Владата ги почна преговорите со здруженијата на пензионери за зголемување на пензиите. Порталот „Пари“ пребаруваше по податоците од пензиските фондови и по податоците што ги објавувале медиумите за пензиите во своите држави. Податоците покажаа дека Македонија, во однос на Западен Балкан, дури и не стои така лошо во однос на пензиите. Секаде состојбата е лоша, а во моментов, меѓу земјите од Западен Балкан (Македонија, Србија, Црна Гора, Босна, Косово и Албанија) единствено Црна Гора има поголема просечна пензија. Но, исто така, регулативата во регионот, покажа дека во Македонија најрано се оди во пензија, освен жените во Албанија, кои се пензионираат порано од оние во Македонија.
Во фокусот на оваа наша анализа се компарациите на пензиите и на условите за пензионирање меѓу земјите од Западен Балкан и дополнително Хрватска, како земја од поранешна Југославија која меѓу последните се придружи на Европската унија.
ПРОСЕЧНА ПЕНЗИЈА И СТАРОСЕН УСЛОВ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ
Земја | Просечна пензија | Возраст за пензионирање (мажи) | Возраст за пензионирање (жени) |
---|---|---|---|
Македонија | 16.297 | 64 | 62 |
Србија | 15.342 | 65 | 63 години и 4 месеци |
Црна Гора | 18.000 | 66 | 64 |
Босна и Херцеговина | 15.390 | 65 | 65 |
Албанија | 7.750 | 65 | 60 години и 4 месеци |
Хрватска | 24.273 | 65 | 63 |
(вредностите се конвертирани во денари)
Во Македонија има 326.841 пензионери, а просечната пензија е 16.297 денари, покажуваат податоците за јануари што ги објави Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Притоа, најниските пензии се 10.276 денари и ги имаат 3.143 пензионери, додека највисоките се по 59.647 денари, а ги имаат само 69 пензионери. Право на пензија може да се оствари со навршени 64 години возраст и најмалку 15 години стаж, а жените може да изберат да во пензија на 64 или на 62 години.
Во Србија има 1.660.460 пензионери, а просечната пензија во декември 2021 година (за тогаш има последни податоци од трсна на на Републичкиот фонд за пензиско и инавлидско осигурување на Србија) е 29.365 динари (15.342 денари).
Владата на Србија на 20 јануари донесе одлука да исплати парична помош во износ од 20.000 динари (10.450 денари) на сите корисници на пензија.
Границата за пензионирање на жените од 1 јануари годинава се помести за два месеци, така што условот за жените во 2022 година е 63 години и четири месеци старост и најмалку 15 години осигурување. Истите услови како порано и годинава важат за мажите – 65 години старост и најмалку 15 години стаж на осигурување.
Во Црна Гора има 128.000 пензионери и таму просечната пензија е 293 евра (18.000 денари). Услови за стекнување право на старосна пензија за мажи се наполнети 66 години, а за жена 64 години и да имаат најмалку 15 години стаж на осигурување. Исто така, може да се оди во пензија и со 61 година, но со стаж од 40 години, како и со 30 години стаж на осигурување, од кои најмалку 20 години ефективно поминати на работни места во секторите металопреработувачка и рударска индустрија каде осигурувањто се пресметува со зголемено времетраење. Со 20 години стаж на осигурување, во пензија може да отиде еден родител, или стартел кој се грижи за дете со тешки пречки во развојот, без разлика на возраста на детето.
Според Федералниот завод за пензиско и инвалидско осигурување на Босна и Херцеговина, во јануари годинава таму имало 460.635 пензионери, а просечната пензија е 490 конвертабилни марки (15.390 денари).
Во БиХ во пензија се оди на 65 години возраст со најмалку 15 години стаж, или со 40 години стаж, независно од возраста, но има исклучоци кога се оди во пензија и со стаж од 20 години.
Според податоци на Институтот за социјално осигурување (ИСИ), во Албанија има 674.092 пензионери. Максималниот износ на пензија е околу 238 евра, за целосни старосни пензии, целосни инвалидски пензии и полни семејни пензии. За истите категории минималниот износ на пензија е околу 119 евра месечно.Социјалната пензија пак е 65 евра. Оваа пензија ја добива секој албански државјанин, кој наполнил 70 години, има постојан престој во Албанија најмалку во последните пет години и не ги исполнува условите за ниту еден вид пензија од шемата за задолжително социјално осигурување. Што се однесува до различните категории на пензии, просечната пензија во Албанија е 15.320 леки (7.750 денари).
Законската регулатива во Албанија предвидува право на полна старосна пензија на возраст од 65 години за мажи и 60 години и четири месеци за жени со најмалку 35 години и осум месеци придонеси. Возраста за пензионирање се намалува на 55 години кога се плаќаат придонеси за најмалку 30 години на мајки со шест или повеќе деца на возраст под осум години. Делумана пензија се остварува со возраст од 65 години за мажи и 60 години и четири месеци за жени со најмалку 15 години стаж. Предвремените пензии се намалени пензии, кои се плаќаат до три години пред нормалната возраст за пензионирање со најмалку 35 години и осум месеци придонеси.
Во Косово има околу 165 илјади корисници на пензија, од кои старосна пензија примаат околу 121.000 граѓани на возраст над 65 години, додека бројот на пензионери кои плаќале придонеси е само 43.000.
Владата на Косово на седницата на 12 јануарии донесе одлука за зголемување на пензиите за одредени категории граѓани, со што повеќе нема да има пензии под 100 евра. За годинава се најавени и пензиски реформи.
Во Хрватска има 958.000 корисници на пезнија (без оние со меѓународни договори). Просечната пензија е 2.977 куни (24.273 денари). Право на старосна пензија таму се стекнува со навршени 65 години и најмлаку 15 години стаж. За жените има преоден период на зголемување на периодот за пензионирање. Годинава, тие ќе може да се пензионираат со 63 години, а во 2030 година ќе се изедначат со мажите и во пензија ќе одат на 65 години.
Редакција Пари