ПОВЕЌЕ

    ПО КРАТКА ПОСТАПКА – НОВ ДОЛГ ОД 633,8 милиони евра

    Време зa читање: 7 минути

    По скратена постапка Македонија ќе се задолжи во странство за нови 633,8 милиони евра. Два дена по влегувањето на предложената буџетска конструкција во Собранието, пристигнале и пет законски текстови подготвени од Министерството за финансии, со предлози за задолжувања, кои се во функција на државната каса, а ќе се отплаќаат во наредните триесеттина години. Со однапред познати проценти за провизии, додека каматните стапки ќе се утврдуваат на „лице место“, кога ќе се доставуваат барањата за користење извесни суми од добиените позајмици.

    Од кредиторите се бараат поединечни износи од 90 до 175 милиони евра. Два од кредитите се за завршување на таканаречената „традиционално предизборна“ пруга кон источниот сосед, а другите се за резерви, директна поддршка на Буџетот, за интервенција на девизниот пазар, за поквалитетни јавни услуги, попродуктивни работни места во приватниот сектор, за климатски промени. Сето тоа парламентарците треба да го заверат во скратена постапка.

    За сите овие планирани задолжувања под „поволни“ услови јавноста беше информирана по секој постигнат договор, затоа што одобрувањето кредит или заем кај нас со децении се прикажува како државен успех. Сега само треба да се завршат формалностите.

    Од Кредитната банка за обнова (КфВ) Македонија ќе позајми 90 милиони евра, износ што ќе го повлече во една транша. Рокот за отплата е 12 години и пет месеци, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка засега не е позната, односно ќе се утврдува „за траншата од заемот при нејзино повлекување“. Тогаш ќе се пресмета пондерирана просечна каматна стапка, која ќе се применува на повлечениот износ.

    За ова „Република Северна Македонија ќе и плати на Кредитната банка за обнова – КфВ еднократна провизија во висина од 0,5% од износот на заемот“. Или, 450 илјади евра.

    Доколку, пак, не ги искористи парите, ќе плати пенали – 0,25 отсто од неповлечениот износ.

    „Целта на обезбедувањето на заемот од КфВ е да и помогне на земјата да има одржлива надворешна финансиска состојба, истовремено поттикнувајќи ги економските прилагодувања и структурните реформи“, се наведува во образложението на предлогот. А како „основно начело“ на законскиот предлог се посочува „обезбедување на финансиски средства за да се овозможи на Владата на Република Северна Македонија да ги користи средствата за резерви или како директна поддршка за Буџетот“.

    Два од предложените закони се за доизградба на пругата кон Бугарија. По 175 милиони евра од Европската инвестициона банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

    Како што напишале подготвувачите на овие текстови, основната цел е целосно завршување на источниот дел од железничкиот Коридор 8, преку реализација на третата и последна делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија.

    Условите под кои Македонија ќе го користи заемот од ЕИБ предвидуваат најмногу 12 транши, со минимален износ на повлекување од 5.000.000 евра.

    И во овој случај каматата ќе се одредува дополнително – одделно за секоја транша од заемот, на денот кога ќе се доставуваат барањата за повлекување пари, „во зависност од тоа која каматна стапка е поповолна за Република Северна Македонија (фиксна или варијабилна)“, пишуваат од Финансии. Сепак, тоа значи колку повеќе транши, толку повеќе и трошоци од пресметани камати.

    Флексибилност има и кај рокот за отплата: „може да изнесува од најмалку четири години до најмногу 25 години од денот на повлекување на траншата, со вклучен грејс период кој може да биде меѓу 30 дена и пет години од денот на повлекувањето на траншата“.

    Или, рокот за враќање ќе се утврдува поединечно за секоја транша одделно, исто така „на денот на доставувањето на барањето за повлекување на средствата од заемот од страна на Министерството за финансии“. Притоа, во условите стои дека „траншата може да се отплати и еднократно на ден кој е меѓу три и 15 години од денот на повлекувањето“.

