ПОВЕЌЕ

    ПЕТАР МЛАДЕНОВ ВО NEW BIZ PODCAST: Човечката поддршка и комуникацијата во тимот не може да ја замени ниту најсовремена технологија

    Време зa читање: 6 минути

    Иако сме подготвени во процесот на работата предност да ѝ даваме на технологијата, на примената на технолошкиот напредок, честопати се занемаруваат вештините кои ни се потребни во секојдневната комуникација со соработниците, со вработените, таканаречените soft skills, вели Петар Младенов за New Biz Podcast. Сите компании признаваат дека се важни, но сите сметаат дека ги имаат и не гледаат зошто треба да работат на нив, а не е така, смета тој.

    „Најчестите грешки што ги прават бизнисите, е гапот што го има меѓу менторирањето, структурирањето, комуницирањето со клиентот, односно тие soft skills. Особено во ИТ индустријата луѓето не разбираат дека токму soft skills, односно нетехничките вештини се далеку попотребни од техничките. Но нив ги стекнуваш во текот на самото работење, но soft skilsl, односно комуницирањето, емоционалната интелигенција, менаџерскиот стил, лидерството, тоа е нешто на што треба континуирано да се работи“, смета Младенов.

    Не е дноставно кога имаш различни карактери во тимот, различни ситуации во текот на работењето за кои ти треба да си истрениран за да ги решаваш, тоа треба некој да те научи. „Стара поговорка вели: учи од туѓите грешки, но јас немам сретнато човек кој научил од туѓи грешки“ вели Младенов. „Не, не, додека ти самиот не се изгориш, нема да дуваш на јогуртот“, додава.

    „Она што го научив до сега е- колку луѓето можат да се исти, а истовремено толку различни. И со партнерот дома можете да имате многу заеднички работи што ги сакате и пак за една работа да имате толку дијаметрално спротивни ставови да тоа те прави карактеристичен на свој особен начин. И на сите тие работи мораш да се адаптираш. И јас како консултант сум морал да се адаптирам на нивниот карактер. А за успешно да го правиш тоа, мораш да – слушаш“, продолжува Младенов.

    „Најдобриот совет кај емплоер брендинг и кај сите HR менаџери е дека мораш да ги слушаш вработените. Не си ти тој што треба да каже што е добро, што функционира и што е најубаво за нив. Не, вработените ќе ти кажат што е најдоброто за нив, што тие очекуваат“. И, се надоврзува: „Најголема грешка што ја правиш како работодавач е да вработиш човек кој не е според core values на твојата компанија. Ако го земаш само поради техничката подготвеност што ја има и експертизата во неговото поле ама тој тотално не ги живее вредностите на самата култура што ја има воспоставено компанијата. Во безброј ситуации тоа отишло на лошо. Тој вработен или прави раздор во тимот или самиот си заминува после одредено време“, вели Младенов.

    Се потсетува на случај кога работел во фирма каде земале многу добар HR, со феноменално резиме. „Но, таа во рок од три месеци не успеа да се вклопи, мака мачеше да стане дел од тој тим. Ова особено се случува во IT светот. Нека не ми се лутат твоите гледачи од тој сектор, ама половина од луѓето таму се мали разгалени детишта кои се обидуваат да зграпчат се што може да се зграпчи, во нивна полза и треба сериозно менаџирање на тие „дечиња“. Но, таа не успеа да се снајде во таа средина. Мои клиенти најчесто и беа IT компании, кои најчесто се првите што ги разбраа бенефитите кои тие тим билдинзи ги имаат врз нивата работа. Но, кога ќе појдеш во тој свет ќе видиш колку е тој скроз различен од остататите сектори“.

    На прашањето, пак, колку фактот дека сме преплавени со информации за нови технологии, за вештачката интелигенција – ова ќе те замени, ова ќе ти го реши проблемот, ова не смееш да го пропуштиш…не’ прави повеќе да се фокусираме на таа сфера, помалку на она што го нарекуваме soft skills, Младенов со одговор:

    „Она што јас моментално го гледам како спас во новата ера на работење е што Gen Z генерацијата се повеќе зборува за well-being, како да се балансира меѓу животот надвор и животот во компанијата. Такво време дојде, динамиката на промени која мора да ја следиш, едноставно нема назад, мораш да ги следиш трендовите, мора да го прифатиш моделот. Она што го работиш со саати, со денови сега можеш за еден час со ChatGPT да го сработиш и нема бегање од тоа. Но, човечкиот фактор, тие soft skills, таа меѓучовечка комуникација, никогаш нема да се замени и пак ќе остане најважниот дел – не само во канцеларија туку и надвор од неа“.

    Тој прави паралела со бракот. „И во бракот она што е најважно тој да биде здрав е внатрешната комуникација, тоа менаџирање на ситуации. Така е и во работата – ќе направиме грешка, океј, дај да го искомуницираме тоа, кој е патот да ја поправиме грешката и што после тоа. Што сакаш да правиш, можам ли да ти помогнам, имаш лоша ситуација, имаш лош ден? Денеска треба нешто да правиме, денес се чувствуваш лошо? Тоа е сосема во ред. Дали некоја компанија ќе пропадне за 24 часа затоа што некој вработен денес не си ја сработел работата? Нонсенс. Затоа треба поддршка за вработениот кој си има мака. Најчеста грешка кога стануваш лидер е – да заборавиш каде си бил. И ние некогаш сме биле обичен помлад вработен на кој му било тешко да се снајде во новата работна средина. Тоа е вистинското лидерство, мораш да препознаеш, мораш да дадеш совет, мора да сочувствуваш. IT се уште не го може тоа, барем засега“, смета Младенов.

    Имам другари кои ми признале дека Chatgpt го користат како приватен психолог – не можеш да му се довериш на близок, немаш човек кој можеби ќе те осуди што седи од другата страна, ама, што ако направиш грешка, кој ќе ти даде рака, вели тој. Едноставната човечка прегратка, пружена рака или потчукнување по рамото во тешките ситуации – многу повеќе значи.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично