Во Новата година поголемиот дел од пензионерите влегоа со празни сметки. Парите од декемвриската пензија стигнаа на вториот ден од јануари. Банките, со некои исклучоци, го задржаа востановениот ред на исплата.
Постои верување кое вели – како ќе почне годината, така и ќе тера. Но, исто така народот кажува – што ќе правиш и што ќе ти се случува на втори јануари, кога според православниот верски календар се слави светецот Игнатиј, тоа ќе те следи и во текот на целата година. Исто така, во народните преданија се прикажува дека токму тогаш и денот почнува да се зголемува. А, Владата ќе се погрижи за остварување на второво, со што ќе се побие првото верување. Уште три месеци, и ќе добијат уште 2.500 денари.
Пензионерите бараа минимална пензија од 20 илјади денари, а ќе добијат 18 илјадарки. Од март најниските пензионерски примања ќе изнесуваат 18.192 денари. Ќе се зголеми и просечната пензија – на 26.258 денари.
Властите се задоволни од ефектите што ги даде првиот дел од линеарката, а ќе биде уште подобро во март, кога ќе уследи и втората половина и целосно ќе се исполни предизборното ветување за пензии повисоки за пет илјади денари.
„Со зголемувањето во септември, најниската загарантирана пензија достигна 15.692 денари и се очекува во март наредната година да стане 18.192 денари. Додека просечната пензија во септември стана 23.758 денари и во март 2025 година се очекува да биде околу 26.258 денари“, информираше пред крајот на 2024 заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
Поради тоа, уверен е дека го поткренале пензионерскиот стандард. Особено меѓу оние од најранливата категорија.
„Со ова зголемување посебно придонесовме за подобрување на стандардот на пензионерите со најниски пензии, кои материјално се најзагрозени категории на граѓани”, смета заменикот-министер.
Веројатно, септемвриското зголемување за 2.500 денари ќе беше поделотворно и доживувањето ќе беше комплетно, доколку се најдеше механизам кој ќе го дестимулираше растот на цените. Пензионерите, како и сите потрошувачи не видоа големо фајде од есенската, а се чини, уште помалку од новогодишната кошница.
До март, кога ќе настапат промените, има време, затоа да видиме што вели статистиката на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за ноември.
Тој месец се регистрирани 340.721 корисник на пензија. Меѓу нив се и тие 88.892 лица кои преживуваат со најниските законски пензии.
Просечното пензионерско примање во ноември изнесувало 23.780 денари или 386 евра.
Во пензионерската структура, најбројни со 35,47 проценти се примателите на пензии од кои се движат 15.693 до 19.409 денари. Станува збор за 120.864 пензионери. Најмалку ги има со примања кои обезбедуваат солиден стандард – повисоки од 59.981 денар. Тие пари стигнуваат на сметките од 3.056 пензионери, кои зафаќаат минимални 0,90 проценти.
Во тој нецел процент се и 27-те корисници на највисоките пензии во државата. Достигнуваат износ од речиси 1.350 евра.
Најниската меѓу најниските пензии сега е 15.692 денари. Во март ќе натежне за 2.500 денари. И ќе стигне до 295 евра. Тоа ќе го почувствуваат 2.354 пензионери, кои претставуваат високи 71,57 проценти.
Инаку горната граница на овие месечни пензионерски примања е 19.409 денари.
Во март 2025 ќе може да се каже дека пензиите за половина година се зголемиле за пет илјади денари. Како дотогаш ќе се движат цените, ќе видиме. Засега е сигурно само тоа дека од декември 2023 до декември 2024 минималната синдикална кошница е поскапа за 6.339 денари. За еден месец качила 840 денари. А, и самиот премиер потврди дека во многу кус период, има поскапувања и до 25 проценти. Каде е тука стандардот? А, пензионерскиот? Состојбата ќе се оправи. Со помош на Владата. Можеби, ќе помогне и светецот Игнатиј.
М.А.