Во изградбата на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, ќе се инвестираат пет милиони евра, обезбедени како грант од Европската банка за обнова и развој. Договорот е верификуван со потписите на генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев и на претставникот на ЕБОР, Фатих Туркменоглу. На настанот присуствуваа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и евроамбасадорот Михалис Рокас.
Со потпишувањето на овој грант, имплементацијата на двата проекта влегува во завршна фаза.
„Енергетската транзиција е визија за иднина во која ќе има чиста енергија, здрава животна средина и економски просперитет. Реализацјата на овие прокети ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за околу 40 илјади тони годишно, што ќе овозможи рекултивација на 45 хектари земјиште во кругот на РЕК Битола и на РЕК Осломеј, што директно ќе влијае за поздрава животна средина“, нагласи министерката Божиновска.
Според Узунчев, „Осломеј 2“ со просечно годишно производство од 16 гигават часови и „Битола 1“ со просечно годишно производство од 30 гигават часови ќе го зголемат портфолиото на обновливи извори во сопственост на државата. Тоа, пак, ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на стратешките определби на патот кон зелената енергетска транзиција.
„Фотонапонските електрани ќе бидат проектирани и изградени од најкомпетентни понудувачи во согласност со највисоките европски и светски стандарди. Постапката за избор на изведувач за проектирање, набавка, изградба како и евалуацијата на понудите ќе се спроведува согласно правилата и условите на ЕБОР“, нагласи Узунчев, упатувајќи и на придобивките од проектите, во кои ќе учествуваат локални специјализирани компании, вработени во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ преку доедукација, а многумина ќе бидат ангажирани и во работните процеси во новите електрични централи.
Грантот е финасиран од Заедничкиот фонд за Западен Балкан и е доказ за поддршката на декарбонизацијата во земјата, изјави Туркменоглу:
„ЕБОР претходно додели 25 милиони евра за развој и изградба на овој прокет, кој е доказ за непрекинатата поддршка на декарбонизацијата на енергетскиот сектор во земјата. Тоа е одличен пример да се обезбеди алтернативно и одржливо користење на локациите за ископ на јаглен до старите термоелектрани“.
Инвестицијата доаѓа во вистинско време затоа што обезбедува чиста и безбедна енергија, смета Рокас, кој наведува дека мора да се искористат овие можности, изразувајќи надеж дека ова ќе биде само почеток за повеќе инвестиции во оваа област.
„Инвестициските можности се зголемуваат и сигурен сум дека приватниот сектор е веќе подготвен да ги искористи овие можности и да инвестира во земјата“, веи евроамбасадорот.
На повикот можат да се вклучат и домашни и странски компании што ги исполнуваат условите на ЕБОР.