    За добиената услуга, државата на ЕИБ ќе и плати еднократна провизија од 50.000 евра, а за неповлечените средства се предвидени 0,10 проценти од заемот на годишно ниво, кои ќе почнат да се пресметуваат по 48 месеци од денот на потпишувањето на Финансискиот договор.

    Вториот износ од 175 милиони евра, што доаѓа како заем од ЕБОР, ќе се користи во две транши: првата во износ од 74.000.000 евра и втората од 101.000.000 евра. И за двете периодот за отплата е 15 години, со четиригодишен грејс период, на 22 полугодишни рати – 20 април и 20 октомври. Стартот на враќањето кај првата транша се означува со „првиот датум од навршување на четвртата година од потпишувањето на Договорот за заем“, а кај втората „од првиот датум од денот на достапноста за користење“.

    Што се однесува до каматната стапка, таа е променлива и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од еден насто.

    Две транши – две еднопроцентни провизии од утврдените износи. Или во првиот наврат државата еднократно ќе и плати на Европската банка за обнова и развој 740 илјади евра, а во вториот 1,01 милион евра. Секојпат во рок од седум дена од ефективноста на траншата. Казната за неискористените средства е 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. За првата транша ќе почне да се пресметува по 60 дена од денот на потпишувањето на Договорот за заем. Истиот период важи и за втората транша, со тоа што пресметувањето на пеналите стартува од денот на достапноста за нејзино користење.

    Од Европската унија, со Договор за заем за макро-финансиска поддршка, ќе се задолжиме со 100 милиони евра. Со цел „овозможување на Владата да ги користи средствата за резерви, за интервенција на пазарот на девизи или како директна поддршка за Буџетот“.

    Заемот ќе се повлекува во две еднакви транши од по 50 милиони евра, за што Министерството за финансии треба да доставува писмени барања до Европската комисија. И заедно со даночните обврзници да се надева дека парите ќе се одобрат со поволни услови.

    „По добивање на барањето, ЕК ќе ги обезбедува средствата од пазарот на капитал, односно ЕК во име на ЕУ ќе започне со емисии на обврзници или какви било други соодветни финансиски трансакции за финансирање. Се очекува заради ААА рејтингот на ЕУ, средствата од пазарот на капитал ЕК да ги добие под доста поволни услови и под истите услови да и ги препозајми на нашата држава.

    За секоја транша ЕК ќе издаде Известување, во кое ќе бидат утврдени конечните финансиски услови за траншата: износот на траншата, датумот на исплата, каматната стапка, датумот на достасување, банкарските провизии, и останатите трошоци за повлекување на средствата“, наведено е во предложениот законски текст.

    Најбрзопотезно е задолжувањето кај Светска банка, постигнато со Договорот за заем за развојни политики за одржливост и отпорност. Износот од 93.800.000 евра ќе биде повлечен во една транша – до крајот на годинава.

    На државата и е дадена „можност да обезбеди финансиски средства за финансирање на буџетските потреби под исклучително поволни услови“, сметаат од Финансии. Притоа, додаваат дека клучните активности што ќе се поддржат се: подобрување на квалитетот на испорака на јавни услуги; попродуктивни работни места во приватниот сектор; зголемена климатска отпорност.

    Условите се – рок за отплата од 11 години, грејс период од четири и пол години, каматната стапка – шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон.

    Позајменото ќе се враќа преку 13 полугодишни рати, кои пристигнуваат за плаќање на 15 јуни и на 15 декември. Почетокот на отплатата е закажан за 15 декември 2028 година.

    Провизијата е 234.500 евра, што е 0,25 отсто од износот на заемот и ќе биде платена еднократно по потпишувањето на договорот за заем. Истиот процент е предвиден и доколку останат неискористени средства.

    „Владата на Република Северна Македонија успешно ги спроведе предложение реформи во повеќе области и затоа доби можност да обезбеди заем за развојни политики за одржливост и отпорност под исклучително поволно услови од Светска банка“, се посочува во предлог законот. Како аргумент дека заеми се добиваат за добро владеење.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично