Триглав пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД Скопје и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје вчера го одбележаа завршетокот на четвртото продолжение на едукативната кампања „Засади желба за одржлива иднина“.
Во друштво на своите соработници, како и претставници на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, пензиските друштва премиерно го прикажаа краткиот едукативен филм кој го создадоа во соработка со платформата ВидиВака.
Едукативниот филм ги пренесува основните пораки за реформираниот пензиски систем, ги разграничува трите пензиски столбови и нуди совети за управување со личните финансии наменети за пензионерските денови.
„Се потрудивме накратко да ги сумираме најважните поенти што јавноста треба да ги разбере и запомни. Ние како пензиски друштва имаме многу важна, но ограничена улога во градењето на пензиските заштеди на граѓаните – нивните информирани одлуки и навики за штедење ќе направат најголема разлика во иднината,“ велат претставниците на пензиските друштва.
За време на настанот тие ги истакнаа овогодинешните едукативни активности, коишто покрај препознатливите Пензиски паркови и едукацијата преку веб страницата Пензија.мк, вклучуваа настани со кои ги поттикнуваа граѓаните да поставуваат прашања, беше снимен поткаст серијал и кратки видео пораки за одржлив начин на живот.
„Концептот Засади Желба имаше влијание на сите старосни генерации, нашите активности беа поздравени и од младите и од повозрасните. Поставивме сериозен концепт за едукација на пензискиот систем и го подигнавме начинот на едукација на населението на едно повисоко ниво кое во иднина ќе ни биде мотив за уште поуспешни едукативни кампањи,“ изјави Елена Пачоска, Самостоен соработник за маркетинг и организирање на настани во Сава пензиско друштво АД Скопје.
„Со големо задоволство ја заокружуваме кампањата „Засади желба за одржлива иднина“ која започна на 15 септември по повод Денот на пензиската свесност. Кампањата ја започнавме со акција за садење паркови во паркот Авионче, а продолживме со садење дрвја во две основни, едно средно училиште и еден факултет, демонстрирајќи заедничка посветеност за посветла иднина. Бевме активни и на социјалните мрежи преку поткаст серијал, забавни едукативни видеа, одговори на прашања од граѓаните и едукативни текстови за пензискиот систем, со цел зголемување на јавната видливост за значењето на пензиското штедење. Посебен успех на кампањата е денешната премиера на документарниот филм „Види Вака,“ кој ја истражува работата на пензиските друштва и нивната улога во современото општество. Како и до сега, посакуваме да останеме двигатели на подигнување на пензиската свесност и развој на пензискиот систем,“ додаде Сузана Бошковска Златаревска, Раководител на Секторот за маркетинг и агентска мрежа во КБ Прво пензиско друштво АД Скопје.
„Позитивните реакции од училиштата и академската заедница покажуваат дека интересот за едукација за пензискиот систем е значително зголемен. Благодарност до сите што ја поддржаа оваа иницијатива. Заедно продолжуваме да ја градиме стабилноста на пензискиот систем и довербата во нашата заедничка иднина,” истакна Марина Мартиновска, претставник од Триглав пензиско друштво АД Скопје.
Интересот и свеста на јавноста за пензиското штедење се во пораст, но сѐ уште не се на задоволително ниво. Затоа, како што велат од пензиските друштва, тие ќе продолжат и понатаму да организираат вакви кампањи за едукација преку различни пораки и канали со коишто ќе можат да допрат до граѓани од различни возрасни групи.
Едукативниот филм „Засади желба“ е достапен на онлајн каналите на Пензија.мк и ВидиВака.