ПОВЕЌЕ

    Пет трендови за 2025 година инспирирани од The Economist MeetUp: Светот во 2025

    Време зa читање: 6 минути

    Кога најетаблираните економски и општествени визионери се собираат под еден покрив, знаеме дека се креираат идеи што ја обликуваат иднината. The Economist MeetUp, грандиозно ја затвори 2024-та обединувајќи ги најистакнатите лидери од земјава и регионот. На конференцијата која се одржа на 11 декември, слушнавме брилијантни видувања, идеи и предвидувања за тоа што не очекува во тековната година, но и за тоа како ќе изгледа светот во 2025 година.

    Од големи технолошки иновации до општествени промени фокусирани кон актуелните ESG трендови, конференцијата ги постави темелите за новата економска реалност.

    Газејќи ја третата недела од првиот месец во годината ви ги претставуваме петте трендови што ќе доминираат во 2025-та:

    1. Дигитализацијата ќе стане норма, не избор

    Во 2025 година, дигитализацијата повеќе нема да биде конкурентна предност, туку неопходност. Проф. д-р Георги Димитров од Evrotrust Technologies го најави „ЕУ Дигиталниот паричник“ како катализатор за трансформација.

    „ЕУ воведува дигитален паричник – мобилна апликација што овозможува зачувување на сите ваши лични податоци, како возачка дозвола, доказ за неосудуваност и образовни информации. Со овој универзален инструмент, достапен онлајн и офлајн, граѓаните ќе можат да преминуваат граници без пасош и да вршат трансакции без физички документи. Апликацијата ќе биде задолжителна во сите земји на ЕУ и ќе се користи за различни намени, вклучувајќи плаќања. Очекувањата се дека ќе биде функционална од март 2025 година, поставувајќи нови безбедносни стандарди и олеснувајќи го животот на граѓаните,“изјави тој.

    1. BNPL моделот ќе доминира во финансиите

    „Buy Now, Pay Later“ веќе ја менува финтек индустријата, но до 2025 година, оваа услуга ќе стане главна алатка за потрошувачите. Билјана Мишиќ од Iute Macedonia објасни дека BNPL не е само погодност, туку нов начин на размислување.

    „Во Македонија, моделот „Buy Now, Pay Later“ (BNPL) е достапен за првпат преку „Iute“, а во целиот процес се имплементирани машинско учење и вештачка интелигенција. Моделот е веќе имплементиран кај 500 трговци, при што клиентите можат да купуваат преку QR код, а идентификацијата се врши преку апликацијата на „Evrotrust“. Финтек компаниите веќе не се насочуваат кон неопслужени клиенти, туку кон оние кои бараат подобро корисничко искуство од традиционалните банки, кои сè уште имаат долги и сложени процеси, особено за подигнување кредити. Според „Евростат“, употребата на дигитални канали во Македонија изнесува само 26%, далеку помалку од 60% во Европа или 90% во Скандинавија. Ова е поради тоа што платниот промет сè уште се одвива преку шалтери, а традиционалните банки, дури и при дигитализација, ги задржуваат сложените процеси во основна форма. Затоа, финтек услугите, кои се родени како дигитални, стануваат прва и посигурна алтернатива за клиентите,“ изјави таа.

    1. Корпоративната одговорност ќе биде мерило за успех

    Во 2025 година, компаниите што не вложуваат во заедниците и своите вработени ќе се соочат со недоверба од јавноста. Д-р Катерина Бошевска од Еос Матрих истакна дека одговорната наплата и едукацијата ќе бидат основа за долгорочен успех.

    „Во 2024 година се фокусиравме на дигитализацијата, воведувајќи нова алатка за дигитална комуникација што им овозможува на корисниците полесно да пристапат до своите информации. Комуникацијата е клучна, бидејќи избегнувањето на проблемите не е решение. 2025-та ќе биде посветена токму на понатамошен развој на оваа алатка. Нашиот фокус останува и на континуирана едукација и усовршување на вработените. Вештините ги прават поуспешни во својата работа, особено со редефинирањето на процесите во компанијата. Исто така, имаме програма за едукација на младите, која ќе ја имплементираме во наредниот период како дел од образовниот процес. Како групација, се стремиме кон одржливост и излегување од стереотипите, фокусирајќи се на проекти што ги опфаќаат сите столбови на ЕСГ. Преку својата работа, се трудиме да допреме до заштитата на животната средина и да создадеме долгорочна вредност.“ вели таа.

    1. Локалните инвестиции ќе поттикнат глобални промени

    Кристина Крстева од „Бучим-Боров Дол“ објасни како локалните економии ќе бидат централни во глобалниот раст. Компаниите што ќе вложуваат во своите заедници не само што ќе придонесат за економски развој, туку и ќе станат модели за одржливост.

    „Компаниите преку вложувањето во заедниците придонесуваат за развој на општеството и ја покажуваат својата општествена одговорност. Тие обезбедуваат раст и таму каде што можностите се ограничени. Со основањето на една компанија, се отвораат нови работни места, што е првиот видлив позитивен ефект. Но, она што често останува незабележано е влијанието врз развојот. Купувањето од локалното население ги поттикнува малите и микро компании да се развиваат. Технолошкиот напредок создава нова побарувачка, што им овозможува на локалните бизниси да станат независни и самостојни. Инвестициите го поддржуваат овој круг на одржлив развој, каде што секој сегмент од економијата придонесува за напредокот на другите,“ додаде Крстева.

    1. Флексибилноста ќе биде тајната на долгорочните стратегии

    Душан Митрев од Пивара Скопје ја претстави нивната безвременска стратегија како модел за компаниите што сакаат да успеат во несигурни времиња.

    „Во 2025 година, мораме да го забрзаме темпото на повеќе фронтови за да се израмниме со регионот, бидејќи заостануваме. Економските субјекти придонесуваат и имаат know-how, но предизвиците, како неможноста за планирање и слабостите во владеењето на правото, остануваат клучни пречки. Предизвиците ќе продолжат, а реалноста постојано носи нови тестови. Затоа, треба да се фокусираме на она што можеме да контролираме, додека за екстерните фактори да најдеме прифатливи решенија. Само така ќе осигуриме постојан напредок,“ истакна тој.

    The Economist MeetUp уште еднаш ни покажа дека иднината е веќе тука, и дека најуспешните ќе бидат оние кои ќе се приспособат најбрзо и најмудро.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично