се стекнат кои ќе овозможат брзо адаптирање на позицијата која што ќе влезеш на работа.

    „Јас би ги поттикнал сите факултети и образовни институции да направат свои истражувања, да донесат одлуки какви промени ќе направат на своите програми, какви нови програми ќе додадат. Се појавуваат различни потреби за луѓе кои ќе работат во делот на вештачка интелигенција и машинското учење, односно тоа ќе бидат АИ-имплементатори, АИ-инженери, АИ-програмери итн. Дополнително ќе се зголеми потребата за креативни индустрии на пример како маркетинг, дизајн, UX – бидејќи за разлика од претходниве 15 години, технологијата веќе не е компетитивна предност“, раскажува Ниновски.

    КАКО ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГО МЕНУВА ОБРАЗОВАНИЕТО и отвора можности за нови генерации на студенти – Петар Ниновски во New Biz podcast

    Според него, предноста сега останува да се направи добар бренд што ќе се разликува од другите, да се направи добра маркетинг стратегија, добра комуникациска стратегија што ќе се разликува од другите.

    „Очекувам огромна побарувачка во овие креативни индустрии. И тоа што го забележуваме, не е од сега, е дека ако до претхоно многу поголем акцент се давало на техничките познавања, сега се бараат многу повеќе меки вештини – комуникациски вештини, вештини за решавање на проблеми, интерперсонални вештини, лидерски вештини, значи комбинација на добри технички вештини и добри меки вештини е она што е потребно“, смета Ниновски.

    Како што вели тој, креативните индустрии остануваат во подем, а денешните студенти имаат подобро развиени меки вештини од претходните генерации. ​

    „Ние како образовна институција имаме мала предност кога вработуваме луѓе, гледаме како се развиваат студентите и освен техничките знаења ги гледаме и оние кои имаат добри меки вештини. Помладите луѓе особено оние што ни доаѓаат сега на факултет се со многу добри меки вештини со многу добри презентациски вештини со многу добри комуникациски вештини. Не знам зошто е тоа така – може затоа што се исложени на многу повеќе информации, извори, тогаш изворите ни биле огреничени, сега интернетот си го прави своето. И на тие меки вештини многу малку им треба од наша страна за да ги подобриме и затоа тоа ни дозволува многу повеќе да се фокусираме на техничките вештини“, укажува Ниновски.

    Во однос на етичките проблеми што произлегуваат – кои етички правила дури и ако не зборуваме за законски правила треба да постојат за да бидеме сигурни дека ја користиме технологијата за добро?

    „Ова е прашање кое активно размислуваме во моментов. До сега имаме детектирано многу работи на кои треба да внимаваме – првата работа како образовна институција е дека мора да внимаваме дека со појавата на вештачката интелигенција јазот помеѓу луѓето што знаат и не знаат нема да се зголемува, туку ќе се намалува, како да бидеме сигурни дека ќе направиме подостапни програми, ќе вклучиме повеќе луѓе во образовниот процес, замислете сега колкава ќе биде разликата помеѓу човек што користи вештачка интелигенција и оној што не научил да користи вештачка интелигенција, така што би требало да најдеме начин како да го намалуваме тој јаз – бидејќи сега во моментов се грижам дека се зголемува тој јаз. Втора работа е дека мора да внимаваме на тоа колку тие модели што ги правиме се точни и тука треба да бидеме транспарентни. Ние во моментов работиме на еден продукт кој вика Универзум ќе се лансира втора недела од април и најмногу време потрошивме на како да го направиме овој модел точен и дојдовме до 95 отсто точност тоа е голема точност, меѓутоа не е доволно голема за да го ставиме во комерцијална употреба односно да може луѓе да го користат. Разликата помеѓу 95 и 99 отсто е 4 отсто разлика меѓутоа тоа се многу протоколи, многу тестирања, многу технологија имплементирана. Од 0 до 95 отсто е многу едноставно од 95 до 99 е многу тешко, така што да не застануваат компаниите на 95, да отидеме до малку подобро“, објаснува Ниновски.

    БРЕИНСТЕР ЈА ЛАНСИРА НОВАТА ПРОГРАМА ЗА АИ-ПРЕТПРИЕМАЧИ – за да ги подготви студентите за професиите на иднината, Петар Ниновски во New Biz podcast

    Како што вели тој, трета работа се заштита на лични податоци, транспарентност и итн. треба многу да се внимава во тој дел од каде се користат извори, како се користат информациите на луѓето.

    „И четврта работа според мене не етички да едуцираш луѓе вештини кои се застарени – се троши време, години, пари. Замислете да поминат четири години и да се стекнат луѓето со вештини кои сега се неупотребливи…“, додава Ниновски.

    За крај на разговорот сега кога не би го имал зад себе Бреинстер, но би го имал овој контекст и на пазар и на технологија што е она што би го почнал Ниновски како бизнис.

    „Често на лидерските состаноци што ги имаме со луѓето во Бреинстер размислуваме на тоа дека сега имаме нови информации, овој месец добивме нови информации од пазарот, нова технологија како да ги искористиме тие за да се трансформираме ако можеме. Така што реалноста е дека од 2015 до сега неколку пати сме се преродиле и неколку пати сме смениле насока на работење. Еден голем ум еднаш кажал: „Во вакви големи промени има три типа на компании, лошите најчесто умираат, добрите преживуваат, а одличните компании се редефинираат“. Според тоа, ние пробуваме да најдеме начин како постојано ќе се редефинираме. Така што не сум сигурен дека ако се вратаиме наназад ќе направиме нешто поинаку, претпоставувам дека истото би го направил“, го завршува разговорот Ниновски.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично